Бојан Маричиќ: „ВМРО-ДПМНЕ не блефира. Нема да го почитува Преспанскиот договор“

Политиката на ВМРО-ДПМНЕ бргу ќе доведе до ескалација на односите со Грција, Бугарија и ЕУ и ќе се вратиме во филмот дека нас никој не нѐ сака, вели Маричиќ

Љупчо ПОПОВСКИ

Бојан Маричиќ, вицепремиер, меѓународен секретар на СДСМ и кандидат за пратеник, е сосема сигурен дека ВМРО-ДПМНЕ не блефира кога вели дека нема да го почитува Преспанскиот договор. Во разговорот за „Независен“ тој вели дека „нема потреба да се поништува Преспанскиот договор, доволно е да се престане да се почитува. Тоа ќе биде доволен аргумент за Грција да стави блокада“. Според него, затоа не треба да се потценуваат најавите на опозициската партија.

Маричиќ вели дека досега во техничката влада не бил доставен предлог од министерот за надворешни работи за напуштање на „Отворен Балкан“ и не гледа причина зошто токму сега, во предизборието, би се расправало за оваа иницијатива. Тој мисли дека таквите најави се дел од изборната кампања. Маричиќ е на став дека повикот на ВМРО-ДПМНЕ за собирање на сите што се против уставните измени (Левица и ЗНАМ) и не се лоши, туку дека тоа е добро за државата, бидејќи ќе имало раздвоени два блока.

Прашањето за можното излегување на Македонија од „Отворен Балкан“ неочекувано стана дел од изборната кампања, но уште повеќе за односите во владејачката коалиција. Дали кога министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека ќе предложи до Владата Македонија да излезе од „Отворен Балкан“ имал претходни консултации во Владата и дали излегува надвор од неговите ингеренции бидејќи станува збор за технички кабинет?

Се работи за предизборна дискусија и за предизборно соочување на аргументите за „Отворен Балкан“. Да не беше така прашањето ќе се овореше многу порано. Знаеме дека инцидентот во Бањска се случи лани во септемри и имаше доволно време досега на тој начин да се отворат прашањата. Иницијативата „Отворен Балкан“ се случи во еден деликатен момент по француското вето во 2019 за нас и за Албанија, кога беше јасно дека во скоро време нема да има почеток на преговорите со ЕУ, а од друга страна имаше блокада во Берлинскиот процес. Таа иницијатива не дојде на ниво на министри, туку е идеја на тројца лидери, тогашниот премиер Зоран Заев, српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама. Таа иницијатива беше поддржана од САД и со присуство и со јавни изјави, а во одредена фаза и комесарот Оливер Вархеји даде поддршка. Целта на таа иницијатива беше тој вакуум простор по блокадата од Франција да испорачаме конкретни резултати за нашите граѓани.

Таа иницијатива не е против некого, ниту за некого, во неа учествуваат три држави и ние инсистиравме на две работи: сите одлуки да се носат од трите држави и да останат вратите отворени и за други земји од регионот. Кога се случи инцидентот во Бањска Албанија најави преку премиерот Рама дека сега фокусот треба да биде на Берлинскиот процес и да се фокусираме на форматот на сите шест држави. Потоа продолживме во форматот на Берлинскиот процес, имаше само еден протокол потпишан од „Отворен Балкан“ за мобилност на работната сила, односно признавање на работните дозволи.

Не гледам причина зошто сега ние би дискутирале за учество или неучество на „Отворен Балкан“, особено што во него нема нови иницијативи или нови точки, бидејќи самата иницијатива е ставена во некакво мирување и активностите продолжуваат во рамите на Берлинскиот процес. Во овој момент не гледам никаква причина ние да носиме некаква одлука, особено не како техничка влада за натамошното учество.

Дали министерот Османи тоа го споменал на некоја од седниците на техничката влада?

На седниците на кои јас присуствував не се сеќавам дека било отворено ова прашање, а имам пропуштено само една седница на техничката влада. Нема такви записи ниту на отворена ниту на затворена седница.

Би било крајно штетно за нашите граѓани да ги поништиме сите придобивки од оваа иницијатива. Тие иницијативи донесоа конкретни придобивки и за граѓаните и за економијата и нив треба да ги негуваме и имплементраме. Не гледам како би се враќале назад и сметам дека не треба да се враќаме назад.

Друго прашање од кампањата беше коспонзорството на Македонија на резолуцијата за геноцидот од Сребреница. Македонија многу пати досега се има изјаснето за ова масовно убиство. Во јавноста и ова коспонзоство се перцепира како дел од изборната кампања. Дали ова на одреден начин ги вознемири односите со Србија?

Ние седум години имавме внимателна политика со сите соседи со пријателство и разбирање, блискост со сите. Нормално, задржувајќи ги своите стратешки позиции. Ние за Сребреница го дефиниравме ставот многу одамна. Во 2010 година нашето Собрание ја поддржа Резолуцијата на Европскиот парламент со гласови од сите политички партии. И во овој случај кога се гласа во Обединетите нации ние немаме дилема дека  нашиот став е на страната на жртвите, дека се осудува геноцидот и дека тоа треба да се одбележува за да не се повтори. Но не да се стигматизира цел еден народ, во овој случај српскиот народ. Нашата позициија не треба да се гледа дека е против Србија или српскиот народ, со кого што имаме многу заеднички точки и во историјата и во денешницата и имаме добра соработка. Треба да внимаваме во односите со сите соседи, но тоа не значи дека ние сме го смениле ставот во случајот со Сребреница.

Во кампањата ВМРО-ДПМНЕ, Левица, ЗНАМ најавуваат дека доколку дојдат на власт би ги напуштиле или ревидирале Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство со Бугарија, па некои и дури заговарат укинувување и на Охридскиот договор. Дали е тоа само дел од кампањата или пак стојат реални политички намери.

Ние повторуваме во кампањата дека ВМРО-ДПМНЕ задушувајќи се во својата безидејност, во немањето план како да се водат добрососедските односи и како да се водат европските интеграции, прибегнува кон радикални идеи и чекои коишто на Македонија ќе ѝ нанесат сериозна штета. И ние не сметаме дека тие блефираат. Јас сум убеден дека многу скоро ќе ескалираат односите со Грција, имајќи предвид кој е односот на ВМРО-ДПМНЕ кон Преспанскиот договор. Тоа значи дека нема потреба од поништување на Преспанскиот договор. Доволно е да не се почитува понатаму. Да се практикува употребата на претходното уставно име и да не се користи во меѓународна и домашна комуникација.  Тоа ќе биде доволен аргумент за Грција да стави блокада.

Не секогаш беше доволно добро објаснето во јавноста зошто ЕУ е нашата стратешка цел (Фото: Б. Грданоски)

Како би можело да изгледа комуникацијата на таквата нова македонска влада со институциите на ЕУ, дали тие ќе стават блокада? Ќе се обраќа држава до ЕУ со име кое веќе не е тоа?

Апсолутно немајте дилеми дека тоа ќе ги комплицира односите и со ЕУ и со сите други. Затоа велам – не мислам дека ВМРО-ДПМНЕ блефира. Напротив, со нивната политика многу бргу ќе доведе до ескалација на односите со Грција, Бугарија и Европската унија и дека повторно ќе се вратиме во оној филм дека нас никој не нѐ сака. А дека ние сме секогаш и за сѐ во право и ќе чекаме подобри времиња ЕУ да се смени, да одлучува без Бугарија, без Грција, без не знам кого, за да дојдеме до нашата стратешка цел членство во ЕУ. Со други зборови – никогаш. Затоа мислам дека треба сериозно да се сфатат овие наводи на ВМРО-ДПМНЕ, да не се потценуваат. Со сите пропусти ние не велиме дека ЕУ беше секогаш фер со нас, ниту велиме дека сите нивни одлуки се правилни. Но исто така она што нѐ води, нашата мотивација е остварување на стратешката цел. И ние го покажавме тоа овие седум години, иако тоа можеби секогаш не беше доволно добро објаснето во јавноста, дека може да се зачуваат националните државните интереси и притоа да се оди напред и во членството во НАТО и во преговорите со Европската Унија.

Имаше повеќе најави од Грција дека треба да се почитува Преспанскиот договор, но не сакаат да се мешаат и да не ја поттикнуваат страста во кампањата. Дали има некои други забелешки кои стигнуваат од Грција?

Секако дека во имплементацијата на Преспанскиот договор има одредени прблеми. Некои спортски федерации не го имплементираат договорот, Грција сѐ уште ги нема ратификувано трите меморандуми во нивниот парламент, сообраќајните табли итн, меѓутоа генерално има разбирање. Ние го имаме решено крупниот проблем, тоа е географската додавка на нашето име и целосно признавање на нашиот идентитет од страна на Грција, без ниаккво оспорување на македонскиот јазик, етничката припадност… тоа е веќе завршена приказна. Затоа во наш интерес е Преспанскиот договор да се имплементира целосно и до крај, затоа што ние го вградивме македонскиот јазик и идентитет во тој Договор. Исто како во Преговарачката рамка. Придобивките од тој компромис во кој спаѓа и Преговарачката рамка се и потпишувањето на договорот со ФРОНТЕКС на македонски јазик, да можеме да го користиме македонскиот јазик во комуникација со Европската унија и да не може тоа никој да го оспорува.

ВМРО-ДПМНЕ и Нова демократија се дел од заедничкото семејство на Европската народна партија. Грчкиот премиер Мицотакис е многу важен фактор во сегашната структура на ЕПП. Како две партии кои се од исто семејство не можат да најдат разбирање за Преспанскиот договор и речиси воопшто да немаат меѓусебни односи.

Има повеќе причини за тоа. За жал, Нова демократија се однесува многу поодговорно кон Преспанскиот договор од ВМРО-ДПМНЕ, иако беше против кога тој беше усвојуван во грчкиот парламент. Меѓутоа, особено откако претседател Џо Бајден го стави Преспанскиот договор како еден од столбовите на регионалната стабилност во својата извршна одлука мислам дека нема дилеми кај ниту еден сериозен политичар дека договорот треба да се почитува и имплементира, бидејќи донесе крај на еден долгогодишен спор, наше членство во НАТО и ја отвори нашата европска перспектива. Тоа не сакаат да го разберат доволно, или не сакаат да го разберат или не им е гајле на колегите од ВМРО-ДПМНЕ. Инаку, Нова демократија и ВМРО-ДПМНЕ не припаѓаат во исти табор во ЕПП. Знаеме дека ВМРО ДПМНЕ е многу поблиска до ФИдес, партијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан, иако таа веќе не е членки на ЕПП. Мицкоски не објави дека ќе ја прави програмата со ЕПП, туку дека ќе ја прави со Фидес.

Изборната порака на германскиот канцелар Олаф Шолц има големо значење за СДСМ дека сме на вистинскиот пат со вистински пријатели, вели Бојан Маричиќ (Фото: Б. Грданоски)

Има една парадоксална ситуација во кампањава. Оние што се против Преспанскиот договор сега зборуваат за НАТО. Стевчо Јкимовски вели дека треба да се прават болници според НАТО стандарди. Гордана Силјановска-Давкова вели дека вооружувањето и изборот на кадрите во Армијата да бидат согласно стандардите на НАТО. Како го толкувате тоа?

Тоа значи дека сме воделе правилна политика до сега. Ако нашите политички противници прифаќаат дека ние функционираме по НАТО стандарди или дека треба да функционираме по нив, тоа значи дека нема друга опција и дека и тие се свесни за тоа. Сѐ друго е само егзибиции, експерименти и избегнување на нивната одговорност од цеиот процес на интеграцијата во ЕУ. Кога ние се боревме за Преспанскиот договор, тоа тие го означуваа како предавство. Ние не можевме да влеземе во НАТО на друг начин. За жал, истата е ситуацијата сега со францускиот предлог и усвојувањето на уставните измени. После неколку години ќе слушнете од нашите политички противници најдобри зборови за францускиот предлог, но нега нивните тези се извонредно опасни за државата и за нејзината иднина.

Немањето план, тие слатки но многу скапи заблуди на ВМРО-ДПМНЕ нѐ чинеа многу во минатото. И тогаш чекавме НАТО да ги смени условите за да влеземе во него и тоа не се случи. Слушам дека ВМРО-ДМНЕ циркулира некој предлог повторно да разговараме со Бугарија дали може да направат некаква отстапка. Тоа е само губење време, евтин популизам, кој ќе ни донесе само изгубено време. А сите наши соседи од Западен Балкан, плус Украина и Молдавија веќе одат напред. Украина и Молдавија веќе го почнуваат скринингот, ние им ги дадовме материјалите за да се подготват подобро. Што поскоро се откажат од своите заблуди и да го постигнеме тој консензус за ЕУ побрзо ќе влеземе во Унијата и граѓаните ќе бидат позадоволни. Наредните четири години имаме избор – дали ќе преговараме со ЕУ или ќе преговараме со Бугарија. ВМРО-ДПМНЕ нуди да преговараме со Бугарија. За нас разговорите со Бугарија се завршени, имаме Преговарачка рамка, ние сакаме да продолжиме да преговараме со ЕУ.

Што ќе се случи ако се отвори Преговарачката рамка?

Ние се боревме во 2022 година тнр. „бугарско поглавје“ да не влезе во преговорите. Тоа што го има Србија со Косово, поглавје 35. Имаше една таква идеја да има такво поглавје и во нашата Преговарачка рамка. Тогаш во тој случај ќе требаше да се плашиме дека Бугарија ќе има инструмент поглавје преку кое бескрајно ќе наметнува нови услови. Една од работите што може да се случи ако тргнеме да ја поништиме Преговарачката рамка и да преговараме сосема нова и да имаме бугарско поглавје преку кое Бугарја ќе има многу поголема контрола врз преговорите отколку сега. Ние се договоривме со оваа Преговарачка рамка да нема билатерални прашања, освен условот што го презедовме да ги додадеме Бугарите во Уставот.   

Сите други прашања и билатералните прашања ќе ги решаваме со протоколи и билатералните комисии меѓу Македонија и Бугарија, не преку Европската комисија. Затоа, менувањето на Преговарачката рамка е екскурзија, експеримент кој ќе донесе само штета на Македонија.

Бујар Османи рече дека има некаков пишан документ меѓу партиите на Албанците да не учествуваат во влада на ВМРО-ДПМНЕ ако претходно не се усвојат уставните измени. Арбен Таравари рече дека имал таков џентлменски договор со Али Ахмети. Дали СДСМ е вклучен во дел од таа нивна комуникација и услови за влегување во влада каде што би била и ВМРО-ДПМНЕ?

Ние не сме вклучени во тоа, но оправдани се резервата и стравот на сите политички партии од застојот на евроинтеграциите. Не знам детали околу таа иницијатива, но мислам дека е логично ако ние не сакаме да ги изгубиме наредните четири години секој сериозен политички фактор сака да го отвори ова прашање за да знае што може да се очекува. Затоа велам дека СДСМ ќе биде столб на наредната влада, која ќе пристапи кон овие прашања и на европските реформи. Тука има и други прашања кои се наведени во нашата Програма и кои мора да ги решиме. Реформа на јавната администрација, реформа на судскиот систем, ветинг за функционерите и ние тие работи ќе ги претставиме при разговорите за формирање на идната влада. Уставните измени за СДСМ се апсолвирана работа, мора да се случат.

Не можевме да влеземе во НАТО ако го немаше Преспанскиот договор, тврди Маричиќ (Фото: Б. Грданоски)

Доколку ВМРО-ДПМНЕ освои најмногу гласови и по најавата на нивниот лидер дека ги прекинуваат нападите против Левица и ЗНАМ, тоа очигледно е концепт во најава како може да се формира новата влада. Ве изненади ли оваа најава, како би се рефлектирало тоа на изборите?

Овие три политички субјекти ги спојува една работа, а тоа е противењето на уставните измени и мислам дека токму таков блок планира да формира ВМРО-ДПМНЕ. Блок кој што ќе нѐ заглави во темата уставни измени. Не гледам друга логика и не гледам кој друг ќе се придружи на таа тројна коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ, Левица и ЗНАМ кога основата на таа коалиција е анти-ЕУ и анти-НАТО и едноставно задржување на статус-квото. Не е реално тие три партии да бидат блиску до 61 мандат, тоа е реално само во лажните анкети презентирани на МТВ. За Левица е јасно и тие отворено кажуваат дека не се за ЕУ и НАТО. Прашањето е како ќе се постави ЗНАМ во оваа ситуација и од нив зависи дали ќе се приклучат на тоа друштво. Ние сме фокусирани на граѓаните и наизборите. Јас сум убеден дека во првиот круг најуспешен кандидат ќе биде Стево Пендаровски и ќе победи во вториот круг, а тоа ќе донесе атмосфера во која што СДСМ ќе биде победник на изборите и со коалицијата „За европска иднина“ ќе ја формира следната влада. Ние ги признаваме грешките, но имаме јасен план за иднината на државата, сѐ друго ќе биде враќање назад. Овие повици на ВМРО-ДПМНЕ за собирање на сите што се против уставните измени мислам дека и не се лоши, туку дека е добро за државата да имаме раздвоени два блока.

Според многу анкети што се прават и од меѓународни релевантни организации во Македонија има доминантно проевропско расположение, а СДСМ како исклучително проевропска партија не профитира од тоа. Каде е проблемот?

Ние не сме работеле на прашањето на европските интеграции за да профитираме на тоа. Тоа е делот на проблемот како се објаснува ова. Второ, мислам дека искрена и длабока желбата на сите македонски граѓани да станеме членка на ЕУ и таа не е врзана со поддршката на една партија. Исто така, се должи на фактот дека има едно разочарување кај граѓаните од некои пропусти на СДСМ, но има и разочарување од сите оние блокади со кои се соочивме во последните неколку години. Особено од 2019 година до денес, кои на некој начин го ослабнаа оној првичен ентузијазам кој го имаше по Преспанскиот договор. Нормално, тоа сигурно е врзано и со слабости на владата. Не го гледаме тоа како нешто изненадвачко, но се обидуваме да им објасниме на граѓаните дека и покрај сите слабости кои ги има и владата и СДСМ, европската агенда, европската интеграција е најдобриот механизам да го одржиме патот што го сакаат граѓаните. Поддршката за ЕУ е натпартиска и не е за очекување дека сите што се за ЕУ се за една партија.

Како ја оценувата досегашната кампања и на СДСМ и на Стево Пендаровски?

Во однос на делот на комуникација со граѓаните и мобилизација на поддршката кампањата тече одлично. Ние сме презадоволни од тоа како реагираат граѓаните на нашите активности и на претседателскиот кандидат. И нашите анализи покажуваат дека расте поддршката како што тече кампањата.

Пораката на германскиот канцелар на Олаф Шолц за поддршка на СДСМ и на Ковачевски и Пендаровски, беше прилично бомбастична за македонската јавност. Досега не се случило еден германски канцелар на ваков начин да се вклучи во македонска кампања за избори. Колку ви значеше тоа и како го издејствувате?

Тоа ни значеше многу. Го побаравме како поддршка од канцеларот Шолц во директни разговори со неговиот тим и на средбата што Ковачевски ја имаше со него на конгресот на ПЕС во Рим. Секако тоа немаше да се случи ако и Германија и канцеларот Шолц не нѐ поддржуваа сето ова време. И кога ние велиме дека Македонија има пријатели, дека нашите политики имаат поддршка, така ги остваруваме нашите интереси, со тие пријатели. Овој чин на јавна и недвосмислена поддршка на канцеларот Шолц за Ковачевски, СДСМ и Пендаровски само го потврдуваат тоа. Канцеларот Шолц ги уважува политиките што оваа влада ги направи за Македонија да оди напред, а ќе имаме и други такви јавни поддршки што ќе дојдат наредниве денови.

Треба да знаете
Moже да ве интересира