Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Еркан Ќаил е прв лиценциран делегат на Кошаркарката федерација како лице со посебни потреби, единствен во Европа

Еркан Ќаил е вистински пример за се она што лицата со попреченост можат да го постигнат. Тој е првиот лиценциран делегат на Кошаркарската федерација на Северна Македонија како лице со посебни потреби. Исто така единствен во Европа.

Со Еркан Ќаил разговараше Хусамедин ГИНА

За порталот Рацин.мк Еркан преку лично искуства ни долови како изгледа еден негов професионален ден откако од страна на комесарот ќе биде назначен за делегат на одреден кошаркарски натпревар.

Пред интервјуто имавме чест да пиеме кафе со него и да разговараме за неговиот подвиг. Го раскажа патот како стигнал да стане кошаркарски делегат. Меѓу другото се осврна и на секојдневните тешкотии со кои се соочуваат лицата со посебни потреби во земјата.

Еркан го краси позитивноста, оптимизмот, скромноста и љубовта кон спортот. Животот го гледа низ розеви очила. Понекогаш во текот на разговорот бевме сведоци и за тоа како се шегуваше со неговата попреченост.

Триесет годишниот Еркан Ќаил роден е и живее во Скопје. Веќе 7 години работи во приватен пензиски фонд во секторот за маркетинг и грижа на членство. Ги сака сите спортови. Одлуката да стане делегат на кошаркарски натпревари ја носи поради објективни причини.  Условите да биде делегат на кошаркарските натпревари за него, како лице со посебни потреби се по практично.

„И да врне, и снег да паѓа јас сум во затворен простор. Тоа не може да го има на фудбалските натпревари“, вели Еркан.

Истакнувајќи дека околу четири години постојано да оди на кошаркарски натпревари  Еркан рече дека како хоби и на доброволна основа води записници, го прати времето и ги регистрира поените на екипите.

Но еден ден, како што вели Еркан, еден од подобрите судии на Кошаркарската федерација Игор Митровски го прашува дали сака да биде делегат и дали ја прочитал книгата за правилата во кошарката игра.   

 „После 4 години, исто така еден мој драг колега,  којшто е судија во Кошаркарската федерација, мислам еден од подобрите Игор Митровски, он исто така ме праша што направив дали ја научив книгата и дали би сакал да бидеш делегат. Јас реков книгата ја знам, правилата се тие. Но мора некој, нели да ми помогне за да влезам на испит за да полагам. И така од тој ден ме предложи за да одам на испит. Полагав, го положив испитот. И така официјално од 2019 година од 9 месец влегов во листата на судии – делегати во Македонија“

Еркан како лице со посебни потреби е првиот и единствен лиценциран делегат на Кошаркарската федерација. Исто така единствен и во Европа. Наведувајќи дека многу е добро чувството да се биде единствен во Европа, Еркан рече дека сака да преставува пример  и за други лица со попреченост.  

Многу убаво чувство е, што се вика да си единствен. Но, не е чувството само ти да си задоволен. Туку да гледаш во иднина да на некој да му покажеш дека може и некој друг ако е во ситуација, дека би можел, ако е посветен, ако го сака тоа да го направи. Дека може да го постигне тоа. А за во Европа, за којшто прашував и јас, немало, но се надевам  понатака дека може ќе има и некој друг што ќе се бави со ова, како професија фактичка се рачуна“.

Еркан моментално е лиценциран делегат за Кошарка прва лига жени, Кошарка втора и трета лига мажи и јуниорската кошарка. Секој ден учи нешто, и се надградува. Постојано ја следи страницата на Меѓународната кошаркарска федерација (ФИБА) за да ги нотира сите новитети.

„Доста време вложив во ова. Мислам активно 10 години следам кошарка. Којшто на секоја утакмица се учи нешто ново плус. Не е само си научил книгата и толку си завршил. Туку ова е убаво што, на пример ФИБА правилата секоја година нешто менува. Нешто додава, нешто одзема. Мислам кошарката напредува, оди напред. Се следат некои, нели паметни работи што ќе ја подобрат кошарката“

Еркан и во секојдневието и како делегат се соочува со проблеми во пристапноста. На многу места нема пристапни рампи, нема лифтови. А тоа не дозволува да функционира нормално.

Истакнувајќи дека во Македонија само новите сали имаат обезбедено пристапност за лицата со посебни потреби, Еркан рече дека на лицата со посебни потреби треба да им се обезбеди да можат да ги гледаат спортските натпревари.

„Мислам и тие лице заслужуваат да бидат дел од некој настан“, нагласи тој.

Додавајќи дека постојано ја следи Евролига и АБА лигата, Еркан нагласи дека најмногу е посветен на македонската кошарка, бидејќи може да ги гледа ви живо и секој ден да учи нешто ново како делегат.

Еркан за две до три години планира да стане и делегат во Кошарка прва лига мажи. Според него, тоа е најјакото натпреварување во моментот во земјата. За тоа вложува голем труд, постојано оди на натпревари и тие натпревари ги набљудува како делегат за да го стекне потребното искуство. Неговата главна цел, секако е да стане ФИБА делегат.

„Мојата главна цел како прво да стигнам како делегат во првата лига на Македонија, бидејќи тоа мислам нај, како што е пропишано, како да кажам најјаката лига кај нас е првата машка лига. Али мислам дека најголемо достигнување би било ако евентуално за година, за две да би полагал, би сакал да бидам ФИБА делегат кај што може ќе добијам некој натпревар надвор Македонија кај што ќе видам нови работи, нови култури, нови луѓе, нели. Едноставно на секој главна цел е да биде ФИБА судија или ФИБА делегат“

Еркан за прв пат како официјален делегат е назначен на 10.02.2020 на кошаркарскиот натпревар на категорија на играчи од 14 годишна возраст.

На натпреварот како делегат има сложена задача. Ги контролира помошните судии, тие што седат на записничката маса. Потоа контролира дали на натпреварот има медицинска екипа и обезбедување. Ги прегледува лиценците на играчите и кои службени лица можат да седат на клупата за резервни играчи. Како делегат го набљудува и однесувањето на публиката и го нотира тоа.  Исто така контролира дали салата е технички подготвена за натпреварот и дали семафорот е во функција. Еркан за секој натпревар се подготвува посебно. Откако ќе биде назначен за делегат ги анализира екипите, со особен фокус на играчите кои се проблематични во текот на натпреварот.

Треба да знаете
Moже да ве интересира