Ковачевски: Ја преземам одговорноста за сите грешки и успеси на Владата што ја водев

Граѓаните се изморени од процесот на европска интеграција, понекогаш и јас го чувствувам тоа, но тоа е единствениот процес кој во државата може да донесе позитивни промени

„Ако некој добро знае што зборуваат граѓаните, тогаш тоа сум јас. Точно знам дека граѓаните се незадоволни од дел од работите што се случуваа изминатиот период во однос на цените, владеењето на правото, борбата со корупцијата. Можам да кажам дека ако некој е одговорен за тоа, со оглед дека јас бев две години премиер, тогаш јас сум одговорен и ја земам одговорноста и за грешките и за успесите“ рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во интервју за „Фронтлајн“.

Тој додаде дека во овие два и пол месеци, откако не е веќе премиер, има голем број на партиски активности и секојдневно е на средби со граѓаните.

„Граѓаните се изморени од процесот на европска интеграција, понекогаш и јас го чувствувам тоа, но тоа е единствениот процес кој во државата може да донесе позитивни промени. Заради тоа знам дека граѓаните ќе изберат опција на изборите која ја предводиме СДСМ и Коалицијата за европска иднина и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски“ рече Ковачевски.

Претседателот на СДСМ додаде дека на тој начин граѓаните може да изберат извесна европска иднина за Македонија.

„Го честитам Светскиот ден на Ромите. Тие претставуваат едни од најлојалните и вредни граѓани на нашето општество и заслужуваат унапредување на нивните права. Се уште треба да се работи на тоа, во секој смисол“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека потребно е да има повеќе Роми кои ќе учествуваат во управувањето со важни процеси во државата и се заложи дека во следниот мандат ќе се обиде да го направи тоа.

„Ние како Влада обезбедивме објекти за згрижување на деца, нови градинки. За 200 деца во Шуто Оризари се обезбеди бесплатно присуство во градинки. Неколкукратно го зголемивме бројот на стипендии за деца Роми. Само во Шуто Оризари, каде има најголем број на Роми, има 900 стипендии за средно образование, кои се со зголемен износ“, рече Ковачевски.

Претседателот на  СДСМ додаде дека преку еден милион евра биле инвестирани во местата каде што живеат Ромите со цел подобрување на инфраструктурните потенцијали и условите на Ромите кои живеат таму.

„Формиравме една посебна мерка во однос на можноста Роми да инвестираат во сопствени бизниси и да направат формализација на сопствените бизниси. 200 сограѓани ја искористија таа можност“, рече Ковачевски.

Треба да знаете
Moже да ве интересира