Ретки се приликите кога може да се направи интервју со Иван Поповски, театарски и оперски режисер со меѓународно реноме, којшто е етаблиран во највисоките кругови на рускиот театар.
Ја „грабнавме“ можноста да го направиме ова интервју додека беше на уште еден привреме престој во Македонија за да остави уште еден театарски бисер на театарската сцена.
Овој пат тој бисер е претстава „Татко“, според Флоријан Зелер, на сцената на Албанскиот театар во Скопје со премиера на Охридско лето и со скопска премиера на матичната сцена во Скопје.
Во ова интервју Поповски, меѓу другото, вели „театарот треба да носи светлина. Треба да наоѓа излез. Во најтрагичните приказни мора да има свет на крајот, светлина. Не треба да го утепа, да го доутепа гледачот“.
И уште вели „театарот може да владее, може да ја обзема, може да ја восхитува, може да и дава храна на душата.
Со Иван ПОПОВСКИ разговараше Зоран БОЈАРОВСКИ
Ќе искористам еден наслов на почитуваната Искра Гешоска кога во 2017 година напиша еден омаж, една посвета за тебе и за твојата работа со наслов „Иван се враќа дома“. Тогаш дојде со три твои претстави и направи своевиден фестивал, а културната јавност беше возбудена и почестена зашто доби шанса да види твои претстави работени на твојата матична сцена, театарот „Мастерскаја Фоменко“, со руски актери. Посакавме навистина да се вратиш, но сфативме дека од твојата работа како режисер, веќе е создаден автентичен театарски концепт кој е етаблиран во руската театарска средина и веќе меѓународно признат, и дека, вусшност, ќе те гледаме само како „гостин“ дома. Потоа следуваше големото „враќање дома“ со „Мајсторот и Маргарита“, еден од ретките спектакли какви што има доживеано МНТ, па еден обид тука во Македонија во 2023 година да поставиш еден постојан, нов културен бренд „АртАктУм“ со твојата сопруга Татјна Дешко. Еве не оваа година со уште една соработка со Бајруш Мјаку, после сега веќе легендарната „Дневникот на лудиот“, првенецот на Албанскиот театар во Скопје со претставата „Татко“ од Флоријан Зелер.
Што има заедничко во тие „враќања“ на Иван Поповски дома?
Името, насловот на фестивалот во 2917 беше „Иван се враќа дома“ заради тоа што претходно многу години Иван не се враќаше со претстави. Се враќаше секоја година по неколку месеци, дури по три месеци на одмор, во главно во Охрид.
И се занимаваше со протести подобар Охрид, за Охридското крајбрежје, за нашата татковина.
Во таа 2017, благодарејќи на една крупна руска банка ВТБ, имавме можност да донесеме три претстави со многу луѓе, со, многу скании, со сценографија и со една голема агенда на тие претстави тука, за жал претходно тоа беше невозможно.
МОТ веќе немаше можност и шанси да носи големи претстави. Не паметам која година беше кога, но за да се донесе една мала моја претстава од Москва кошташе пола буџет на фестивалот.
Трагично и жалосно е тоа, ама да не беше овој случај со рускиот спонзор, немаше да имаме можност да ги играме тие претстави. Сега, за жал, такви времињата… Јас повторно би сакал и можеби не со три, може со пет, може со седум претстави коишто се во моментов на репертоар на нашиот театар да дојдеме, ама за жал, сега тоа е невозможно.
Од друга страна „АртАктУм“ на почеток го замисливме да биде „театар на платно“. Татјана Дешко, организираше неколку проекции. Пина Бауш со Кафе Милер, „Лебедово езеро“… и некои претстави кои што од различни причини веќе не се играат на сцена и невозможно е да ги види македонската публика, а и други претстави од причини што финансиски или технички не е возможно да се донесат.
Идејата беше големи претстави, моќни претстави, значајни претстави, да дојдат и да и да и се претстават на публиката во Македонија, во Скопје на платно.
Понатаму доколку тоа има развој, доколку има, доколку се појават, спонзори, мецени коишто ќе можат тоа да го финансираат тоа, понатаму да се донесат и претстави во живо.
Имаше други проекти тука поврзани со „АртАктУм“. Да имаме и циркус и со циркуски претстави коишто се нешто помеѓу театар, помеѓу перформанс, помеѓу балет, помеѓу кореографија, помеѓу циркуси, коишто се веќе уметност.
За ова мое враќање, во 2026 година, заслужен е Бајруш Мјаку. Не поврза и решивме да го правиме „Татко“ од без разлика колку пари ќе имаме. Јас сум среќен дека ја направивме претставата заради тоа што тоа му беше многу значајно на Бајруш. Јас ретко правам современи текстови. Ова беше негов избор.
Јас прочитав драмата и се виде дека има многу, многу интересен театарски, јазик. Ми испровоцира и го гледав филмот со Ентони Хопкинс, што сепак е малце страшно после него да правиме театарска претстава заради тоа што се работи за голем актер.
Но јас мислам дека Бајруш Мјаку, на нашиве простори е еден од последните, ако не и последен Мохиканец, кој што може да игра големи улоги, како голем актер.
За жал, нашата средина недоволно го користи или го користела неговиот моќен талент, неговата моќна појава, неговата индивидуалност, неговиот внатрешен свет.
Покрај него има многу интересна, многу добра актерска екипа. Со целата екипа сум многу среќен и задоволен.
Заборавив да кажам уште нешто за „АртАктУм“.
Третиот чекор и најголем, беше да се направи голем културен центар и имавме идеа тоа да биде напуштената фабрика во населбата Хром. Такво место, таков центар на Скопје му е неопходен.
Го замисливме како центар зан уметници кои што ќе најдат таму кров над глава, кои што ќе можат да најдат свои места за работење, свои галерии, свои места каде што ќе можат да се забавуваат и да поминуваат време, да разменуваат мислење, искуства, да добиваат, инспирација и така натаму.
Инаку „АртАктУм“ е проект на мојата сопруга Тања, која што има големо искуство во работа со меѓународни проекти и во театарот каде што работевме заедно на Фоменко и на огромен број на претстави. Имаше и меѓународни проекти, групи што доаѓаа од странство на тој фестивал, претстави од Русија, најдобрите претстави кои што одеа надвор од Русија.
Така што јас во случајот со „АртАктУм“ повеќе сум како поддршка, повеќе сум како советодавно тело, повеќе сум заедно да ги избереме претставата, да одлучиме таа, оваа или онаа претстава и во што ќе гледате овие претстави што.
Бајруш Мјаку, на нашиве простори е еден од последните, ако не и последен Мохиканец, кој што може да игра големи улоги, како голем актер.

Велиш „јас ретко правам современи текстови“. Имаш ли некоја посебна причина зошто помалку работиш современи текстови?
Многу често денеска современиот театар, концептуалниот современ театар допира до мозоците. Може да ги замислува, може да ги шокира, ама до душата, дооо емоциите, тоа е основното што го прави театарот жив, и потребен и необходен.
Подалеку ретки се тие писатели денешни кои што може да, да отидат во длабочините на психологијата, на човекот и на луѓето во нивните односи.
Добро има исклучоци. Има исклучоци. Сум работел неколку.
„Татко“ на Флоријан Зелер е еден редок текст. Инаку, „Татко“ е моја педесетта претстава
Да, ако се фрле поглед на твоите режии се гледа дека си ориентиран кон класиците во изборот на драмски текстови и книжени дела? Зошто? Дали е тоа безбедната зона?
Да, не земам често современи текстови заради тоа што многу често дијалозите се тоа што го зборувам, тоа го мислам… Што има зад тоа, која е длабочината, што се случува меѓу луѓето, на кој начин тоа допира до луѓето… Ретки се тие писатели денешни кои што може да отидат во длабочините на психологијата, на човекот и на луѓето во нивните односи.
Така што, да одам на крајот на прашањето дали класиците се безопасна, безбедна зона. Па може така да се каже, заради тоа што тука јас не ризикувам да се сретнам со проблеми со политика, проблеми со црква, проблеми со LGBT заедница…
Од тој поглед, да класиците се безбедна зона, ама не може да не се каже дека режисерите сите тие безбедни зони ги прават небезбедни заради тоа што провоцираат и ги осовременуваат текстовите и прават што сакаат со кутрите, одамна умрени генијалци.
Јас мислам дека во некои претстави режисерот е поважен од Достоевски, поважен од Чехов, поважен од Молиер и од Шекспир.
Режисерот е како археолог копа, копа, наоѓа со четкичка или со метличка работи што не ги гледаат другите луѓе.

Да бидам попрецизен, ако театарот и претставата се свет за себе, дали театарската уметност е бегство од реалноста? Ако не е, во каква релација е поставен театарот и претставата со животот, со реалниот свет?
До пред извесно време, до пред неколку години, јас мислев дека театарот треба да биде сосема изолиран од животот и дека нема потреба луѓето да го гледаат тоа што го гледаат на телевизија или тоа што гледаат на улица или тоа што ги опкружува опкружува, дека тоа треба да го гледаат и на сцената.
Јас мислев дека театарот треба да биде баш сам по себе, сам за себе и дека е тоа друг свет, друга реалност, друга димензија и дека луѓето, гледачите поаѓаат, доаѓаат, влегуваат во тој свет и додека трае претставата тие се исклучуваат од сето тоа што ги опкружува.
Од пред извесно време почнав да размислувам, почнувам да барам и некои работи кои што ги допираат луѓето не само на емоционално ниво, туку и на рационално и на мисловно ниво
Тоа се прашања коишто не се поврзани со секојдневниот живот. Тоа се прашања коишто повеќе се филозофски, коишто се повеќе глобални, коишто повеќе се и интимни, може да бидат и мали, ама се секогаш се поврзани со некаква си вечност, со некои вечни прашања, за некои вечни прашања коишто немаат одговор или за коишто може да дојдат до тој одговор.
И мислам дека тоа не треба да се случи за време на претставата. Јас мислам дека тие претстави, коишто те оставаат да размислуваш после, тие претстави за коишто можеш да разговараш после претставата со твоите најблиски или со пријатели, со другари, со домашни – тие претстави остануваат.
А тие претстави што ти се јасни, што ти ги даваат изџвакани на тањирче за да сфатиш, за да разбереш, за да го сфатиш ставот на авторите на претставата, тие се забораваат. Тие завршуваат со затворањето на завесата, со моментот кога ти си излегол од театарот.
Еден од моите најомилени комплименти беше кога во последната моја претстава излезе една баба, многу стара, и која што ми кажа дека – твојата претстава делува како валеријана. Валеријана, билка за смирување.
Да, и ако зборуваме за во каква релација е театарот и претставата со животот, со реалниот свет, јас мислам дека, театарот треба да му помага на животот, да му помага на гледачот.
Театарот треба да носи светлина. Треба да наоѓа излез. Во најтрагичните приказни мора да има свет на крајот, светлина. Не треба да го утепа, да го доутепа гледачот.
Јас верувам дека тие луѓе што биле денеска на претстава после таа претстава треба да се чувствуваат поинакви.
Треба да имаат бар малку надеж, малце некаква светлина, малце некакви мисли, малце некаква добрина.
Театарот треба да носи светлина. Треба да наоѓа излез. Во најтрагичните приказни мора да има свет на крајот, светлина. Не треба да го утепа, да го доутепа гледачот.

Во една таква релација што е писателот, драмскиот автор, што е режисерот?
Мислам, режисерот во секој случај е мост, е сврзник меѓу писателот или драмскиот автор и публиката.
Има некои режисери пробуваат да го адаптираат текстот, да станат коавтори. Па дури да станат и повеќе автори од авторот. Иако претходно реков дека се тие најважните и дека тоа што го нашле во некакви ситници или што им се чини дека сега тоа е, тоа е тоа.
Повеќето од луѓето кога читаа драмски текст имаат своја претстава. И режисерот ја кажува својата, ама не ја наметнува. Пробува да го долови тоа што е најважното. Побува да отвори некои прашања, да најде некои одговори.
Иако, понекогаш, мене ми се чини, прашањата се поважни од одговорите.
Во некоја смисла режисерот е како археолог копа, копа, наоѓа со четкичка или со метличка работи што не ги гледаат другите луѓе, па продолжува да копа, па наоѓа нешто уште подлабоко и пробува да го сподели. Пробува да го извади на виделина тоа што го открил.
Ретки се тие писатели денешни кои што може да отидат во длабочините на психологијата, на човекот и на луѓето во нивните односи.
Дали театарот и понатаму од сите уметности владее со такви моќни средства што ја обзема душата со впечатоци и си игра со неа автократски, како што прашуваше пред два века Висарион Белински? Што му дава таква сила?
Мислам дека театарот ќе биде неопходен. Колку повеќе навлегуваме во време на вештачката интелигенција и колку повеќе сме заплеткани во секакви социјални мрежи, опседнати и робови на секакви гаџети, таблети, мобилни телефони. Колку повеќе се отуѓуваме, колку повеќе стануваме сè помалку, колку сме подалечни едни од други во живо, толку повеќе театарот ќе станува неопходност. Толку повеќе тече поспоро таму времето.
И театарот не треба се плаши од тоа дека претставите се долги. Дури не треба се плаши од тоа дека тие, дека претставите можат бидат досадни. Сите сме опседнати. Мислам, сите што се занимаваме со театар, сите режисери сме опседнати.
И јас сум опседнат со тоа да не заспие публиката. Цело време да се менува нешто, цело време да се случува нешто.
На пример, „Татко“ ја снимаше албанската редакција на Македонска телевизија. Ги гледав снимките. Толку режисерот на телевизиската верзија се плаши дека на публиката ќе и биде досадно. Толку не му дава на крупниот план да трае. Толку мисли дека е поважно да се смени планот, да се смени кадрот, да има монтажа. Динамика. Динамика во монтажата, тоа е катастрофа. Тоа е најлошото што го направиле, а добро е снимена. Мислам дека добро е снимена и Бајруш и другите актери играат стварно интересно. Филмски играат.
Но, тоа е нашето време. Страв од досадно. Страв од долго. И затоа мислам дека тоа што го вика Белински, дека театарот може да владее, може да ја обзема, може да ја восхитува, може да и дава храна на душата, е точно.
Во мое време се сметаше дека рекламата триесет секунди е оптимална за да ги „фати“ луѓето.
Сега прочитав некаде дека сега се пет секунди. Ако за пет секунди не те „фати“, ако за пет секунди не те заинтересира, ти нема да гледаш, ќе скролаш. Е, тука театарот може да победи.
Театарот ќе стане неопходен. Без него нема да можат да живеат луѓето. Тука театарот ќе биде резерват на човечки чувства, на човечки односи, на човечкото.
Се разбира дека зборувам за театар кој што ќе може да допре, за театар кој што ќе знае како да допре. Театар кој што нема да заборави која е неговата основна цел, а неговата основна цел е да допре до емоциите на публиката.
Во театарот треба да се смееш и да плачеш. Знам дека звучи банално, ама тоа е во суштината на театарот и тоа денеска многу често, најчесто се заборава.
Театарот може да владее, може да ја обзема, може да ја восхитува, може да и дава храна на душата.

Колку се далеку една од друга естетиките на македонскиот и рускиот театар? Може ли да се зборува за некаков национален предзнак кога се зборува за театар, како на пример „руски“, „германски“, „француски“, „американски“?
Не се чувствувам доволно компетентен да одговарам на ова прашање. Иако можам да кажам дека што се однесува до естетиката на македонскиот и рускиот театар, кога се споредува, јас мислам дека не може да споредува воопшто.
Она што може да се споредува е дека, без разлика дали е во Македонија, во Русија, во Германија, во Франција, во Америка – има добар и лош театар.
Не е се во парите. Затоа што има бедни театри во Русија. Не се сите театри богати. Јас работам во еден релативно богат театар. И работам постојано.
Најважно е од сè е тоа што тие сакаат да ги задржат претставете, затоа што во тие претстави се вложени и пари и труд и тие претстави можат да вратат.
Да речеме, во единствената детска претстава, за жал, која што сум ја направил, „Алиса зад огледалото”, се вложени околу пола милион долари. И таа после две години играње почнала да заработува и го храни театарот. Таа претстава се игра веќе околу петнаесет години. Веќе е бизнис.
Значи театарот и глумците го гледаат тоа не само како штиклирано, дека излегла премиера.
Ќе споредам со „Трубадур“ кој што беше за отварање на Мајски оперски вечери пред две години. Требаше да се изигра еднаш и јас замолив да се изигра два пати и требаше да остане на репертоар.
Не може да е толку лоша за да ја тргнаат од репертоар и не сум сигурен дека пробале да ја продаваа.
И во Русија истото се случува. Секоја година се тргаат четири претстави. Тие кои што најмалку се продаваат. Но претстави кои што малку се продаваат, ама кои што се значајни како позиција на театарот, како став на театарот, како претстави кои што ретко се постуваат, кои што претстави се важни за културата, за уметноста и кои што и да не се продаваат, театарот ги држи во својот репертоар заради тоа што тие се посебни.
Елементарно е дали се борат таа претстава да остане да живее, да ѝ се даде шанса. Не може една претстава да се роди на премиера. Премиерата е прва проба. Прва средба со публиката.
Секоја претстава се раѓа во односот меѓу тие што се на сцена и меѓу тие што се во сала. Само времето може да и даде можност да порасне, да се развие, да порасне, да почне да оди, да се развие, да расте.
Инаку, да, се разбира дека има германски театар кој што е многу често радикален, многу често груб, ама и таму сигурен сум дека има некои псевдо германски театар.
Театарот ќе стане неопходен. Без него нема да можат да живеат луѓето. Тука театарот ќе биде резерват на човечки чувства, на човечки односи, на човечкото.

Дали ти е предизвик „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“?
„Скопје 2028 – Културна престолнина на Европа“ е многу важна можност и не треба се пропушти заради тоа што тоа може да биде сепак нешто што ќе остане.
Една од моите идеи е, како што реков Хром. Хром е големо место и може да стане за регионот важно место.
Ќе пробаме да конкурираме ако стигнеме, ама страв ми е да не испадне во последен момент.
Јас мислам дека треба да се направи нешто што првенствено ќе има ефект за нашите луѓе, за нашава држава. Ако тоа допре или излезе надвор од нашите граници и стане сепак нешто значајно, тогаш стварно сме направиле нешто.
Операта е највисока сценска уметност затоа што тука се спојува драмското со тоа што е највисоко во сите уметности, со музиката.
Имате режирано 15 оперски претстави. Зошто опера?
Кога би ме прашале во 1997 зошто опера, тогаш би ви одговорил и сам не знам зошто. Кога еден откачен Аргентинец, директор на опера, ме покани да режирам опера, јас кога му реков „Немам поим што е опера“. Тој ми рече „Нема врска, претставите што ги правиш што сум ги гледал се опери, само што во нив не пеат.“
Тоа беше мојот влез во операта и тоа баш ми се бендиси. Се заљубив дури.
Имам студенти по опрска режија. Веќе една класа е излезена, втората класа сега е веќе четврта или петта година.
После 11 септември заминувам за Ирска каде што ќе ја работам операта „Коцкар“ од Прокопјев по Достоевски.
На фестивалот во Вексфорд ќе биде премиерата. Ќе работам и во Скопје. Ми се допаѓа операта, ми се допаѓа како највисока сценска уметност затоа што тука се спојува драмското со тоа што е највисоко во сите уметности, со музиката. Тоа што е недофатливо, тоа што е нее неопипливо, тоа што е нематеријално. Се спојуваат материјалното со нематеријално.

