Кога во 2021 година Македонија одбележуваше 30 години независност, државата организираше голема централна манифестација во услови на ковид-криза, но истовремено и низа други настани низ земјата.
За централната прослава по повод 30-годишнината, договорот беше јавно достапен преку Бирото за јавни набавки. Според објавените податоци, организацијата чинела речиси 190.000 евра. Во договорот биле наведени обврските на организаторот – музичката програма, бината, озвучувањето, осветлувањето, обезбедувањето, огнометот, промотивните материјали, летоци, постери и билборди.
Тоа значи дека јавноста можела да види не само кој бил избран, туку и колку чини договорот и што државата добива за тие пари.
Паралелно со централната прослава, тогашната Влада воведе и јавен повик за поддршка на индустријата за организирање настани, тешко погодена од пандемијата. За 33 компании биле одобрени 61,499 милиони денари, односно околу еден милион евра, за повеќе од 100 јавни настани низ државата. Притоа биле опфатени повеќе од 500 домашни изведувачи и над 130 подизведувачи.
Тука важи една важна разлика: тие средства не биле само „пари за забава“. Биле дизајнирани како антикризна мерка за индустрија која во тој момент практично не можела нормално да работи.

И НАТО прославата имала јавна финансиска трага
Сличен модел бил применет и во 2018 година, кога тогашната Влада организирала 15 настани по повод поканата за членство во НАТО и за преговори со ЕУ.
И тогаш сумата била јавно објавена: околу 180.000 евра, односно приближно 12.000 евра по град. Биле опфатени организацијата, техниката, бините, озвучувањето, осветлувањето, редарите, техничкиот персонал, транспортот, промоцијата и ангажманот на околу 40 изведувачи.
Дури била објавена и структурата на трошоците за домашните изведувачи – вкупно 75.500 евра за сите 15 настани.
Со други зборови, не станувало збор само за соопштение дека „државата организира прослава“. Постапката имала финансиска трага која можела да се следи.
А потоа доаѓа 2026 година
За 35-годишнината, Владата најави значително поголем концепт: музичко-сценскиот спектакл „Силно светнал ден“ низ повеќе градови, концерт на Хозе Карерас, настапи на Стив Аоки, Пол ван Дајк и Пол Окенфолд и, како кулминација, концертот на Дејвид Гета. Официјалната страница на прославата наведува 16 настани, меѓу кои повеќе изведби на „Силно светнал ден“, како и настапите на светските ѕвезди.
Самата Влада прославата ја претстави како голем национален културен проект со „државничка тежина“, современ културен и продукциски пристап и меѓународна препознатливост.
Но, токму кај парите почнува проблемот.
Повикот на Лотарија: пет дена за понуди, а барањата речиси го опишуваат конечниот настан
Истражувањето на БИРН, објавено преку „Призма“, открива дека Владата на 28 април ја задолжила Државната лотарија за организацијата.
Два дена подоцна, на 30 април, Лотаријата објавила јавен повик за „спонзорирани настани“, со рок од само пет работни дена.
Но, содржината на повикот е особено интересна.
Се барал „А класа“ светски артист со „А класа“ продукција и најмалку 30.000 посетители – што се поклопува со настапот на Дејвид Гета.
Се барала и „интернационална светска ѕвезда од А класа“ со македонски артисти – што се поклопува со концертот на Хозе Карерас.
И се барале најмалку 12 настани низ државата во форма на театарски и визуелни перформанси со концепт „35 години независна Македонија“ – што се поклопува со „Силно светнал ден“.
На повикот, според БИРН, се пријавила само „Стардаст“, фирма поврзана со „Авалон“.
Пет дена по истекот на повикот, на 12 мај, Владата и „Авалон“ веќе заеднички ја претставија програмата со Дејвид Гета.
Ова само по себе го отвои сериозното прашање за конкурентноста, транспарентноста и логиката на постапката.

„Нула денари“ не е исто што и „нула трошок“
Тука е клучната разлика меѓу политичката порака и финансискиот факт.
По завршувањето на прославата, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека сите настани го чинеле Буџетот и граѓаните „нула денари“, бидејќи биле финансирани од општествено одговорни компании. Не ги наведе компаниите, ниту износите.
Но, БИРН покажа дека во организацискиот модел била вклучена Државната лотарија – државно акционерско друштво – која распишала повик и преку која се одвивала постапката за спонзорирани настани.
Откривањето на трагите на парите неминовно ги натера во Владата да излезат побргу со прес за да не отиде работата „по ѓаволите“ и го потврдија тоа што го откри БИРН.
Но, тука не завршува и не треба да заврши случајот. Зашто до пет милиони евра е износот што се споменува како расположлив/проценет трошок, но конечната фактурирана цена на прославата сè уште не е јавно објавена.
И токму тоа е проблемот.
Математиката е многу појасна од политичките објаснувања
Ако како горна проценка се земат пет милиони евра, споредбата на 2021 со 2026 станува прилично илустративна.
Централната прослава за 30 години независност: околу 190.000 евра.
Прославите по повод поканата за членство во НАТО: околу 180.000 евра.
Јавната поддршка за 33 компании од ивент-индустријата во рамките на прославата на 30-годишнината: околу еден милион евра.
Вкупно: околу 1,37 милиони евра.
Наспроти тоа, пет милиони евра се 3,6 пати повеќе од овие три ставки заедно.
А само во споредба со централната прослава за 30 години независност, пет милиони евра се повеќе од 26 пати поголем износ.
Но, повторуваме, јавноста нема официјална завршна сметка за прославата.
30 години и 35 години: разликата не е само во бројката
Постои и симболичка разлика која не треба да се пренебрегне.
Триесетгодишнината е класична, кружна годишнина – бројка која по својата природа има јубилејно значење. Во 2021 година тоа било и официјално третирано како „значаен јубилеј“, а државата преку јавни повици организирала повеќе од 100 настани низ земјата.
Триесет и пет години, секако, може да се одбележат. Никој не може да тврди дека државата нема право да прославува 35 години независност.
Но токму затоа што не станува збор за класична кружна годишнина како 30, 40 или 50 години, оправданоста на огромната продукција и трошокот уште повеќе бара јасна јавна образложеност и финансиска отчетност.
Колку е поголем спектаклот, толку поголема треба да биде и јавната сметка.

Кај претходната власт можеше да се види што се плаќа
Ова е можеби најважната разлика.
Во 2018 година можеше да се види дека 15 настани чинеле 179.500 евра.
Во 2021 година можеше да се види договорот од речиси 190.000 евра за централната прослава.
Можеше да се види што е предмет на договорот. Можеше да се види кој е организаторот. Можеше да се види колку чини услугата.
А кај антикризната поддршка за ивент-индустријата можеше да се види колку компании добиле средства, колкав е вкупниот износ и колку настани се предвидени.
Финансиската трага била многу полесно проверлива.
Прашања, прашања, прашања…
Оваа анализа не треба да се претвори во спор дали Дејвид Гета е добар музичар, дали Хозе Карерас е светска ѕвезда или дали Македонија заслужува голема прослава.
Секако дека заслужува.
Прашањето е друго: дали државата може да организира спектакл со средства на државни компании, јавни ресурси и евентуални приватни спонзори, а јавноста да не знае колку чинел?
Одговорот би требало да биде едноставен: не.
Зашто транспарентноста не зависи од тоа дали парите се исплатени директно од централниот Буџет.
Ако државна компанија плаќа, тоа се јавни средства.
Ако приватни компании спонзорираат државна прослава, јавноста има право да знае кој ја финансира манифестацијата и во кој обем.
Ако има договор со приватен организатор, јавноста има право да знае што е договорено и колку вреди договорот, со почитување на евентуалните законски заштитени делови од договорите.
Има и едно друго прашање: Што значи истурањето толкава сума во една фирма за целиот сектор за организација на настани? Зошто и по кој основ?

По спектаклот мора да дојде сметката
„Нула денари од Буџетот“ не е доволен одговор на прашањето колку чинела прославата. Во демократско општество, токму по завршувањето на спектаклот почнува вистинската отчетност.
А според досега објавените податоци, разликата меѓу прославата на 30 години независност и оваа на 35 години не е само во бројот на годините.
Разликата е и во јавноста на постапката, достапноста на договорите и можноста граѓаните да ја проверат сметката.
И затоа најважната бројка за 35-годишнината сè уште недостига – конечната цена.
З. Б.

