Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ВИДЕО Демири: Концептот Едно општество за сите треба да влезе и во Уставот на државата

Концептот Едно општество за сите, како што е влезен во Статутот на СДСМ, така треба да се најде и во Статутот (Уставот) на државата и во личниот став на секој политичар, порача Агрон Демири, коносителот на листата на СДСМ во ИЕ 6, во интервју за Слободен печат.

„Тука најмалку се зборува за политика, туку пред се за човечност, дека Агрон треба да ја почитува Соња како човек а не да ја гледа низ призма на вера и нација. И затоа идејата на СДСМ овој концепт да биде и во Статутот на партијата. Се сеќаваме какво беше општеството до 2016 година и знаеме дека овој концепт смени многу работи. Кога зборуваме за фер и праведно општество тука ќе се надоврзам и на Манифестот на СДММ кој сега го промовираме пред младите во сите изборни единици“, рече тој.

Осврнувајќи се на претседателските избори, Демири истакна дека граѓаните довербата повторно ќе ја дадат за Стево Пендаровски кој во претходните пет години покажал дека е претседател на сите.

„Пендаровски ја има поддршката од народот и тоа се виде и со Конвенцијата во Борис Трајковски која ги сруши сите лажни анкети на ВМРО-ДПМНЕ. Тој беше и ќе биде претседател за сите. Секоја почит за Силјановска но народот на 24 април и 8 мај ќе ја даде поддршката за втор мандат на Стево, затоа што вратите на Стево беа отворени за сите во изминатите пет години“, посочи Демири.

Демири истакна дека СДСМ во својата програма има мерки со кои планира младите да ги задржи дома, но и да охрабри дел од оние кои се заминати, да се вратат во својата држава

„Има дел од младите кои сакаат да излезат надвор од државата имаат шанси за такво нешто и сакаат да се обидат да живеат во САД и западна Европа, но ако си дома СДСМ нуди решение за добар живот и тука, а тоа е дека во следниот период просечната плата ќе биде 1.100 евра. Да имаш 1.100 евра просечна плата, колку што сега зема некој кој е отселен во Италија и исто време да бидеш дома тоа е голема предност“, рече тој.

Демири додаде дека СДСМ покажал дека платите можат да растат и дека тоа ќе го покаже и во новиот мандат.

„Едно време минималната плата беше 9.000 денари ние ја зголемивме и сега нудиме 600 евра минимална плата и 1.100 евра просечна и сметам дека со такви плати може да пробаме да ги вратиме младите или дел од младите дома. СДСМ тоа го докажало, дека може да се успее и тука, дека младите ја добиваат својата шанса“, истакна Демири.

Треба да знаете
Moже да ве интересира