Забрчанец: Политичарите кои се против „Отворен Балкан“ заговараат ѕидови и се противат на економскиот развој и интересите на македонската, албанската и српската економија

Политичарите кои најавуваат излегување на Македонија од Отворен Балкан се противат на народната волја и на огромната поддршка од сите категории граѓани за оваа иницијатива. Политичарите кои заговараат напуштање на иницијативата се против слободното движење во регионот, вели во разговор за „Локално“, Националниот координатор за Отворен Балкан и за регионални инцијативи, Марјан Забрчанец откако во јавноста повторно беше актуелизирано прашањето за иницијативата на трите држави од регионот.

Според него, таквите политичари кои бараат повлекување од „Отворен Балкан“ заговараат ѕидови наместо интеграција, додавајќи дека таквите политичари со тоа се противат на економскиот развој и на интересите на македонската, албанската и српската економија.

-Да се биде „ЗА“ Отворен Балкан е застанување на страната на народот – 80% од граѓаните ја поддржуваат оваа иницијатива, дециден е Забрчанец.

Отворен Балкан е иницијатива на три држави од регионот која ужива огромна поддршка од населението на Северна Македонија, Албанија и Србија. Како што истакнува соговорникот, резултатите се видливи и препознаени и од компаниите и од граѓаните.

-Се реализира слободниот пристап до пазар на труд со кој нема веќе потреба од работни дозволи за граѓаните на трите земји, на граничните премини функционираат зелени ленти за брз проток на транспортните камиони, во функција е и заедничкиот систем за електронска наплата на патарини без застанување, се реализираа повеќе соработки во областа на туризмот и културата, а имаме и одлична промоција на македонското вино надвор од Македонија благодарение на Отворен Балкан, вели тој.

-Отворен Балкан постојано упатува активна покана за приклучување на другите земји од регионот, а Црна Гора веќе активно и јавно изразува интерес и поддршка, посочи Забрчанец.

Националниот координатор смета дека иницијатива со вакви резултати и проекти не може да биде ниту завршена, ниту мртва.

-Доказ за тоа се и изјавите на премиерите Ковачевски и Рама на заедничката прес конференција во Скопје на која заеднички потврдија дека „Отворен Балкан продолжува да функционира, не е завршена приказна, има светла иднина, дава одлични резултати, не е во спротивност на Берлинскиот процес туку се комплементарни, нема ништо лошо во таа иницијатива“. Дополнително, премиерот Рама изјави и дека Отворениот Балкан му донесе само добри работи на регионот, а премиерот на Косово Албин Курти згрешил што не учествувал во таа иницијатива.

„Погледнете ја трговската размена меѓу земјите и запомнете дека она што е направено не може да се поништи. Дури и Берлинскиот процес имаше корист од Отворениот Балкан“, рече Рама на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Димитар Ковачевски за време на неговата посета на Скопје, наведува Забрчанец.

Дециден е дека Рама или Албанија не ја напуштиле иницијативата. Напротив, објаснува националниот координатор, ние само пред месец дена заеднички промовиравме нова мерка со директна придобивка за работниците од Македонија, Албанија и Србија во делот на слободен пристап до пазарот на труд.

-Дека иницијативата е жива, витална, активна и динамична потврдува и заедничката изложба на Отворен Балкан во Париз отворена од страна на трите министерки за култура, на само неколку дена после посетата на премиерот Рама во Скопје, а потоа следеше и второто издание на винскиот саем во Белград на кој учествуваа и Северна Македонија и Албанија, а пред едем месец беше пуштена во употреба мерката за слободен пристап до пазарот на труд за граѓаните на трите држави.

Поддршката за Отворен Балкан оди рака под рака со поддршка за членството во ЕУ, за Берлинскиот процес, за Планот за раст и генерално за европската интеграција на регионот, порачува тој.

Забрчанец бара Отворен Балкан да биде поддржан од сите политички чинители и сите кандидати на овие избори кои се залагаат за европска интеграција.

-Политичарите кои го поддржуваат Отворен Балкан ја поддржуваат европскатата интеграција на земјава, се залагаат за регионалната соработка, за економската мобилност и слобода, за поголема трговска размена и против брз проток на граѓаните, производите и услугите, заклучува Забрчанец.

Ваквата реакција следува откако кандидатот за претседател, Арбен Таравари ја претстави својата програма во која најави излегување од иницијативата „Отворен Балкан“. Со тоа тој го повтори својот став од лани кога соопшти дека Алијанса за Албанците се оградува од секој нов проект во рамките на оваа иницијатива.

-Ќе барам гаранции од високиот претставник на ЕУ дека по уставните измени нема да има дополнителни барања за Северна Македонија надвор од преговарачката рамка од 2022 година, мандатот за формирање на влада ќе му го доверам на партијата или партиите кои ќе докажат дека имаат мнозинство во Собранието, барајќи од мандатарот временски ограничен план за реализација на уставните измени врз основа на член 121 од Уставот, ќе му предложам на Собранието веднаш Северна Македонија да излезе од иницијативата Отворен Балкан, кажа Таравари.

Од октомври 2019 до денес Отворен Балкан забележа огромен развој, иако не успеа да ги привлече формално да учествуваат Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора, и покрај фактот што лидери и други официјални претставници од Сараево и Подгорица, многу често и учествувале на самити и други средби и многу често изразувале интерес и нивните земји да се приклучат на иницијативата.

Потпишани се бројни документи со кои се остваруваат четирите економски слободи меѓу земјите од иницијативата, од меморандуми до меѓувладини договори како што е Договор за слободен пристап до пазарот на труд на Западен Балкан во 2021 година. Граѓаните веќе можат да работат во соседните земји, дипломите на високите институции се признати, транспортот на стоки е олеснет, олеснета е соработката за надминување на криза при недостиг на храна,  електрична енергија или други енергенси, постои договор за помош при катастрофи…

Н.П.

Треба да знаете
Moже да ве интересира