Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

65 гласа за Владата за избори во редовниот термин во 2024 со порака за Мицкоски да престане да манипулира дека има мнозинство

Ова е ситуација која е подобро Мицковски да ја искористи да биде конструктивна опозиција, пред се да го одблокира парламентот и да помогне на државата и народот, а со тоа да демонстрира политичка зрелост и подготвеност дека може да соработува.

Љубиша АРСИЌ

Владиното мнозинство се зголеми за еден пратеник, сега е со 65 пратеници, што беше потврдено во парламентот со изборот на новите министри. Против не гласаше ниту еден пратеник, иако на таблата стоеше дека се присутни 114.

Со ова, по се изгледа, се потврди конечното владино мнозинство до парламентарните избори во 2024 година. Со рокадата на Алијансата на Албанците и Алтернатива, но и со заминувањето на Павле Трајанов, владиното мнозинство е за малку постабилно, но тоа значи дека предвремените парламентарни избори, кои постојано ги повторува лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицковски, ќе останат само желба. 

Беше очигледно дека пратениците на ВМРО ДПМНЕ десет дена, како по сценарио, се обидуваа да го одложуваат гласањето за реконструкција на Владата. Впрочем како што сме навикнати во изминатите неколку години со нивното блокирање на парламентот во однос на десетици закони кои не можат да поминат.

Како и да е, со гласањето и 65-те гласа уште еднаш беше испратена порака до Мицковски дека е подобро да го симне од дневна агенда барањето за предвремени избори, а уште повеќе да не ја користи пропагандата дека обезбедил мнозинство во парлементот, оти во многу наврати се докажа дека таквата мамка веќе не врви во јавноста. Последната беше дека сега, во февруари, ќе имал мнозинство за рушење на Владата, но се покажа спротивното. 

Ова е ситуација која е подобро Мицковски да ја искористи да биде конструктивна опозиција, пред се да го одблокира парламентот и да помогне на државата и народот, а со тоа да демонстрира политичка зрелост и подготвеност дека може да соработува. Ако навистина мисли на граѓаните. А тоа ќе му отвори простор дека неговите намери кон иднината на државата, особено патот кон ЕУ, му се искрени и чесни.

Инаку, Собранието избра четири нови министри, Кренар Лога за министер за правда, Фатмир Меџити за министер за здравство и Азир Алиу за министер за информатичко општество и администрација, тројцата од редовите на Алијанса за Албанците. Каја Шукова од СДСМ е нова министерка за животна средина и просторно планирање.

Забележително е дека, иако ВМРО-ДПМНЕ и Левица десет дена се обидуваа со опструкции да го спречат изборот и недозволуваа гласање за новите министри, а при тоа направија непотребни трошоци на Собранието, на крајот ниту еден од нив не гласаше, барем против изборот на новата Влада. И сега како да висат сите нивни аргументи против реконструкцијата оти на крајот не го ни искажаа својот став.

Да потсетиме дека по завршувањето на изборите во 2020 година, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски уште веднаш, а потоа и во многу наврати изјавуваше дека успеал да формира мнозинство што ќе ја урне Владата и така ќе обезбеди предвремени избори. Но, освен што на тој начин го држи членството и гласачите во своевидна мобилизација, друг ефект не постигна. Сега, по реконструкција на Владата, најверојатно и на членството му е јасно дека предвремени избори тешко дека ќе се организираат. Се покажа дека приоритет за државата се економската и енергетската криза и дека секој обид за избори порано ќе ги парализира инситуциите, а тоа ќе оди на штета на граѓаните.

А тие, граѓаните, сега очекуваат дека новото владино мнозинство ќе успее во следната година да ги истурка важните закони за кои се надеваат дека ќе им донесат подобар живот и страндард. Веруваат дека новото мнозинство ќе успее да ги деблокира процесите во парлементот. Главната тешкотија ќе останат уставните измени, за кои, во ваква атмосфера и инаетење се чини дека нема да има консензус. Тоа ќе биде последниот обид на Мицковски за одново да ги актуелизира предвремените избори, кои му се главна одлика во политичкото дејствување изминатите три години.  

Moже да ве интересира