Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Данела Арсовска, ВМРО-ДПМНЕ и Левица си играат мајтап со Скопје и скопјани

Данела Арсовска, ВМРО-ДПМНЕ и Левица си играат мајтап со скопјани. Може ова „мајтап“ да се замени со уште посоодвтен збор од скопскиот сленг, ама не сакаме да го загадуваме медиумскиот простор, иако тие што го загадуваат Скопје со својата неспособност или меѓусебни политички пресметки на штета на скопјани, секако го заслужуваат тоа.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Данела Арсовска, ВМРО-ДПМНЕ и Левица си играат мајтап со скопјани. Може ова „мајтап“ да се замени со уште посоодвтен збор од скопскиот сленг, ама не сакаме да го загадуваме медиумскиот простор, иако тие што го загадуваат Скопје со својата неспособност или меѓусебни политички пресметки на штета на скопјани, секако го заслужуваат тоа.

Споветниците на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, поттикнати од намигнувањата на нивните лидери еден на друг, во Советот на Град Скопје се обединија против проектот Бас Рапид Транзит (БРТ), односно еколошкиот трамвај на тркала, и со тоа ја запреа иницијативата на градоначалничката Арсовска да го рестартира проектот за кој веќе има готова физибилити студија и проект и за кој Владата и претходниот градоначалник пред три години обезбедија 70 милиони евра за почеток на работите.

Сега излегува, како што забележуваат медиумите што потемелно ја следат работата на Советот на Град Скопје и на градоначалничката, дека најавата на Арсовска да го рестартира БРТ било само фингирање затоа што знаела дека нејзините поддржувачи во изборот за градоначалник, ВМРО-ДПМНЕ, ќе гласаат против.

„Талентите“ од советници на ВМРО-ДПМНЕ во градот рекле дека не знаат зошто се продолжува овој проект кога тој не беше дел од програмата на Арсовска „За модерно Скопје“, прашувале дали е истиот проект на Шилегов, дали автобусите ќе возат на гас, ЦНГ или ќе бидат електрични. Дали ќе се гради нов мост Обединети Нации и од каде ќе се најдат пари, дали ќе се уништи средишното зеленило, дали ќе се уништи паркот во Ново Лисиче, дали ќе се формира ново јавно претпријатие…

Арсовска, во нејзиниот препознатлив стил, немала одговори на овие прашања, што самон говори дека таа и понатаму само импровизира, односно се мајтапи, со исклучително важните проекти за Скопје, како што е проектот за пречистителната станица за отпадните води, без кој Македонија не може ни да помисли на членство во ЕУ додека не биде изградена.

„Талентите“, пак, советници од Левица, како што ги личи, забегале уште полево и предложиле, внивајте сега на ова: Да се искористи железничката инфраструктура што ја имаме во градот Скопје за да се воведе трамвај како во сите главни европски градови, како Берлин или Амстердам.

За која е…а железничка инфраструктура во Скопје што може да се прилагоди за трамвај зборуваат од Левица? Кај живеат тие луѓе кога во Скопје одамна е уништена таа инфрстаруктура која и без тоа не беше соодветна за трамвај.

Затоа тврдам дека никој со право не може да ѝ забележи на констатацијата дека Данела Арсовска, ВНРО-ДПМНЕ и Левица си играат мајтап со скопјани.

Скопјани не само што не добија бесплатен превоз, во неколку наврати дури и воопшто немаа достоен автобуски превоз, откако два месеци приватните превозници не возеа затоа што Арсовска влезе во конфликт со нив.

Арсовска во својата кампања ветуваше и нов луна парк, подземни сообраќајници кај Нова Македонија, зелени коридори на реките Лепенец и Серава, но сите овие проекти, сега за сега постојат само во нејзината предизборна кампања.

Пишман градоначалничката се договори министерката Бисера Костадиновска Стојчевска Универзална сала да го преземе Министерството за култура, но иако одлуката е изгласана во Советот, таа правно се уште не е активна и Универзална сала сѐ уште е под ингеренции на Град Скопје. Досега изграденото се распаѓа, а Институтот за земјотресно инженерство предупреди дека објектот е опасност за безбедноста на скопјани

Мостот на булеварот АСНОМ што треба да ги поврзе Аеродром и Гази Баба се уште е во иста состојба како што Арсовска го начека. Таа неколку пати се премисли дали да ќе продолжи да го гради, но веќе две години, на мостот нема никаква градежна активност.

Со бавно темпо се гради мостот „Љубљанска“ кој требаше одамна да биде готов, а исто така бавно се гради и клучката кон Качанички пат.

Пред две години, во предизборната кампања, актуелната градоначалничка на град Скопје Данела Арсовска – која еуфорично ја прослави својата победа пред „Белиот дворец“ на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, заедно со Христијан Мицкоски, им вети на граѓаните дека градот ќе го направат европска метропола и дека за скопјани ќе тече „мед и млеко“. Но, по две години од нејзиниот мандат, Скопје стана град без никакви активности, а ветените капитални инвестиции остануваат само на хартија.

Зачлени се на нашиот е-билтен