„Добро е, убаво е“ во Струмица

Страшно тажна инверзија: членството на Мицкоски е во магла, а соучесниците на таквата измама – кои во некоја смисла сите се движат на работ од кривично делување, нему му се „на изволте“, оти по ѓаволите со мене, што тие прават лошо освен што на „лидерот“ Мицкоски му влегуваат со „грлото во јагоди“?

Пишува: Ненад ЈОВАНОВИЌ 

Насловот на овој текст произлегува од романот на авторот Ивица Пртењача, писател од Хрватска кој создава современа поезија, а „Добро е, убаво е“ претставува чиста увертира за она кое го видов синоќа во Струмица. Некој може да рече, како е возможно уметничко дело да концептуализираш со собир на партија која ќе се бори за власт во земјата? Па, можам, батице – тоа се вика „посмодернистички концептуализам“, спојувам убаво со корисно. Кој е тој „преки суд“ што може да ми забрани?

На самиот почеток мора да кажеме дека нема национализам што не заслужува критика – а посебно ја заслужуваат сите власти кои се изредија во оваа држава од осамостојувањето до денес, ама да ја критикуваш СДСМ за национализам, тоа, братко мил, едноставно не е возможно и претставува базично нефер.

Додека трае повеќепартизмот во последните триесетина години – на сила прилика се изборивме да критикуваме, а притоа, за таа критика да не завршиме во „мардељ“ (читај, затвор); може да завршиме со по некоја кривична, судска или линчувачка опомена, ама сепак, националистите државата ја гледаат обратно од ненационалистите – ја гледаат како смрдливо сирење и лебдат „над ситуацијата“ чекајќи го исходот од изборите, и во топлината на своите домови сонуваат за некоја неочекувана сила која ќе ги средува работите сама од себе.

Вратете се во минатото, ќе видите дека СДСМ, заедно со својата „сива зона“ од активисти, медиумски работници и оние кои во себе имаат предзнак на „граѓанисти“, ги решаваат сите работи во оваа земја: од покрупните до поситните. Тргнете од школите за критичко мислење и пишување; тргнете од прозните автори, тргнете од цивилните активисти и борците за човекови права. Па, мислам, разликата е огромна, вибрантна и „просветлувачка“. И ова се ноторни факти, нема тука трте-мрте. Членството во НАТО, тридеценискиот спор со Грција, загарантираниот македонски јазик и идентитет во Европа, загарантираната минимална и просечна плата, загарнтираните женски права, сите замисливи слободи…

Но, ајде сега да се вратиме на „Добро е, убаво е“ во Струмица. Сакам да ја гледам таа струмичка насмевка, како што сакам да ги гледам моите – по сродност – социјалдемократи. Добро, понекогаш не ме отпишувааат, а понекогаш и не ме запишуваат како нивен; амбивалентни се кон мене, молчеливи, понекогаш креваат раменичиња кога се работи за мојот политички профил. Ама и после сè, јас ги сметам за свои и сродни. Музил нè учеше дека „луѓето се бираат според своите антрополошки својства“, така е и во мојот случај со нив. Не ми се туѓи нивните критики кон мене, како што не ми се туѓи и критиките кои јас им ги задавам. Ама тие критики од моја страна никогаш не се лични, напротив, тие критики се за општите работи кои би требало да продуцираат поширок јавен интерес.

Сакам да го гледам рамо до рамо Заев, Филипче, Таче, Тренчевска, Костадинов… Затоа што знам: свесни се за многу работи; борбени се, имаат претстава за тоа како една држава треба да изгледа и на каде треба да цели. Свесни се и за своите слабости, самокритични се, и тоа мене ми е сосема доволно. Притоа, го уважуваат сечие мислење пред да донесат конечен суд. Во демократска смисла, СДСМ е партија со огромна плуралност и транспарентност. И да бидам крајно отворен: тоа не е најдобрата партија во земјава, не се овие луѓе ниту од Бога дадени, ама тврдам со чиста совест и искрено срце: социјалдемократите се најдоброто нешто кое оваа земја го има. Со сите нивни слабости и мани, велам, тоа е најдобрата политичка заедница која создава каков-таков демократски потенцијал.

Од друга страна, тиранијата на ултра-конзервативната партија на Мицкоски работи на сосема други постулати. Нивната тиранија го собординира нивното гласачко тело. Им ја укинува нивната човечка чест и достоинство, дури и тогаш кога тоа е единствениот човечки материјал што им преостанува.

А тоа што тие се луѓе со свои квалитети, нему воопшто не му е важно. Затоа што во сè друго тие за него се неважни и небитни.

Единствена симболичка вредност имаат само кога се на купче, додека се во „бројна состојба“, ама само како броеви, а не како поединечни личности. И само како штури статистички величини, тиранијата ги злоупотребува.

За возврат ќе добијат сендвич и вода, можеби и карта во два правци од местото на кое се качуваат до местото на кое се симнуваат.

На таквите – тиранијата им дава мали пари – не негови, туку наши, затоа што тој свои пари нема, ама на нашите пари тој се надева. За нашите пари е спремен да влезе во коалиција со најлошите луѓе, дури спремен е и суверенитетот на земјата да го предаде на туѓи држави и авторитети, ако тоа нему му донесе извршна власт и лична корист.

Страшно тажна инверзија: членството на Мицкоски е во магла, а соучесниците на таквата измама – кои во некоја смисла сите се движат на работ од кривично делување, нему му се „на изволте“, оти по ѓаволите со мене, што тие прават лошо освен што на „лидерот“ Мицкоски му влегуваат со „грлото во јагоди“?

На крајот на краиштата, никогаш нема да гласам за тирани завиени во таа ултраконзервативна националистичка обланда. Тие не се мои луѓе, моите луѓе се слободни, пркосни, борбени, прават и грешки, ама со нив знаеш на што си, со оние другите не знаеш никогаш на што си. И со нив, не само што ќе нема ништо од Европа, тука нема да има ниту простор за слобода без која не може да се има ниту земја, ниту држава, а богами тука најмалку ќе има и луѓе. А таму каде што нема луѓе, тоа е Руска губернија во која животот не вреди ниту пет пари.

„Добро е, убаво е“ во Струмица. Добро е, убаво е во македонската социјалдемократија бидејќи животот на човекот вреди, и тоа е бесценет капитал со кој јас се гордеам. (Фронтлајн)

Треба да знаете
Moже да ве интересира