Ефектот на пеперутка на пропагандата пред нашите очи

ВМРО-ДПМНЕ временски нѐ заробува во рамки кои ги одредува таа, за да ја консолидираме меморијата поинаку, да се сеќаваме поинаку, да бидеме поинакви. Да летаме како хартивчиња во торнадото предизвикано од крилцата на нивната пропаганда.

Емилија ЦЕЛАКОСКА

ВМРО-ДПМНЕ временски нѐ заробува во рамки кои ги одредува таа, за да ја консолидираме меморијата поинаку, да се сеќаваме поинаку, да бидеме поинакви. Да летаме како хартивчиња во торнадото предизвикано од крилцата на нивната пропаганда.

Некои тој ефект го нарекуваат „варена жаба“, со акцент на постепеноста и со поента дека се добива разграденост, ентропска неповратност, мртвост, кога дискутираат за пропагандата. Зборуваме за ефект од теоријата на хаосот кога мали промени во нешто (мавтање на крилцата на пеперутката), после некое време можат да предизвикаат големи промени во друга, навидум неповрзана појава (торнадо во сосема друг крај на светот). Самиот назив е претерување, секако, но се однесува на две појави кои имаат специфична меѓусебна причинско-последична врска – втората појава има чувствителна зависност од друга појава пред неа.

Нема ограничување на инженерство или метеорологија по ова прашање, каскадата од теоријата на хаосот се проучува многу слично и во социјалната динамика, особено за пропагандата. Мали промени во искажувањето, можат да започнат каскада, мала промена во емоцијата може да го направи тоа, брановите се прелеваат од околината во човечкиот ум и назад. Нема дилема дека пропагандата влијае на мозокот – тоа е докажано со ЕЕГ и магнетни скенови. И излезното влијание (output) на пропагандното влијание во околината е сосем јасна работа, бидејќи самата пропаганда не би се арчела ако нема опиплив ефект. Кој е „големиот ефект“ на пропагандата? Од една страна може да се проучуваат циклусите од озрачување маса луѓе со лажни информации, кои тие си ги консолидираат меѓу себе потоа, па тие дезинформираат нова група луѓе итн., сѐ додека не дојдат во сериозен конфликт со реалноста и дисфункција во неа.

Свеж пример за таков потенцијал за каскада е насловот на ТВ Алфа заедно со видео прилог:

 „Нови услови за Македонија: На последниот ден од својот мандат бугарските пратеници изгласаа нова Декларација за државава“.

Ова содржи лажност во зборот „услови“, бидејќи точките од Декларацијата на бугарското Собрание содржат само осуда на насилство, изразување неколку загрижености, противење на наш закон и декларира некои изјави како манипулативни. Но, зборот „услови“ подигнува негативни емоции и токму затоа е ставен. Текстот на „веста“ завршува уште понеточно и со грдо подбуцнување:

„За разлика од своите бугарски колеги, кои и на последниот ден од својот мандат се занимаваат со овој спор, македонските пратеници во 2021-ва изгласаа една и единствена декаларација за спорот со Бугарија, која за жал власта не ја испочитува со прифаќањето на Францускиот предлог“.

Се знае каква емоција подига ова – како тие да работат жилаво „на последниот ден од својот мандат“, а ние спиеме со „една и единствена декларација“. А двете се неспоредливи – македонската Резолуција (не декларација) од 29.07.2021 беше Резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции. Буквално секоја точка од Резолуцијата на нашето Собрание е во истата насока како и „Францускиот предлог“, т.е. Преговарачката рамка, во која македонскиот јазик и идентитет се заштитени и историските прашања се надвор од истата. Што значи, Владата („власта“) не само што ја испочитува Резолуцијата, туку се потруди истата да ја инкорпорира во Преговарачката рамка!

Тешкото овде е да се исчитаат двата документи и детално да се потврди ова дека е точно, а супер-лесно е да се тресне невистина! Малите погрешни зборчиња, мали погрешни конструкции на реченица со потенцијал на лавина – ги перципираме ли или ќе ги оставиме да ни влијаат? Не ни е ли незгодно, медиуми, потковани со унгарски пари (истрагите на БИРН од 2020 г.), да нѐ мотаат?

Од друга страна, може да дискутираме за „голем ефект“ уште во умот на индивидуата каде што се случило и малото поместување, заради надворешно мало влијание, но доволно за татнежни вртења кругови на пристрасност кон веќе прифатеното (confirmation bias). Имено, средствата на дезинформирање се истите со средствата за информирање. Потоа, методите на пропагандата имаат и сличности со методите на учење. Да замислиме дека логиката е исправна, а предрасудите се избегнати во пропагандата. Сепак таа, таква, не може да ги преобрати оние кои се од претходно управувани од предрасуди и нелогичност. Секако, граѓанските иницијативи кои на некои начини успеваат да ги уловат предрасудите, пристрасностите и нелогичностите имаат важна улога во спречување на поголема штета. Исклучително важни се и методите за развој на критичкото мислење во самите образовни установи, кои би дејствувале како штит од методите на пропагандата. Затоа што, голем ефект (торнадото заради пеперутката) настанува не само заради погрешното расудување, имено, и мали промени во памтењето го менуваат квалитетот на расудувањето, а со тоа и резултантните ставови и уверувања. Токму тоа, и без надворешните реперкусии, може да се нарече голема промена: Мала промена во присутноста или вистинитоста на некои факти во меморијата предизвикува голема промена во сеќавањето (recall), односно менување на значењето на спомените од минатото како целина, идентификувањето на самиот себе во сегашноста и предвидувањата за иднината, низ неколку циклуси од неправилно изведување заклучоци заради или сосе лажни информации, или, пак, игнорирање („заборавање“) факти.

На пример, еден таков голем ефект на индивидуална промена во умот на еден човек, е убеденоста во правилност на работи кои му наштетуваат лично и/или на неговиот поширок колектив. На пример, да оди на протест заедно со ВМРО-ДПМНЕ и Левица, против започнување преговори со ЕУ. Го нарекувам „голем ефект“ иако е внатрешен затоа што го изместува значењето на човекот како човек, односно, бидејќи, прво, расчекорот е голем меѓу нормално и изместено расудување, кое понатаму носи изместено зборување, кое, пак, понатаму носи изместено дејствување, а второ, се засновува на лага или заборавање (погрешна информација). Заборавање дека националните елементи се запазени во Преговарачката рамка и немање поим за бенефитите само со преговорите со ЕУ, камоли членувањето. Тие две работи, објективно, воопшто не се некои матни и недефинирани, многу се јасни.

Во просторот меѓу „правилноста“ на убеденоста и наштетувањето, методите на пропагандата се како безусловен бакарен проводник. Односно, какво е расудувањето на поддржувач на ВМРО-ДПМНЕ? Да голта како шеќерче што му годи, како што се страотно глупавите антиквизациски митови со смешни (со копја во 21 век!) „воени грандиозности“ за нас самите, па биле чеда на Александар, сосе шлемови, штитови и цела костимографија и други играчки и Мапет шоу. Или како што е преносот на „светите букви ВМРО“ во боксерот бегалец, кој веќе е само тоа. Или континуитет на Мицкоски со Ванчо Михајлов и обратно, а со тоа пренос ВМРО -> Груевски -> Мицкоски -> Ванчо Михајлов и назад. Или  ВМРО -> анти-ЕУ и обратно. И други нелогични вериги.

Aргументот на член или симпатизер на ВМРО-ДПМНЕ против ЕУ комплетно виси на тоа конче: Затоа што ВМРО така сака. Нема размислување со мисли. Има „вовче“ (синхрон bandwagon) ефект низ целата ВМРО-популација која виси на конецот на „светите букви“ без реален аргумент ни пред себе: Зошто воопшто се за ВМРО-ДПМНЕ. Слична ситуација е и во Левица. Сами меѓу себе секојдневно си ја обновуваат информацијата дека си се за партијата и никого друг, никој не им чини – само самите си чинат, со заостанати содржини во облик на средновековни инквизициски или ариевски страсти – за да им прават не-знам-што на „предавници“ (модерните политички „вештерки“). ВМРО-ДПМНЕ за да бидат претставници на „Гоцевата раса“ – со акцент на раса, а не со акцент на Гоце Делчев – деецот со социјалдемократски уверувања, според сопствените зборови. А колку го почитуваат Гоце Делчев, видовме со непристојностите кои се обидоа да ги направат пред обележувањето на 151-годишнината од неговото раѓање, заедно со своите великобугарски (не бугарски!) колеги. Другиве, пак, Левица, глумат револуционерна сиромашна работничка класа, директно ограбувајќи го социјалистичкото минато. И едните, и другите само го дразнат чувството за македонски идентитет, без никаков придонес. Напротив. И мерлив е тој минус кој е целосно на нивно конто, а го трубат за туѓо конто. Но, тие, со маса луѓе на кои им ги изместиле расудувањето и меморијата, секојдневно си ја вежбаат својата нота, своето „вовче“ со неразумности, пеперуткин лет на глупост која сама си се одржува, си ги проширува круговите што ги врти, се амплифицира без некој особен напор, додека да се урне македонскиот мост за ЕУ.

Со тие промени, на приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ им се вештачки променети и идентификувањето на самиот себе во сегашноста, и предвидувањата за иднината. Но, токму со испробаното оружје – менување меморија на своите приврзаници, се гаѓа сега на граѓаните, за да бидат против започнување преговори со ЕУ. Наводно, нашата самоидентификација била сега во прашање, што наведува да се помисли – како тоа повеќедецениското повторување „комуњари“ од приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ, уништување на бисти на народни херои од НОБ од страна пак од приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ, невалоризирање на придобивките за Македонија од НОБ и Југославија директно од ВМРО-ДПМНЕ, на сметка на претераното акцентирање на периодот околу 1903 г., секако од ВМРО-ДПМНЕ – остана со многу тивок отпор? Од сето тоа може да се идентификува про-великобугарска пропагандна намера, носена токму од ВМРО-ДПМНЕ, со цел – заборав на дел од нашиот македонски идентитет, оној кој созреваше во рамки од почетокот на СФРЈ, како Социјалистичка Република Македонија. На основа на тие обиди за губење на нашата меморија, пропагандата на ВМРО-ДПМНЕ сега се обидува да ги примени истите тие вештини против влезот на Македонија во ЕУ, но во „поконцентрирана“ форма, преку конкретното знаење на тој вид на пропаганда: Овојпат, ВМРО-ДПМНЕ експлицитно на друг префрла вина за губење меморија – ќе сме се „бугаризирале“! Во случајов тоа е само лага пуштена во воздухот, затоа што, прво, на кратки рокови (има неколку месеци, но нека се и десетици години) таква работа и сами, искуствено знаат дека не бива, а второ, запазени се токму црвените линии од Резолуцијата од 2021 во Собранието. Да ги споредиме триесетте години на анти-НОБ пропагандата која едвај фати замаец, (но фати – преку нивни слепо приврзани делови од народот), со неколку месеци од почетокот на преговорите со ЕУ, а со потврден македонски јазик и идентитет. Дури и уште повеќе, влечкањето на продолжувањето на преговори со ЕУ додатно ги потхранува великобугарските цели, имајќи време за спамирање на анти-ЕУ расположение. Користи и божемна конфронтација со бугарски активисти, односно дури и глуми анти-бугарство, но специјално внимава да наштети на ЕУ-перспективите, а да не повреди великобугарска цел. Поттикнува осцилации општеството да биде нестабилно, незадоволно, депресивно и тоа да се амплифицира, додека не стане торнадо кое ќе ја збрише Македонија како ентитет, а луѓето не се разбегаат или претопат во нешто друго.

Навистина, утврдено е дека меморијата не ни дава буквални репродукции на настаните како на филмска лента, туку само глобално заокружува значење, во смисла на искуство. Меморијата губи делови од минатото и ги надополнува кохерентно  со други информации од поблиското минато и сегашноста (ова е место за упад на пропагандата: наместо добро расудување – спам од дезинформации и фалш логика), а знае и да ги прекрои и според предвидувањата за иднината (Корбалис). Се смета дека тоа е начин на кој еволуцијата успеала да нѐ оспособи за остварување на работи со многу мала веројатност, а со цел преживување и подобрување на благосостојбата. ВМРО-ДПМНЕ упаѓа и интервенира на чувствителното место во меморијата, воглавно со помош на Гебелс-повторувања за македонизам на великобугарски дејци и прикривања на злоупотребите, прикривање дека се преплашени токму од првото поглавје во ЕУ преговорите: правосудство, фундаментални права, функционирање на демократските институции и останатите фундаментални вредности. Користи заплашувања за иднината, злокобни и други негативно емотивно набиени „предвидувања“, од идентитетот – до преживувањето. ВМРО-ДПМНЕ временски нѐ заробува во рамки кои ги одредува таа, за да ја консолидираме меморијата поинаку, да се сеќаваме поинаку, да бидеме поинакви. Да летаме како хартивчиња во торнадото предизвикано од крилцата на нивната пропаганда.

Има и сосем едуцирани луѓе надвор од партиските структури кои сериозно се опфатени од ефектот на пеперутката и навистина сметаат дека македонскиот идентитет би бил нарушен од именување како „дел од народ“ на 3504 Бугари во македонскиот Устав. Но, фактот дека не се повредени што на ист начин и хрватскиот или еврејскиот дел од народи би биле именувани во Уставот, укажува дека спротивниот став за бугарскиот дел се засновува на само на погрешно насочена, дури и апсурдна емоција, никако на здрава логика, разум, ниту, пак на најобичен, Дарвински прагматизам. Да се сетиме на списокот желби од бугарскиот објаснувачки меморандум од 2020 г. Меѓународната заедница им ги изби сите карти од рака и ја исцедија само таа малечка карта на споменување во истиот облик на „дел од народ“, како што е за албанскиот, турскиот, влашкиот, српскиот, ромскиот и бошњачкиот – делови од соодветните народи. Тоа е толку добра размена во наша корист! Навистина, со толкава про-великобугарска инсталација како ВМРО-ДПМНЕ овде и воедно ВМРО-БНД, таму, во Бугарија, не може да бараме бесплатност. Но да дадеме „огледалце за злато“? Навистина ли ќе го преувеличуваме огледалцето, навистина ли за овој подарок не може да се преправаме дека тоа е чесна размена, не можеме ли да согледаме дека бенефитот е на наша страна? Толку ли сакаме да се оддадеме на хаосот?

Всушност, единствен начин за ВМРО-ДПМНЕ да докаже дека не е анахрон про-великобугарски фактор кочничар на земјава или дека им останал некој IQ поен во главата – е да гласа за продолжување на преговори со ЕУ. Притиснати малите копчиња „за“ во Собранието донесуваат големо обезбедување на благосостојба и развој за нас и следните генерации Македонци, какви што ги гледаме кај членките на ЕУ. Позитивна мала промена за копчето, просто, води до позитивна голема промена за општеството, економијата, добросостојбата. Ајде еднаш да го измениме злокобното значење на крилата на пеперутката и лесно, како тие крилца, да ги расчистиме облаците и да нѐ огрее сонце.

Треба да знаете
Moже да ве интересира