Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Истражувачката сторија на ИРЛ е жестока опомена и аларм за институциите, сè друго е помалку важно!

Истражувачкиот тим на ИРЛ навлезе во суштината на настаните поврзани со трагедијата и сѐ што следи по неа, со евидентен елан и професионална посветеност. Сведоштвата и фактите што ги обелоденува ИРЛ во оваа потресна сторија се убедливи и јасни. И – најмногу од сè – крајно вознемирувачки.

ЏАБИР ДЕРАЛА

Истражувачката видео сторија „Убиство во Тетово“ ја изгледав по вториот обид. Првиот обид ми беше неуспешен, се откажав, бидејќи ме потресе самиот почеток и видео инсертите од трагедијата со модуларната болница во Тетово, на 8 септември 2021 година. Но утредента ѝ се вратив на сторија, со внимание ја гледав од почеток до крај. Се работи за вистински добро изработена истражувачка сторија, со одлична реализација и во драматуршка и продукциска смисла. И не ме остави рамнодушен.

Уредничката Сашка Цветковска и нејзиниот истражувачки новинарски тим влегле во суштината на настаните поврзани со трагедијата и сѐ што следи по неа, со евидентен елан и професионална посветеност. Сведоштвата и фактите што ги обелоденува ИРЛ во оваа потресна сторија се убедливи и јасни. И – најмногу од сè – крајно вознемирувачки.

За мене, има најмалку три крајно вознемирувачки факти во оваа сторија. Првиот, природно, се однесува на неизмерната трагедија на загинатите и нивните семејства. Предизвикува неизмерно сочувство, тага, немоќ, но и гнев.

Вториот факт се однесува на молкот на институциите. Крајно алармантни се сведоштвата на самиот тим кој, очигледно, со недели и месеци не успева да дојде до релевантни податоци и документи кои институциите се должни да ги обезбедат. Политичките изјави се едно, секако може да се проблематизираат или да се поддржуваат, но молкот на институциите и одолговлекувањето на одговорите се крајно неприфатливи.

Третиот факт е „правдата“. Најблаго речено, правдата отсуствува, ја нема! Од реконструкцијата на ИРЛ се гледа дека истрагата и судскиот епилог кои се крајно неубедливи (најблаго речени). За жал, оваа сторија е уште една хипер-реалистична слика за тешката состојба на правосудството.

Како и да е, дури и да ги прифатиме критиките што беа упатени на адреса на ИРЛ во првите 24 часа… Дека не е консултирана „втората страна“ (иако од сторијата дознаваме дека биле поканети)… Дека е тенденциозно избрано времето за објавување на сторијата… Дека е тенденциозен или наведувачки начинот на претставување на наодите од истражувањето… Еве, дури и да ги прифатиме (нема зошто) сите можни критики на адреса на новинарските истражувачи на ИРЛ – најважно од сѐ е дека оваа сторија мора да се сфати како аларм од највисок ранг. Ова е опомена, горчлива и мрачна, и за институциите и за јавноста.

Иако на моменти може некој да посочи дека има извесна тенденција, па и мелодрама во видео сторијата, тоа во овој случај може да се припише и на емоцијата која е неизбежна во оваа тема. Се разбира, екипата мора да мисли и на пласманот и да создаде атрактивен медиумски прилог. И успева во тоа – сторијата има повеќе од сто илјади прегледи веќе во првиот ден по објавувањето. За успех се секако заслужни и луѓето што не ги гледаме (камера, тон, монтажа итн.), кои одлично ја изведуваат продукцијата и постпродукцијата.

Видеото е добро направено, можеби најдобро од сите на ИРЛ досега. Единствена забелешка, можеби, би била должината, но тоа во овој случај е најмалку важно.

Да се вратам на содржината. Без оглед на тоа дали се оправдани или неоправдани критиките што уследија или ќе уследат на адреса на истражувачката екипа на ИРЛ, важно е едно – ова е придонес кон развојот на демократијата и владеењето на правото.

Ирелевантно е тоа дали ИРЛ направиле добар прилог или не (не е добар, одличен е!). Не е важно дали има доза на сензационализам и тенденција – таму е евидентна искрена професионална заложба. Уште помалку е важно дали ние сме го гледале однапред подготвени да го осудиме или да го одобриме трудот на новинарската екипа.

Важно е што таа трагедија се случи и дека има голем број отворени прашања во врска со неа. Ако не бидат одговорени, прашање на време е кога ќе ни се случи следната трагедија со овие или поголеми размери. (ЦивилМедиа)

Зачлени се на нашиот е-билтен