Јотова: Бугарија е отворена за дијалог со Македонија, но без ултиматуми

Бугарија е подготвена за разговори со Македонија, но без ултиматуми и без отстапување од европската политика, изјави бугарската претседателка Илијана Јотова по иницијативата за нова средба меѓу двете земји.

Изјавата следува откако премиерот Христијан Мицкоски испрати нота со предлог за билатерална средба на министрите за надворешни работи, по препораката на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен Скопје и Софија директно да разговараат.

„Секогаш сме отворени за разговори со Македонија, но без ултиматуми и без отстапување од европската политика“, рече Јотова.

Таа оцени дека Македонија треба да го прифати процесот како дел од европската политика за проширување, а не да го третира исклучиво како билатерален спор со Бугарија.

Јотова рече дека сè уште не ги знае деталите од разговорот меѓу Мицкоски и Фон дер Лајен, но изрази надеж дека претседателката на Европската комисија била „исклучително цврста“ во пораките до македонскиот премиер.

Според неа, дополнителна тежина на разговорите ќе има и претстојниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија во процесот на пристапување кон ЕУ.

Бугарската претседателка го отвори и случајот со Ива Михајлова од Кочани, за кој Софија претходно реагираше пред европски и меѓународни институции.

Јотова рече дека пред почетокот на посериозен политички дијалог би сакала да види решение и за овој случај. Таа тврди дека веќе три месеци нема одговор од македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова на писмото што ѝ го испратила.

„Да останеме умерени оптимисти“, рече Јотова, додавајќи дека ќе разговара со бугарската министерка за надворешни работи и ќе го разгледа точниот текст на нотата испратена од Скопје.

Новата размена на пораки следува по посетата на Фон дер Лајен на Македонија, кога таа повика на директен дијалог со Софија и повтори дека земјата има европска перспектива со својот македонски идентитет и јазик.

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?