Што е “матичен агроном” и може ли Македонија да спроведе ваква реформа?

Во македонското земјоделство со децении се повторува истата слика, фармерите бараат совет дури кога болеста ќе го зафати листот или кога штетникот веќе го уништил приносот. Го продаваат своето производство кога ќе е зрело за берба или жетва без да имаат договорно производство, немаат никакви информации за нови технологии во производството, не ги познаваат административните процедури за сертификација или апликација за субвенции.

Јане СТАНКОСКИ*

Земјоделството денес е бизнис во кој секоја грешка чини пари, а секоја добра одлука носи профит.

Што претставува „Матичен агроном“?

Матичниот агроном е постојан и доверлив партнер на фармерот. Тој не доаѓа еднаш годишно кога има проблем, туку е секогаш присутен – како матичниот лекар што води здравствен картон за пациентите. За секоја парцела се води дигитално досие, каде се бележат сите третмани, анализи и препораки.

Улогата на матичниот агроном:

Партнерство и заштита: Обезбедува најповолни понуди за семе, препарати, ѓубрива и механизација. Води сигурна комуникација со државни институции и со сите засегнати страни во агро-секторот.

Превентивна грижа: Редовни теренски контроли, рано откривање на ризици, консалтинг за воведување на меѓународни стандарди GAP, IPM, сертификација за органско производство.

Паметни технологии: Советување за користење агро-дронови за снимање и прецизно третирање, IoT сензори за влажност и микроклима, дигитални софтвери за оптимизација на прихрана и заштита.

Правна и финансиска сигурност: Советување при штети од временски непогоди, проценка на вредноста на производството и поддршка при спорови.

Концептот на независно, платено советодавство е една од најважните алки на најразвиените аграрни економии во светот:

Франција (Моделот CETA): Во Франција, фармерите се здружуваат во локални центри за технички земјоделски студии (CETA) и плаќаат годишна чланарина за ангажирање независен агроном. Агрономот нема право да продава хемикалии или ѓубрива — неговата единствена цел е фармерот да добие највисок принос со најмали трошоци.

Германија (Beratungsringe): Германското земјоделство се потпира на т.н. „советодавни прстени“. Земјоделците плаќаат претплата според хектаражата, а за возврат нивниот матичен агроном им прави прецизни анализи на почвата, ги води низ правилата за заштита на животната средина и ги оптимизира трошоците за заштита.

САД (Certified Crop Advisors – CCA): Во Америка, средните и големите фарми задолжително ангажираат сертифициран советник за земјоделското производство. Овие експерти користат дронови, сателитски снимки и прецизно варијабилно ѓубрење. Нивниот ангажман се исплаќа уште во првите неколку недели преку заштеда на гориво и хемикалии.

Зошто е важно за Македонија?

За македонските фармери, особено оние средно големи со 5–15 хектари земјоделско производство, матичниот агроном е клучен за премин од „преживување“ кон профитабилен бизнис. Со прецизно третирање и IPM стандарди се избегнува непотребно прскање, се штити квалитетот на плодот и се отвораат врати за извоз и продажба во домашните преработувачки капацитети. Матичниот агроном е и поддршка во административниот дел – подготовка на документација за GAP, IPM или органско производство, што е предуслов за конкурентност на европските пазари.

Модели на наплата

За да биде достапен за сите фармери, услугата може да се организира преку различни модели:

Годишна претплата: Фиксна цена + износ по хектар. Вклучува редовни теренски посети, дигитално досие и постојана поддршка.

Хибриден модел: Ниска базна претплата + процент од заштеда или зголемен профит.

Модуларни услуги: Дополнителни услуги по повластена цена – снимање со дрон, судско-вештачки извештаи, подготовка на документација за сертификација и извоз.

Земјоделството веќе не е само традиција и надеж во временските прилики. Тоа е високотехнолошки бизнис каде секоја одлука носи последици. Матичниот агроном не е трошок – тој е инвестиција што гарантира стабилност, заштита и зголемен профит.

Со матичен агроном, фармерот добива сигурност дека секој ден е чекор поблиску до повисок принос и пониски трошоци. Тоа е патот од несигурно производство кон одржлив и конкурентен агробизнис.

*М-р Јане Станкоски е експерт за земјоделство

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?