Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мислење оперирано од мислење

Јас во суштина не знам како работи тој десен, “вмроовски ум”, дали е тоа памет форматиран и контаминиран исклучиво од пропаганда, дали таа пропаганда потоа во нивните глави создава нешто кое претставува контраендорфин, жлезда која лачи жигосување и омраза, и дали некој во некоја опскурна лабораторија им вбризгува зло, јебем ли га, барем до овој момент тешко ми е да проникнам

Пишува: Ненад ЈОВАНОВИЌ

Коментар еден.

Никогаш нема да ја прифатам “Северна”, не доаѓа во предвид, нека ми го земат мандатот (кој е тој што ќе му го земе мандатот, за тоа не разбравме до денес); потоа имаме ваков коментар: јас нема да ја прифатам таа одвратна придавка, своевремено беседеше нашиот жесток опозиционер Мицкоски. “Тука да ме сечете ако ја прифатам”, што, ќе признаете, звучеше прилично самоуверено и консеквентно. Барем така делуваше на прв впечаток. А знаете и сами: политиката на овие простори е ирационална и се темели на впечатоци. На сите светски моќници им оди контра и од името не се откажуваме… името никому не го даваме, така гласат некои коментари на мрежите кои Мицкоски ги зборуваше, а неговите ботови верно ги повторуваа на социјалните мрежи.

На овие општи места и празни приказни денешниот премиер прво доби гласови, и второ, направи влада која има 2/3 поддршка во Македонското Собрание. Не само што доби влада, ги доби и сите пари и сите ресурси на овој свет. На овие избори човекот доби се’, поточно, ние му дадовме се’: тој е нашиот (или вашиот, поточно) нов господар на нашите мали и “трошни” животи.

Меѓутоа, по ѓаволите, “го притиснаа, па бил немоќен”, така рече, така ви пренесувам, па, сега, кои сме ние за да не му веруваме на збор? Имено, на придавката “Северна” доби се’, на придавката “Северна” водеше опозициона политика, поради таа придавка најпрво доби се’ на локално ниво: градоначалници, совети, локални буџети; поради придавката “Северна” влакно од опозиционите глави не им фалеше; поради таа придавка не почувствуваа реваншизам внатре во земјата, еден човек не беше избркан од работа, еден човек не беше стигматизиран, дискриминиран или не дај Боже линчуван. Стигматизацијата, дискриминацијата и линчот, парадоксално, го “пушеше” владата, и уште како да им велеше, “маајте браќа со сите дрва и камења”, а овие не чекаа два пати да им се каже. Маваа и лумпуваат додека речете “Северна Дакота”. Малцинската влада прво на Заев, а потоа и на Ковачевски, беше сатанизирана и линчувана, како што беа сатанизирани и линчувани сите оние кои ќе се осмелија да бранат и афирмираат мир, пријателство, соживот, сите оние нормални работи за кои политиката и треба да постои.

Натаму, не нарекуваа послушници, ботови на “светските моќници”, слуги на “qрwaта Јевропа”, будали, лузери… Не’ срамеа насекаде и пред секого; на улица, по кафани, на телевизии, низ интернетските клоаки… Ни ја расплакаа мајката за, види богати, денес, односно вчера, поточно на самото конституирање на новата влада, Мицкоски како од пушка да ја свирне “Северна”.

Јас во суштина не знам како работи тој десен, “вмроовски ум”, дали е тоа памет форматиран и контаминиран исклучиво од пропаганда, дали таа пропаганда потоа во нивните глави создава нешто кое претставува контраендорфин, жлезда која лачи жигосување и омраза, и дали некој во некоја опскурна лабораторија им вбризгува зло, јебем ли га, барем до овој момент тешко ми е да проникнам.

Коментар два.

Просечна памет вака резонира: каква е таа Европа, море, во која нема еден газда, па фино-лепо да научиме на која врата да (за)тропаме, нам од наша перспектива ни изгледа како во таа Европа да не се знае кој пие, а кој плаќа, а богами таква беше и “комуњарската” влада. Денес, конечно, имаме еден газда и една влада, газда и влада по наш мерак, мерак што конечно од нас прави да сме “свои на своето”. Велат, рекол Мицкоски “Северна”? Па што ако рекол! Сега наше е се’, и нека престанат веќе еднаш тие клети комуњари да ни зборуваат. Ние ќе правиме како што ние сакаме, а ние сакаме како што сака нашиот газда, и баста! Ќе си се вработиме секаде, како што било и од секогаш. Ние ќе си ги спојуваме и разделуваме Министерствата како што сакаме или како што сака нашиот шеф. Нашиот шеф ќе ни даде сега пари и за Локалните самоуправи онолку колку што ние сакаме или колку што тој ќе ни даде, што некако му доаѓа на исто. Ние го сакаме она кое нашиот шеф го сака и обратно. Тоа што нашиот шеф го сака, тоа го сакаме и ние, и мукла, комуњари!

Коментар три.

Сакате Бугари во Уставот? Нема да ги ставиме, ама ако сака нашиот шеф, знајте дека ќе ги ставиме од инат заради комуњарите! Ќе ги ставиме само за да им докажеме колку се неспособни, и што има ние сега да мислиме на нив, ние сега си имаме шеф за се’, тој најдобро знае што треба да се прави, ако ни каже да ги ставиме, ќе ги ставиме; ако ни каже да не ги ставаме, нема да ги ставиме. И што тука не е јасно по ѓаволите? Сега се’ е наше, разбирате ли проклетии?

А, сега, да одиме малку посериозно: големо прашање ќе биде како ВМРО-ДПМНЕ, веќе кога има 2/3 во Собрание, ќе се однесува кон Албанците; дали во времето кое следи ќе направат клима за еднакво-правен и еднакво-вреден соживот во заедницата, или со Албанците ќе се однесуваат како луѓе од втор ред? Дали ќе прават “етнички чиста конфесија” за едните, а за другите ќе глумат мултиетничност и мултиконфесионалност? Како ќе ја третираат опозицијата, пред се’ тука мислам на СДСМ. Дали ќе не’ третираат се’ уште како предавници или конечно ќе преземат еднаш вистински товар на својот грб и конечно решат некое сериозно прашање како што е прашањето со Бугарите.

Ова се важни прашања за кои одговори ќе ги дознаеме за многу скоро време. И уште сега треба јасно да им се каже, па дури и ако сакате да им се постави ултиматум: 1.) преку дијалог да ги решава сите внатрешни и надворешни прашања; 2.) да имаат чувство за опозиционата СДСМ, затоа што сепак таа е репрезент на онаа нормална Македонија, да не ја притискаат, рушат или дополнително да ја уценуваат преку пратениците; 3.) сите жители во Македонија мора да ги уживаат истите права и никој не смее да биде дискриминиран по ниту една морално ирелевантна основа (боја на кожа, етничка припадност, род, бирање на партнер). Тоа е темелот на нормалноста.

Нека проблемот со Бугарите биде последен. И проблемот со Бугарите не смее дa им го наметнуваат на другите луѓе како основа во која ќе живееме како рамноправни членови во политичката заедница.

Ова кое го набројав за Мицкоски ќе мора да биде услов што нужно ќе мора да го исполни ако навистина се залага  за нормална и Европска Северна Македонија.

Во спротивно, нека го земе примерот со неговиот колега од Будимпешта. Историјата некогаш се повторува како фарса, а некогаш и како коме(н)дија. (Фронтлајн)

Треба да знаете
Moже да ве интересира