Пратеникот на СДСМ Оливер Спасовски денеска во Собранието побара детални информации за финансирањето на прославата на 35 години независност на Македонија, отворајќи прашања за 300 милиони денари од нераспределената добивка на Државна лотарија, дополнителните средства од компании, платените даноци и договорите со кои биле реализирани настаните.
Спасовски праша дали Владата, во својство на Собрание на акционери на АД Државна лотарија, донела одлука за користење на 300 милиони денари од нераспределената добивка за прославата и побара да бидат објавени документите врз основа на кои средствата биле употребени.
Тој побара одговор и дали за организацијата и ангажманите се пресметани и платени сите даноци, како и кои компании обезбедиле дополнителни околу 40 милиони денари, односно повеќе од 600.000 евра, и дали тие средства биле дадени како спонзорства или донации.
Според Спасовски, кога ќе се соберат средствата од Државна лотарија и дополнителното финансирање, станува збор за околу 5,53 милиони евра за прославата.
Во расправата тој го отвори и прашањето за временската рамка во која била организирана програмата, во која завршниот голем настан беше настапот на Дејвид Гета.
„За четири дена не можете министер да доведете во Собрание да одговара на пратенички прашања, а не Дејвид Гета за четири дена да го организирате“, рече Спасовски.
На прашањата одговараше заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски, кој ги отфрли критиките и оцени дека опозицијата ја проблематизира успешната организација на прославата.
„Ви боде очи добрата организација“, му одговори Јанкуловски на Спасовски, според извештајот на Телма.
Прашањето за финансирањето на прославата е отворено уште од нејзиното одржување. Премиерот Христијан Мицкоски претходно изјави дека настаните, вклучително и настапот на Дејвид Гета, ги чинеле Буџетот и граѓаните „нула денари“ и дека биле организирани со поддршка на општествено одговорни компании.
Подоцна, на заедничка прес-конференција на Владата, Државна лотарија и организаторот беше соопштено дека одбележувањето чинело над 300 милиони денари и дека најголемиот дел од средствата ги обезбедила Државна лотарија од нераспределената добивка за 2024 година.
Оттаму произлегува и суштината на денешните прашања во Собранието – не само колку чинела прославата, туку врз основа на кои одлуки биле користени средствата, кои субјекти дополнително учествувале во финансирањето и како биле регулирани даночните и договорните обврски.

