И во име на вековната и традиционална просветителска улога на нашата Црква, убаво би било таа да го искористи влијанието за описменување а не за дезинформирање на своите следбеници.
Пишува: АНА ВАСИЛЕВСКА
МПЦ ќе го брани својот народ, децата и жените, најави денеска поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија г.г. Стефан и со видео-обраќање побара поддршка околу протестот пред Соборниот храм. Всушност, МПЦ-ОА, сите нас ќе не заштитувал од носењето на Законот за родова еднаквост и Законот за матична евиденција.
Не само што е апсурдна, туку е крајно несериозна ваквата изјава од страна на поглаварот а во име на свештенството и нивните верници. Апсурдна е затоа што овој Закон на ниту еден начин не го загрозува тоа што МПЦ ќе го штити, а несериозна е бидејќи звучи како политикански памфлет на десницата а не како порака од духовно лице претставник на една од најголемите религиозни заедници кај нас.
Неодамна и Владиката Петар распали по жените и морализираше пред верниците, така што се чини дека станува се пофрефентно медумско експонирање на Цркавата, и се забележува дека таа има тенденција да се наметне како политички фактор во секуларната држава.
Настрана што умешно ги спинува информациите, односно го презентира текстот од Законот на погрешен начин, со цел да навлече револт од страна на верниците и граѓаните, да мобилизира масовност, дури користејќи и една воинствена реторика „повикуваме во оваа борба за достоинство, слобода и заштита на основните верски права да се придружи верниот народ, граѓанските здруженија, организации и сите поддржувачи заедно да ја заштитиме нашата вера и традиција од обидот за нејзино ‘искоренување’ “
За искоренување на која традиција стравува МПЦ? Дали за традицијата да се отфрла прогресот, родовата еднаквост, зајакнување на позицијата на жената? Таа традиција на закоравена дикататорска логика, која наводно ја плаши МПЦ, единствено им врши работа на маскуларните десничарски движења кои на едноставен начин преку манипулација со т.н „семејни вредности“ успеваат да ја одржуваат покорноста кај гласачкото тело, додека нивниот „личен морал“ се идентификува со дебели банкарски сметки. Како Орбан, на пример.
Зачудува фактот дека МПЦ-ОА никогаш досега не сме го слушнале да се обедини и да се организира кога се потребни донации за лекување на деца, за изградба на прифатилишта за бездомни лица, шелтер центри за жртви на семејно насилство. Никогаш не се слушна нивниот глас, кога реки народ бараа правда на улиците, кога протестираа за скриено убиство, за тепање на студенти… Поглаварот, синодот, владиките, никогаш не брцнаа во атрактивните локации и имоти со кои располага МПЦ-ОА, за да ги отстапи на користење во некоја хуманитарна цел, ете барем да понудеа превоз за бегалци во нивните теренски возила (џипови)?! Молчат секако и пред фактот дека токму деца кои чувствуваат поинаков родов идентитет се изложени на булинг, и исто така молчат за „совршените семејства“ каде што се бројни фемицидите и насилството врз децата?!
Сега, овие тези дека се загрижени за децата и семејните вредности, поради предлог-законите за матична евиденција и родова еднаквост, наликуваат најблаго речено на двоен морал, и повторно ќе речам својствен за конзервативните политички структури, лична карта на опасните средновековни духови.
Политичката и општествена организираност, социјалните процеси се работа на системот, и секако дека не се лесни. Затоа, ова вмешување на Црквата во општествените текови личи на аматеризам кој може да и донесе повеќе штета отколку моќта која ја посакува. Уверена сум дека меѓу бројните верници на МПЦ-ОА има многу хумани луѓе кои со возвишената духовност се на страната на обесправените, на страната на правдата, еднаквоста, слободата, заштита на послабите.
МПЦ-ОА треба да се плаши од губење на овие верници од нивната заедница, бидејќи тие се носители на вистинската религиозна и духовна мисија на нивните канони, и да се наврати на бројните примери кога обидот на Црквата да воведува репресии предизвика контраефект и ги губеше своите поклоници.
И во име на вековната и традиционална просветителска улога на нашата Црква, убаво би било таа да го искористи влијанието за описменување а не за дезинформирање на своите следбеници. (НоваТВ)