Новата револуција е против популистичкиот антиинтелектуализам

Наративот „добрите тие“ и „лошата Влада“ на ВМРО-ДПМНЕ, не само што по книга оди со анти-идеологија, односно со популизам, туку и ги презема вредностите на „лошата Влада“ (одеднаш ВМРО-ДПМНЕ е про-ЕУ и про-НАТО) за да се прикаже себеси како „добра“

Емилија ЦЕЛАКОСКА

Во време на инсистирањата на таканаречените екстерни тестирања, вклучувајќи ги во нив и екстерните за студентите, еден билборд на улицата „Теодосиј Гологанов“ упорно долго остана. „Знаењето е сила, знаењето е моќ“ пишуваше. Сериозно го мразев плакатот, иако знаев дека „Знаењето е моќ“ е нешто слично на еден цитат од Френсис Бејкон (инаку, да, тогаш не знаев на памет, побарав, затоа што не ми се веруваше дека сами го смислиле слоганот). Имено, овој слоган, парадоксално, одеше откако го отстранија знаењето од множества и логика во основното образование со заглупавувачкиот „кембрич“ по математика (намерно ми е погрешен правописот тука). Ако нешто е непријателски чин, тоа е тоа – да го ускратиш осетот за логика кај подмладокот на нацијата. Да ги спремиш, и децата, и нивните родители, да голтаат сервирана бесмисла што си поигрува со нивните животи.

Ако нешто е непријателски чин, тоа е тоа – да го ускратиш осетот за логика кај подмладокот на нацијата. Да ги спремиш, и децата, и нивните родители, да голтаат сервирана бесмисла што си поигрува со нивните животи.

На овој став сум, бидејќи знам дека математиката не е само за во училница, не е ни само за сметање на памет на пазар, а не е ни ограничена само на специфични занимања и индустрии. Овој дел – множествата и логиката, кои секое третаче со задоволство ќе ги сфати (и потоа веднаш може да се фати со програмирање ако сака) им пречи на авторитарните ванаби главучи, затоа што прави основа за нормалното мислење, со имуни логички телца. Знам дека звучи како теорија на заговор, но ако се погледне светската пропаганда, која кај нас се презема во блокови како славните пити кашкавал од седум-осумдесеттите, оној кој знае, може да забележи формално-логички инженеринг. Просто, се пушта „сигналот“ заедно сосе потребните логички порти за конкретната пропаганда, а луѓето, лишени од воспоставени точни логички порти низ своето образование (или напуштени логички порти во сопствениот ум – за повозрасните), сервираното ѓубре го примаат како „знаење“! Колку вреди тоа „знаење“? Тоа сигурно не е „моќ“ на индивидуата, а за сомнителниот збор „сила“ и да не зборуваме. Тоа е моќ и сила само на режисерот на таа обука, која де факто и очигледно – е многу нечесна пропаганда.

Знаењето, вистински, се состои од проверени и корисни работи, и на индивидуално, и на колективно ниво. Новите информации се вградуваат во поврзано Знаење преку вистинскиот резон, тестиран и докажан уште од зората на човештвото, со однегувани логички порти од детството на индивидуата, па натака. Знаењето и набљудуваните факти никако не може да бидат спротивни меѓусебно, па токму заради тоа, кога ќе настапи некоја нова околност која јавува дисонанца во дотогашното знаење, јасно е дека е време за ново поврзување, за поголемо Знаење.

Сепак, за едно општество, колку и да е мало, големо, развиено или не, дури и денеска е точно дека најголем дел од Знаењето се чува во мозокот на многу поединци. Некои знаења им се достапни и на други кога се снимени во учебници, истражувачки, практични, технички, статистички, законодавни итн. извештаи прирачници, публикации и упатства. Но, не може целото Знаење да се пренесе на некој медиум и потоа така да се сподели со друг. Вештините на врвниот гимнастичар, на пример, се знаење добиено со многу обиди и грешки и не можат поинаку да се стекнат. Било какво споделување кое не е на длабоко невронско поврзано ниво, тука не е можно. Во многу сфери на животот, вештините и искуството се клучни.

Ем Македонија да била „на линија со ЕУ, НАТО и стратешкото партнерство со САД“ (Ѓорчев), со „отворени врати секаде каде што се носат клучните одлуки“ (пак Ѓорчев), ем позициите да биле „силни македонски“ (пак Ѓорчев), да немало уставни измени „под вакви услови“ (Муцунски). Требаат ли логички оператори за да се види раштиман оркестар?

Знаењето мора да биде поврзано и проверено, затоа што неговата улога е да ги направи исправни организацијата на заедничкиот живот и управувањето со колективот (или нацијата). На тој начин, моралните норми, работните навики, но и законските правила имаат многу голем удел во Знаењето на едно општество. Од сето ова станува многу јасно дека Знаењето е еден голем човечки, хуман потфат со изречна намера за прогрес, најмалку барем за олеснување на сопственото живеење, просперирање – од аспект на најголото животинско ниво на опстанок, до задоволството на самооствареност. Со помош на умот. Ако ги изгубиме исправните логички порти или дозволиме да ни насадат неисправни – тогаш итаме накај планета од мајмуни, ама како за во зоолошка градина или за во џунгла, не како оние напредните од филмот со Чарлтон Хестон и франшизата. Или, за малечките колективи – тоа води кон исчезнување.

Основните значења на стандардните „и“ и „или“ ги снемува полека, преку инсталирањето на заменски логички порти во општествената комуникација. Не е тајна дека популизмот е задолжен за „логиката“ на антагонистичките емоции и затоа тој не е на исто рамниште со идеологиите. Всушност, обратен е од идеологиите, кои стандардно се во форма на аргументи и принципи со цел – просперитет на даден колектив (заради што задолжително го содржат нормалното резонирање). Всушност, на популизмот, повеќе му стои назив – анти-идеологија. Дури и не е погрешно да се каже дека популизмот инсистира само на континуиран повик за акција за таргетираните од повикот – да се соочат со „предавникот“, со „непријателот“. Точно дека одбраната е важна за еден колектив, но и таа спаѓа во Знаењето и е со задолжителен точен резон. Односно, популизмот, комплексниот политички простор, го сведува на еднодимензионален простор – борба меѓу „добрите луѓе“ и „злобната елита“. За толкаво симнување на димензијата на комуникацијата на колективот, на популистот-режисер му е потребен, јасно, таков логички апарат кој обезбедува манихејска поларизираност, но и Шредингерово-мачкини можности кога сервира две спротивни работи како точни, за да може самиот да се извлече.

Популизмот комплексниот политички простор го сведува на еднодимензионален простор – борба меѓу „добрите луѓе“ и „злобната елита“.

Веќе подолго време идентификувам дека обичното „или“ (OR) се користи како „или-или“, што е сосем поинаква логичка порта (XOR), згодна за популистот за спуштање кон помала димензија на општествената комуникација и реалност дури. Тоа е познатото „На мојот начин или фаќај џаде“ (My way, or highway), кадешто „или“ е суштински „или-или“, (OR незабележително се користи како XOR). На пример, состојбата „добри-зли“ за популистот се остварува преку „или тие – или ние“ што, мора да се признае, звучи доста истребувачки, не само поларизационо – второво е на меко, комуникациско ниво. Со замената на „или“ со „или-или“ може и сликовито да се прикаже и спуштањето на димензионалноста. Тоа е како општествената реалност да се свела на мостот од басната на кој двата овни не отстапуваат и стојат така заглавени на него. Стандардното „или“ вели дека проблемот се решава кога двата овна ќе се сложат, ама и кога само еден од овните е тврдоглав. Но, со замена на „или“ со „или-или“, ако двата овна се сложат, тоа се продава како нерешение, додека ситуацијата на еден тврдоглав овен се продава како симетричност на изборот – „кој вели дека тие се во право, кога тоа сме ние“, со што незабележително става негација на другиот.

Така, на луѓето, вкупно им изгледа дека секогаш има еден тврдоглав овен (тој другиот) и дека затоа, ситуацијата би можела да се реши според нормите на омилениот овен (зависно од групата луѓе), но тоа не е така, бидејќи два спротивни реалитети не се насадуваат во еден. Тоа е така бидејќи дополнително се интревенира во „или-или“, за рачно избран „лош овен“ да биде точно определен кој да биде тоа, со што другата страна наседнува и, на тој начин, спротивно „точно определува“ другиот да биде „лошиот овен“. Тоа се две некомпатибилни спротивности кои раѓаат, реално – нерешение, бидејќи ваквата маскарада форсира секоја од групите луѓе (со свој омилен овен) да „живее“ во сосем поинаква логичка порта од нормалната. Односно, заедно вкупно живеат во портата на – „следува“ (импликација)  со сервираната бесмислена логика. Имено, според старата програма и основците знаеја дека (не А) или Б (што, рековме, само во овој дел „или“ дава исто со „или-или “), е, всушност, логички исто со – „од А следува Б“ (ова сите ги збунува, но така е). Што значи, маневарот за заштита на себе си е во точното подредување на А и Б, за сите (но од аспект само на едната страна). Ако групата со вредности А си се вика „добра“, тогаш групата со вредности Б ќе ѝ биде лошата. На Б групата тогаш, како реакција за да покаже „не Б“ (т.е. не-лошост) веќе ѝ е наметнато да направи негација на целата неточна оперативна грамада „од А следува Б“, што само, не сакајќи, ја потврдува како „точна“ (а не е) целата вештачка „или-или“ конструкција. Самото по себе ова е од тип на фалш логика на „избрзано генерализирање“, што овде има и елемент на ненамерно самоповредување (формира А и (не Б) – „добри“ и „добри“) на страната која се бори со првобитно наметнатата маскирана, неточна логичка конструкција. 

За цел свет да види како се прави тоа, популистичката ВМРО-ДПМНЕ, навистина, до точка презентираше: На пример, направи, да не биде решение – широка влада (си запази „или-или“). Но, според нормалниот резон (со „или“) – широка влада беше решение. Можеше да се покаже, со нормален  резон, намерата за просперитет на земјата – продолжување на патот кон членство во ЕУ, по усвојување на остварливиот предлог – вклучување на малите малцинства во Уставот, од кои едно и бугарското. Понатаму, во наративот „добрите тие“ и „лошата Влада“, не само што по книга оди со анти-идеологија, односно со популизмот, туку и ги презема вредностите на „лошата Влада“ (одеднаш ВМРО-ДПМНЕ е про-ЕУ и про-НАТО) за да се прикаже себеси како „добра“!

Се разбира, на крај вистината излегува и без премногу логички операции. Ако сега ВМРО-ДПМНЕ е за ЕУ, но со некои „ непопустливи поправки“, колку време ќе ѝ треба за да се откаже од „поправките“? Бидејќи тие „поправки“, очигледно, ја прават разликата меѓу, сега, „добрите“ и „лошите“! Ем Македонија да била „на линија со ЕУ, НАТО и стратешкото партнерство со САД“ (Ѓорчев), со „отворени врати секаде каде што се носат клучните одлуки“ (пак Ѓорчев), ем позициите да биле „силни македонски“ (пак Ѓорчев), да немало уставни измени „под вакви услови“ (Муцунски). Требаат ли логички оператори за да се види раштиман оркестар?

Ем „не знаеме кои се тие вредности на ЕУ“, за членството во НАТО не гласаа и сега плачат над „Северна“ со Преспанскиот договор и сите други договори, ем ќе биле на линија со ЕУ, НАТО и стратешкото партнерство со САД.

Сеедно, тоа е најинтересниот маневар – како популистот кој антагонизира, се спасува себеси од антагонизација? Таа „животна вештина“, ја прави така што за две спротивни (антагонистички) работи вади тавтологија, наместо контрадикција. Ем „не знаеме кои се тие вредности на ЕУ“, за членството во НАТО не гласаа и сега плачат над „Северна“ со Преспанскиот договор и сите други договори, ем ќе биле на линија со ЕУ, НАТО и стратешкото партнерство со САД. За оваа цел постигнаа низ годините и маслиновите медиуми, цела низа од нормални логички порти во умовите на населението да бидат срушени, за сега луѓето да прифаќаат такви бесмислици. Анти-интелектуализмот прави сѐ да оди без контрола на телевизиите и многу медиуми, бидејќи самиот е таква анти-идеолошка (популистичка) мерка која го меси општествениот став да не верува на во потрагата по Знаење. Поттикнува, Данинг-Кругеровски, секој незнајко да си дозволува „рецензија“ на светски рецензиран научник или професор, убеден дека неговото „комон-сенс знаење“ е најголемото, највистинитото.

Од овие сплеткани игри на популистите со умовите на луѓето, се појави и психологијата на „неутралност“. Оваа мимика особено е омилена во академската средина, каде што непристрасноста, родена за да се достигне вистината, се заменува со оваа, инфериорна на неа – „неутралност“. Неутралноста е пречесто во облик „блажени се тие што не знаат“, често служи за одбрана и прикривање, не само за утеха, но во многу случаи и се форсира, со што станува агресивна деморализација кон обиди за дознавање на вистината. Тоа самото по себе е парадоксално, бидејќи оној кој ја бара вистината, никако не може да биде непристрасен за неа, туку само за фактите кои водат кон или застрануваат од неа, токму за да знае дали водат или застрануваат. Овие луѓе ги заменуваат „или“ и „или-или“ со „ни-ни“ (NOR). „Ни тие – ни тие“ им е единствено решение, но кое, реално, е невозможна бајка.

Со бегање од одлучување, спротивно на сите нивни очекувања, не останува празно столче во законодавниот дом, туку само, без користење на Знаење, им е даден поголем удел, поголема моќ, на галмџии кои реално имаат мал удел во општеството.

Тоа води во оставање на популистите да го окупираат управувањето на колективот, нацијата, државата, во претерано големи удели во законодавството, колку што не заслужуваат според нивниот број, како удел во целото граѓанство. Тоа е мамење. На пример, ако Х луѓе се запишани да гласаат за 120 законодавци, а гласаат само Х/3, тогаш со само Х/3 одлучувачи, сите 120 столчиња ќе се пополнат. И само десетмина да гласаат, пак сите 120 столчиња ќе се пополнат. Затоа е дел од Знаењето колку што е можно повеќе членки на еден колектив, на една нација, држава, да го користат моментот на одлука. Таков момент доаѓа пак после неколку години. Со бегање од одлучување, спротивно на сите нивни очекувања, не останува празно столче во законодавниот дом, туку само, без користење на Знаење, им е даден поголем удел, поголема моќ, на галмџии кои реално имаат мал удел во општеството. Без оглед што галамат, гласноста не го одразува уделот. Тој момент на одлука, како и секој момент на одлука, мора да произлегува од Знаење, а не од глупости, ако се сака да се поживее добро. Тоа значи дека долгорочната револуција тука која мора да се случи во име на опстанокот е револуцијата со здобивање Знаење во мозоците на луѓето. Децата и студентите мора да почнат да протестираат преку резон, сфаќање и поврзување (не бубање за писмена или испит) и да ги обучат и своите родители колку што можат. Оваа револуција е најнапорната, но е светска (Трамповство), не е само локална, македонска.  А не е нова ни во историјата на светот, меѓутоа за прв пат после инквизицијата, или прв пат во слободните општества после Француската Револуција, резонот мора да се брани како вредност.  

Moже да ве интересира