Сегашноста ќе биде историја

Значењето на Македонија е многу поинакво отколку напрегнатото истурање ВМРО- симболи, националистички пароли и мрдната пизма на секој ќош, и е комплетно спротивно на сѐ што претставува Белата палата, и однадвор, и одвнатре.

Емилија ЦЕЛАКОСКА

Денес сме живи сведоци на важен настан за Македонија – усвојување на документ во Собранието за соработката со европските погранични органи – Фронтекс, потпишан на македонски јазик, како еден од јазиците на Европската Унија. Овој податок ќе влезе во историјата за нас. Ќе влезе и податокот – кои беа тие кои го омаловажија тоа и ги снема од законодавниот дом. ВМРО-ДПМНЕ има неоправдан изостанок и лоша оценка од историјата која се гради во сегашноста. Добрата страна е што се откри дека во своите премногу букви од името, не само што има фалсификат за кратенката ВМРО и лага дека е демократска, туку едноставно, не е македонска.

Таа е таа која ставаше тежина на минатото, инсистираше дека историјата е  „учителка на животот“, но очигледно само трупаше податоци и споменици и го збунуваше цел народ и светот со величење на бугарски дејци, како некој мачител. Но, бидејќи е стандард со морално расудување да се учат низите од историски настани, тогаш за изразот „историјата ќе суди“ не постои опција за два одговори, туку само за еден. Поточно, само една насока на дејствување во сегашноста навистина ја прави историјата, затоа што моралните вредности не се пластелин. Вистинската насока ја оствари оваа Влада на Македонија.

Постапувајќи морално, имајќи ги за критериум демократските – во основа – либералните вредности, би се избегнале многу страдања во сегашноста (која еден ден ќе биде историја), затоа што сите ќе бидат начисто дека настаните можат да течат напред само ако одговараат на вредностите во кој е можен развојот. Навистина, спротивните сили понекогаш успеваат да направат временски застој преку мамење и изопачување на некои конзервативни вредности (особено лојалноста, претпазливоста и авторитетот). Но, секогаш победува онаа страна што нуди развој, слобода за остварување на развојот, праведност и етика, затоа што сите овие се далеку посилни човечки стремежи. Затоа и поговорката дека победникот ја пишува историјата воопшто не може да е двозначна – победникот е секогаш оној кој има почит кон слободата за развој и работи на напредокот, а останатите ги памети во негативно светло.

Денес луѓето можат да си ги овозможат либералните вредности поединечно, така што ќе си одат од земја која помалку ги има, во земја која повеќе ги има. Не остануваат таму „за парите“, затоа што материјалните бенефити никогаш не ги исцрпуваат човечките пориви за либералните вредности. Дури тогаш поривот за свој, сопствен придонес за поголемиот колектив е искрен. И обратно, слободата да се развива, напредната средина, правдата и високите етички норми, му овозможуваат да има повисоки цели. Тоа е двонасочно.

Оние кои остануваат во помалку развиената средина, како ние во Македонија, ако воопшто сакаат да опстанат, мора да напредуваат. Секое преферирање на статус-кво е пропаст, затоа што ништо што останува статично не може да опстане. Опстанокот се гарантира со развој. Но, во Македонија во последниве две децении се зголеми бројот на претерани љубители на комоцијата на своја штета. Велат „има и полошо“, пресреќни во заградената кочина. „Други нека му ја мислат“, нерасположено процедуваат, токму кога се дел од процес во кој се одлучува за нив самите. Притисоците за напредок се прават на лично и себично ниво воглавно преку корумпираното – „пријатели сме“, со огромна мрзливост и кукавичлук за фер принципи.  Таа преференца за стоење во место им е посилна од сите закони, етики и копнежи за повисоки цели и ретко има врска со материјална необезбеденост. На истиот начин се склони да ја третираат и историјата – како таа да е повеќе од целата смисла на сегашноста. Имаат и менторство од ВМРО-ДПМНЕ, на тасот за вредности да одземаат од сегашноста и да ставаат во минатото.

Претпоставувам дека таа желба за статичност воопшто не е желба, туку е страв од иднината, страв од промена. Несреќно трансформирана претпазливост, со масло од изопачена лојалност кон божемен авторитет, всушност нивни мачител. Сами си ги смачкуваат најосновните човечки копнежи за слобода, за среќа како единка која придонесува, само онака, „за секој случај“ да не испадне погрешно за индивидуата лично, бидејќи „други му ја мислат“. Првото референдумско прашање водеше сметка за тој менталитет и затоа даде успешен резултат. Тоа прашање ја наметна идејата дека пак ќе има некаква Југославија, пак ќе има некој да се грижи за нив, а не затоа што сите беа толку орни да се отцепат за да го носат товарот на одговорноста за одлуки.

Сигурно има корелација меѓу резултатот дека сме една од најнесреќните нации на светот и мејнстримизираноста на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа што поголем дел од населението потпаднало во страв од сопственото чувство за цел, од сопствениот позитивен придонес кон развој, дури и страв од самото држење до либералните вредности: слобода за развој, солидарност, неповредување, заемна толеранција – се должи на долгогодишните измачувачки притисоци од ВМРО-ДПМНЕ врз луѓето. Либералните атоми за градба на едно општество ги претвори во антилиберални, како да градиме општество со антиматерија. Нивното декларирање за конзервативна партија, како и сѐ останато кај нив – е измама. Може и општо да се дискутира дали конзервативните вредности се секогаш само на хартија и никогаш не се применети во целокупната историја човештвото, на сите земји на планетава, бидејќи тие вредности се идеали кои се однесуваат на цели колективи одеднаш и дека тие се неостварливи без прво индивидуално да се вградени либералните вредности во секоја индивидуа. Затоа редовно се изопачуваат во антилиберални и со тоа античовечки, односно, секој чесен обид да се атомизираат, индивидуализираат конзервативните вредности е тоталитарно, авторитарно фијаско од антилиберални, античовекови антивредности. Но, ВМРО-ДПМНЕ намерно го изопачува конзервативизмот во антилибералност.

На пример, дали имаме свест за тоа дека нон-стоп во атмосферата лебди едно нивно прашање, како сите до еден да сме во подрум за измачување и миење мозок:

„Дали си предавник?“  

Со тоа континуирано прашање, ВМРО-ДПМНЕ го прави најопасниот ментицид уште од моментот кога е формирано (Јоост Меерло, „Силување на умот“). И од позиција на власт, и од опозиција. Преплашената маса одговара со „Не-е-е-е-е!“ на прашањето. Масата на која е извршен овој првостепен ментицид е неотпорното, малтретирано стадо кое потоа се претвара во глутница, обидувајќи се потоа со сета сила да малтретира други. Тоа се луѓето на кои им станал потребен господар/пастир – таков кој се грижи за нив, „пријателите“, оној со „цврста рака“, авторитарниот. Во илузија се дека имаат привилегирана карта во безбедниот рај служејќи му на пастирот, што е всушност дефиниција на предавникот! Но, во цврстата реалност, и себеси, и на другите, прават самоисполнувачко зло, претставувајќи само влезно-излезни единици за авторитаризмот, односно канали, цевки за прелевање на тоа зло. „Долгоракото“ прашање и тоа како им го тангира најнискиот, најосновниот порив за опстанок, што не останува место за никаква повисока, несебична цел, ниту за себе, ниту за никаков поширок колектив. Атомски уништени им се и либералниот осет, и конзервативните идеали.

Но, значењето на Македонија е многу поинакво отколку напрегнатото истурање ВМРО- симболи, националистички пароли и мрдната пизма на секој ќош, а е комплетно спротивно од сѐ што претставуваа дивите орди пред Собранието на Крвавиот Четврток и парамилитарните хиени координирани од не-знам-кој кат на Белата палата. Македонија е спротивност на Белата палата, и однадвор, и одвнатре. Македонија како концепција и држава постои токму заради развојни либерални концепти како оној на Гоце Делчев за културен натпревар меѓу народите, сосема дисјунктно одвоена од наци-шовинизми, агресивен страв, неразвиеност, неслобода. Македонија не смее да е вршење ментицид на сопствениот народ, заканување со одмазда и таа не е заробување на институциите и медиумите, не е неправди и непризнавање на неправдите. Македонија не е стимулирање на омраза и штетна пропаганда врз сопствениот народ, особено не – туѓо формирана пропаганда.

Како ВМРО-ДПМНЕ „ја брани“ Македонија? Со закани, ментициди, авторитарни стремежи, нееднаквост, штетна пропаганда, говор на омраза и институционална неподдршка на историски значајните моменти за Македонија и постојано обидувајќи се да ја истурка Македонија од скалилата кон нејзин напредок. Ако и омаловажувањето на македонскиот јазик со излегување од Собранието не е за отварање очи на која страна се, тогаш останувате во мачилиштето на ВМРО-ДПМНЕ на уште миење мозок со нивниот грозоморен инженеринг на македонскиот идентитет.

Треба да знаете
Moже да ве интересира