Таргетот не беше насочен за Собранието, телото на Мисовски и мониторите, таргетот сме сите ние

Крмов и Апасиев, тие „млади“ сталинисти, ги знаете, оние дечишта (со над 18 години) кои случајно се затекнале во Собрание, тие кои имаат мислење за сè, им недостигаа уште камења за да раскапат нечија глава

Пишува: Ненад ЈОВАНОВИЌ

Може ли да го опишеме прецизно раѓањето и растењето на глупоста? Прво, приказната оди вака: некои луѓе дошле некаде, да речеме во Собрание, си задале име Левица, нешто барале и не го добиле. Потоа, некој Димитар А. рекол нешто претерaно „паметно“ на темата за нивното доаѓање, и како што обично работите се одвиваат со сите лудачки елементи во општеството, се обиделе да ја пореметат „етничката структура“ на системот во нивниот „левичарски свет“. Таквата структура, одамна е пореметена, како и сè друго што овде се поремети, и уште за долго нема да се одремети.

Потоа, што би рекол еден виенски (пост)структуралист – дојде на Фејсбук, а од Фејсбук отиде во медиумите – а потоа стана масовно лудило во својот карактеристичен и урлачки начин: извесен Крмов и извесен „доктор“ Апасиев (докторе, ме боли (у)долу, што да правам?) фрлаа хартии пред, над, во телото и главата на потпретседателот на Собранието, Мисовски. Потоа, саморазбирливо – Фејсбук полуде, а оние кои мрдаат со усни додека читаат буква по буква, очекувано се вознемирија од фрлањето, кршењето и вандализирање на инвентарот во Собранието.

Крмов и Апасиев, тие „млади“ сталинисти, ги знаете, оние дечишта (со над 18 години) кои случајно се затекнале во Собрание, тие кои имаат мислење за сè, им недостигаа уште камења за да раскапат нечија глава. Оти, нели, „ние тоа нема да го трпиме“, или „преку Црвен бан ни е сè“, или „доста ни беше нам со вас“ и та дрн, та sврц… Така обично бива со сите инфантилизми на светот!

Да запреме за момент и размислиме: каква врска имаме ние со извесен Крмов и извесен Апасиев? Добро, освен што ја извршуваат функцијата „народен пратеник“ и учествуваат во парламентарната демократија, нашите животи апсолутно немаат врска со работата и „делувањето“ на инкриминираните ликови. А каква врска имаат овие двајца, да речеме со Скопје, со Охрид, со Кичево, со Тетово…? Уште поникаква. Ама кој сега да се задлабочува во тие безвезни нијанси, едноставно, најди брате нешто туѓо, а наше, па распали!

Се разбира, вистинската адреса не беше Собранието, не беа ниту топките хартија, ниту искршените монитори, не беше вистинска адреса ниту телото на Мисовски… Тоа, имено, ако следевте добро – не беше точна адреса. Тоа беше погрешна адреса, ако си мисли некој дека се мисли да им наштети нив. Јок, море!

За ова, пак, најдобро ќе ни го покаже следниот пример.

Непознат „никој и ништо“ фрлил со камен, а богами и го погодил прозорот на извесна госпоѓа (ќе ја наречеме „госпоѓа Х“) која има голем јазик повеќе од 30 години; така госпоѓа на вечните малограѓани исто толку години не им дава мир: им вели дека не се баш „светски народ“; им вели уште дека се и подложни на колективни халуцинации. И добро, што оваа госпоѓа „Х“ рекла, а со што заслужила каменување на нејзиниот прозор? Хм, тешко може да ја лоцираме таа работа, знам само дека сè што оваа госпоѓа зборува, ужасно ги нервира оние кои сакаат први да нафрлат со камен, иако за себе се сметаат за добри христијани, ги знаете сите тие избезумени и националистички разбојници.

Затоа тука не мора да има конкретен и разумен повод, како што многу луѓе вчера ме прашаа: „а кој е поводот што Апасиев и Крмов го вандализираат Собранието“? Поводот се тие сами по себе со „нив сами“. А пратеникот Мисовски, како и госпоѓата „Х“ од оваа поучна приказна, на тоа реагираа господски, не хистеризираа, дури би рекол дека беа и резигнирани, најмногу заради тоа што таквите случувања ни зборуваат за идните случувања, можеби многу пострашни од еден камен во прозорот, неколку искршени монитори и слична материјална амбалажа.

Сега, дозволете ми, убаво да ве прашам сите нас, или поточно, дозволете да ве прашам сите вас: како се нарекува она во кое денес живееме? Како се нарекува она во кое некој ќе ви фукне камен во прозор, а во Собрание – пред целата јавност – вандали наречени „народни пратеници“ ќе искршат неколку предмети, а потоа ќе ве гаѓаат по телото и главата со топки од хартија?

Адресата или таргетот на овие неранимајковци не беше насочена кон Собранието, баналните монитори или кон телото на Мисовски. Ако и вие така мислите, погрешно мислите. Ама, чекај, море, Јовановиќ, како не беше, па сите тоа го видовме, немој да не правиш луди?!

Оние кои кршат, се закануваат, фрлаат камења во прозори, не се единствени и главни сторители. Каменофрлачот на госпоѓата Х, вандалите Апасиев и Крмов, не се главните сторители. Главните сторители се оние кои на каменофрлачот и вандалот му веруваат, оние кои живеат и мислат дека само со камен, со вандалство, може нешто да се објасни и артикулира. Главните сторители се оние кои утре ќе се обидат со нешто многу појако, некое недозволено средство за борба против „страшните други и поинакви“, против опасноста од она кое не смее да се каже со збор и направи со дело.

И додека тие луѓе постојат, ќе постојат и вандалите надвор од Собранието, оние обични луѓе за кои сиот спектакл беше и наменет. Таргетот беше насочен за надвор од Собранието; таргетот беше наменет за сите нас, барем додека не се прејде на следна фаза, онаа фаза кога со чизма ќе ја руши вратата. А што следи потоа, тоа не мора да ви го кажувам, тој ред на возење е познат и општо важечки, ене го, закачен на секој учебник по историја, ако овде има сè уште историја и ако овде има некој што навистина сака да учи. (Фронтлајн)

Треба да знаете
Moже да ве интересира