Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

За СДСМ

На секоја демократија, па и на нашата, неопходна и е здрава, пргава, и силна опозицијата. Во спротивно полесно постанува автократија

Пишува: Ана ЧУПЕСКА

Никако човек не може да се воздржи од коментар, па и два, за социјалдемократите; поточно за нивната иднина непосредно, а посредно и за состојбата со демократијата во земјата.

После онаков драматичен нокдаун.

Сепак, клучно е да не се влезе во анализи од позиција на blame games; или како што вели Поповски, бесмислено е да се пука на мртов Германец. Особено кога тие стрели долетуваат од медиокритетската јавност; оти за својот неуспех праведно си ја платија цената, изгубија својски и тоа е тоа!

Значи, воопшто нема никакво фајде од егзибиции од типот “сдсм се криви вмро што се на власт”. Исто како што нема фајде ни од разулавени и изгубени по фејсбукот исповеди од партиски членови, па и препирки, за тоа кој каков бил; кој што направил; кој е крив, кој е прав или можеби е нездрав. Мислам дека малку е неупатна и бесмислена таа сокачарска расправа.

Соберете се ало, дискреција ќе Ве молам!

Расправата, сега, мора да се насочи кон конкретни методи и солидна сила, прво во правец да се спречи понатамошното кооптирање кон победничкиот естаблишмент (што е во тек, а и ќе продолжи по инерција во следниот период- заради една многу проста и стара шема: на приклонување кон победникот). Кооптирањето затоа мора да се инвалидизира на некој начин. А има повеќе такви начини.

Второ, СДСМ важно е да се ситуира повторно низ потребата од идејно угнездување и анимирање на оние кои не се членови, а сепак се прогресивни по убедување. Тоа, подразбира изградба на идејна и вредносна коалиција меѓу овие две структури. Прогресот во и надвор од партијата да се приближат, за почеток.

Трето, вредноста на мултикултурата која беше prima sticky материјa, а попатно се размачка како кашканица, иако навремето резултираше со масовна надетничка поддршка, ќе мора одново да се утаби на новите шини. Намерно велам утаби, втисне, пломбира. И ова е од особена вредност сега кога условите се вистински предизвикувачки за ваков идеен come back на мултикултурата; заради тоа што политичката понуда го понуди етнонационализмот на најјако и се покажа, имено, воедно и како најпрофитабилната платформа во гласови.

Но, сепак, оригиналната позиција не би смеела да се напушти. Зошто, ако се тргне натаму, во такви некои националистички реформски зафати, освен што самата соц. дем. идеја ќе биде доведена во прашање, последичниот одиум исто така ќе ја соочи со перфектно слаб перформанс, прво како да е нешто неприродно, и второ, ќе биде тоа најслабиот етно-националистички политички субјект соочен со докажани наци-габарити од од секаков победнички вид.

Оттука, нужна е мислам една старо-нова мултикултурална артикулација; изведена по свежа метода и низ нови внатрепартиски процедури. Оригинални и уникатни.

Не декоратива.

А има такви методи, да нема сомнежи.

Слично, оние кои не се пронаоѓаат во партиската платформа, но сепак имаат лево-либерален, или центро-социјален идеолошки профил, не се малку. Прогресивната страта во ова општество, имено, не е заангажирана од сдсм, можеби и добива осип од тоа, но, таа, прогресивата, МОРА, да се придобие. Овие прогресивни глави се особено потребни за делот на еманципацијата од етно-националистичките искушенија, и авторитарните во перспектива.

Што се однесува до внатрепартиските состојби, кои очигледно добиваат чудни димензии, не сум меродавна да толкувам, иако убедена сум дека сепак е важно и тоа во сдсм да се осигура дека ќе има баланс меѓу континуитетот (напр. преку заседание на првенците и наследниците) и дисконтинуитетот (новото сдсм). Впрочем и за ова постојат соодветни модели.

СДСМ, исто така ќе мора да расчисти еднаш за секогаш со клиентелизмот. Во актуелнава состојба овој предизвик е со олеснителна и поволна околност, затоа што “губитничкиот” тестамент сам ќе ги исфрли од играта клиентелистите, па така “посветените” ќе имаат многу повеќе простор, а ова исто е тенденцијата согласно по логиката на инклинирање кон победникот.

И зошто е ова важно; покрај се ?

Од една многу проста демократска причина. На секоја демократија, па и на нашата, неопходна и е здрава, пргава, и силна опозицијата. Во спротивно полесно постанува автократија. (Либертас)

Зачлени се на нашиот е-билтен