ЗА ЗДРАВИОТ РАЗУМ

Сите историски спорови, се оставени на двете земји, а ЕУ не очекува да договориме ништо конкретно на тема историја – во документот стои само дека треба да се соработува за развојот на добрососедските односи.

Катарина КОЛОЗОВА

Често пати на социјалните мрежи го читаме коментарот „ти, пак, експерт за сѐ“,  и овде не мислам на размените меѓу т.н. експерти (терминот е во голема мера компромитиран, и отсекогаш ми бил проблематичен па затоа го користам тоа „т.н.“), туку меѓу обичниот народ, меѓу секој образован и необразован граѓанин. Човекот е навистина „политичко животно,“ како што пишуваат филозофите од Антиката, и секој е не само способен ами и должен да учествува во јавната расправа, која е дијалог на сите со сите. Дијалогот подразбира сослушување на другата страна и побивање на аргументите на соговорникот– аргументот ad hominem (односно:  кој и каков е соговорникот) ве дисквалификува од тој натпревар на идеи. Така е барем според правилата на Агората кога секој филозоф расправал пред граѓанството, а, Сократ, пак, расправал и со секој обичен граѓанин – убеден дека секој има мудрост и знаење во себе, и дека по патот на дијалектиката може да го доведете сам да го постигне нужното сознание.

Живееме во ера на висок степен на специјализација, и поделеност на знаењата по нивните со дебели ѕидови затворени отсеци. Ситуацијата е ваква и во Македонија, само полоша: во развиениот свет владее интердисциплинарноста, водењето стручен разговор со помош на знаења од други области, прилагодени на можностите на сопствената област, и тоа денес е норма. Кај нас, пак, барем во пракса, само празен збор на хартија во повеќето документи за акредитација или студии на тинк-тенковите. За разговорот на сите граѓани за сѐ, на што имаат право, стручниот не треба да се расфрла со технички термини, да замаглува со поими и сознанија од некакви институционални процедури, ами да пренесе со јазик разбирлив за обичниот човек што, впрочем, се случува особено за процеси што го засегаат неговиот живот, сечиј живот во едно општество.

Така, користејќи базична логика, оној кој може да разбере терминологија и да прочита процедури а има и способност да примени основна правна логика – онаа што законите во неговата држава очекуваат да биде способен и да ги разбере и да ги почитува, инаку ќе биде казнет –  може да ги сфати голем дел од навидум сложените нешта за кои се расправа во јавноста веќе подолго. На пример, т.н. „француски предлог,“ се однесува на документ кој се вика „Заедничка позиција на ЕУ за отворање преговори со Северна Македонија“. Тој предлог е едногласна позиција на сите земји-членки на ЕУ за условите под кои може да се приклучиме на Унијата – никој Французин никому не предлага нешто, ниту се очекува противодговор ниту се преговара. ЕУ ни кажува – „ве каниме, но под овие услови“. Бугарија не го тргна своето вето, ами ЕУ ја усогласи својата позиција со својата членка, Бугарија: Северна Македонија ќе отвори преговори, но тие може да продолжат по прелиминарната фаза, само ако Северна Македонија признае дека има бугарско малцинство. Сите историски спорови, се оставени на двете земји, а ЕУ не очекува да договориме ништо конкретно на тема историја – во документот стои само дека треба да се соработува за развојот на добрососедските односи, додека ЕУ забележува дали соработуваме и бараме начини да се разбереме или не. Не навлегува во што и како, единствено набљудува дали тече процесот (буквално, штиклира дали имало средби или не, и дали нешто – но не и што – се договорило или не). Повторно, не го измислувам јас ова – го пишува во овој документ за кој ви раскажувам, кој народот но и стручната јавност сеуште го вика „француски предлог“, а редно е да го прочита сам, секој од нас. Се наоѓа на сајтот на Владата. Во него, ќе забележите дека како што се третира Преспанскиот договор така се третира и овој со Бугарија – се бара да се подобрат добрососедските односи.

Секој обид да се укине и обезвредни здравиот разум на обичниот човек е неетичен. Би го споредила со однесувањето на лекари кои треба да ви го објаснат вашиот здравствен проблем но наместо да користат зборови кои ќе ги разберете и кои се за вас важни бидејќи го обликуваат вашето однесување, лекарот се расфрла со терминологија од учебници а вие ја напуштате болницата без да ви  е јасно што треба да правите и дали ќе преживеете или не, дали и колку ќе страдате или не. Така и со овие теми, оти го засегаат вашиот живот.

Да, можеби и нема да влеземе во ЕУ, можеби ќе ни најдат некое „лубендиња“ решение – а можеби и ќе влеземе до 2030 – но ние мора да останеме на таа патека. „Отворен Балкан“ ниту е замислен како алтернатива на ЕУ ниту може да опстои како независен од ЕУ и остатокот од светот (како некакви нови „Неврзани“). Оваа идеја не е на мапата на глобалната геополитика, и е само подготвување на регионот за влез во ЕУ. Не мислете дека ќе си направиме мини-Југославија со Албанија – тоа нема да се случи, за тоа нема амин од никаде. Да беше така, немаше да не „снајде“ ниту „францускиот предлог“ ниту поддршката за него од САД кои го нарекоа решение од стратешка важност за стабилноста на самиот регион во контекст на нејзината евро-атлантска припадност и иднина. Сите сме доволно „експерти“ за ова да го разбереме. Сѐ друго е фрлање магла во очи.

Треба да знаете
Moже да ве интересира