„Езерото“ ја освои публиката: 80-годишниот херој од филмот ја доби главната симпатија на ЅИРНИ

„Ѕирни“
Режисерката и сценаристка Софија Христовска и кинематограферот на Димитар Атанасоски

Краткометражниот филм „Езерото“ ја освои наградата од публиката на осмото издание на Меѓународниот фестивал за дебитантски филм ЅИРНИ, кој заврши синоќа во Кинотеката во Скопје.

Наградата е единственото фестивалско признание за кое одлучуваа директно гледачите. Во текот на шестдневната програма, публиката гласаше по секоја проекција, а најмногу гласови доби токму „Езерото“.

Филмот трае 15 минути и ја раскажува приказната за 80-годишен човек кој ја задржал љубовта кон животот и детската спонтаност, но неговиот свет нагло се менува откако е сместен во старечки дом.

Соочен со нови правила и ограничувања, главниот лик се обидува да се приспособи на новата средина, истовремено борејќи се да ги зачува слободата, радоста и спонтаноста.

Во филмот играат Петар Мирчевски, Тамара Ристоска, Кристина Николова Христова, Горан Илиќ и Ѓорѓи Тодоровски.

Режијата и сценариото се на Софија Христовска, кинематографијата на Димитар Атанасоски, кој заедно со Христовска е и продуцент. Извршен продуцент е Дејан Милошевски. Монтажата е на Драган Алексов, дизајнот на звукот на Драган Спасов, а музиката ја потпишуваат Игор Василев – Новоградска и Душко Велјановски БДМ.

Покрај наградата од публиката, фестивалот ЅИРНИ додели и признанија според одлуката на тричленото стручно жири.

Наградата за најдобар домашен филм ја доби „Клупа“ во режија на Никола Ангеловски, додека во меѓународната конкуренција главната награда за најдобар странски филм му припадна на шпанската комедија „No Skate!“.

Осмото издание на ЅИРНИ беше посветено на независната кинематографија и дебитантските остварувања на млади автори. Во шестдневната програма беа прикажани краткометражни и долгометражни играни, документарни и експериментални филмови, а фестивалот вклучи и разговори со авторите и панел-дискусии за предизвиците со кои се соочуваат дебитантите во независната филмска продукција.

Наградата за „Езерото“ има и едно посебно значење: овојпат филмот не го избра жирито, туку оние за кои филмот на крајот и постои – публиката во киносалата.

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?