Публиката ќе има единствена можност да ужива во изведбите на некои од највпечатливите и најпопуларни арии од големиот италијански композитор Џакомо Пучини, велат во НОБ
На 19 ноември со почеток во 20 часот во фоајето на Националната опера и балет ќе се одржи ексклузивен гала настан, насловен како „Жените на Пучини“, во рамките на проектот „Месец на Пучини“.
Како што информираат во НОБ, публиката ќе има единствена можност да ужива во изведбите на некои од највпечатливите и најпопуларни арии од големиот италијански композитор Џакомо Пучини.
„На ексклузивниот гала настан ќе настапат нашите оперски солистки: Весна Ѓиновска Илкова , Сандра Митровска, Павлина Новакова Георгиев, Злата Тошевска, Александра Лазаревска Василевски, Катерина Стојановска, Билјана Јосифов и Илина Митревска, со пијано придружба: Андреј Наунов, режисер на настанот е Дејан Прошев. Во исто време во фоајето е поставена изложба од богатата архива на Националната опера и балет, насловена како „Пучини низ историјата на МОБ“, информираат оттаму.
Овој настан, додаваат во НОБ, е кулминација на годишната културна понуда и можност за дружење со уметниците и креативниот тим на Националната опера во извонредна атмосфера.