„Warner Bros. Pictures“ го објави првиот тизер за мистериозниот криминалистички трилер на Пол Томас Андерсон, „One Battle After Another“, кој може да биде едно од најголемите филмски изненадувања во годината. Тизер трејлерот доби бројни пофалби, а најавено е дека првиот трејлер за филмот ќе биде објавен во наредните денови.
Како што пренесува MovieWeb, „Една битка по друга“ е модерна адаптација на романот Vineland од 1990 година на писателот Томас Пинчон. Првиот поглед на филмот ветува многу акција, бидејќи куршумите летаат насекаде околу актерската екипа составена од Леонардо ди Каприо, Реџина Хол, Тејана Тејлор и Шон Пен, пренесува Индекс.
Како што пренесува The Guardian, „One Battle After Another“ е најскапиот проект на Андерсон до сега – имаше буџет од 140 милиони долари, а се очекува да привлече големо внимание и потенцијално да биде кандидат за престижни филмски награди.
Овој филм е втора филмска адаптација на Андерсон на дело на Томас Пинчон. Пред ова, тој ја адаптираше книгата Inherent Vice, објавена во 2009 година, а филмот премиерно беше прикажан во кината во 2014 година.
Многу гледачи се воодушевени од враќањето на американскиот филмски режисер чиј последен филм, Licorice Pizza го гледавме во 2021 година. One Battle After Another, моментално е во постпродукција и е закажан за прикажување на 26 септември 2025 година.
“Ди Каприо во филм на Андерсон? Не мора да ми кажуваш ништо повеќе за да ме убедиш да гледам”.
“Најдобриот режисер се врати. Конечно!”
„Кога ќе го видам Пол Томас Андерсон, знам дека вистинското кино се врати“.
„Наскоро ќе дознаеме повеќе за најдобриот филм на годината“.
„Најочекуваниот филм на годината, без сомнение!“
“Со години чекав нов филм на Андерсон. Сигурен сум дека ќе биде спектакуларен”.
„Андерсон ни подготви уште едно ремек дело“, се само дел од бројните коментари на краткиот тизер.
Тизерот започнува со сцена во која ликот на Ди Каприо ужива во навидум мирен момент, кој нагло се прекинува со звукот на истрели – а бремена жена пука од пиштол. Звукот на непрекинато пукање е проследен со серија кратки сцени – едната покажува Ди Каприо како трча, друга личност патува по отворен пат и третата покажува бебе.
Непознат глас му го поставува прашањето на Ди Каприо: „Што ќе правиш со ова бебе?“ Иако одговорот не е откриен во тизерот, се чини дека ликот на Ди Каприо ќе ги преземе работите во свои раце.