Активистите инсистираат Иловица-Штука и Казандол да се избришат од Просторниот план

Иловица

Граѓанските и еколошките организации побараа Иловица-Штука и Казандол да бидат избришани од Нацрт-просторниот план на Македонија до 2040 година, по јавната расправа што се одржа во Струмица. Според нив, планирањето рударски активности во Југоистокот е во судир со земјоделскиот развој, заштитата на водите и животната средина.

Во Нацрт-планот се наведени пет локации за металични минерални суровини – Иловица-Штука, Казандол, Плавица, Кадиица и Луке. Токму овој дел од документот предизвика најголем број реакции на првата регионална јавна расправа.

Од „Здрава котлина“ и другите граѓански иницијативи побараа преиспитување на рударските проекции, со посебно барање Иловица-Штука и Казандол да не останат во конечната верзија на Просторниот план. Како главни причини ги наведуваат можните последици врз плодното земјоделско земјиште, подземните и површинските води и долгорочниот развој на Струмичката Котлина.

Горан Станишлевиќ од „Здрава котлина“ на расправата оцени дека економските придобивки од евентуален рудник не би ги надоместиле последиците за земјоделството и животната средина. Тој посочи и на реката Јазга, од која, според здружението, со вода се снабдуваат седум села.

Посебно прашање отвори повторното наведување на Казандол, бидејќи концесијата за тој рударски проект беше раскината во 2018 година. Граѓанските иницијативи бараат објаснување зошто локацијата повторно се појавува во стратешки документ што го планира просторниот развој на земјата до 2040 година.

Иловица-Штука, пак, со години е предмет на институционални, судски и граѓански спорови. По одлуката на Вишиот управен суд годинава, прашањето за концесиите повторно беше вратено во фокусот, а повеќе еколошки организации побараа нивно конечно поништување.

Од Агенцијата за планирање на просторот и Министерството за животна средина на расправата во Струмица порачаа дека јавната постапка е токму фаза во која граѓаните, институциите и правните лица можат да поднесуваат мислења, предлози и забелешки за предложените решенија.

Самото наведување на локација во Просторниот план не значи автоматски дека на неа ќе биде отворен рудник. За конкретен проект се потребни дополнителни постапки, дозволи и исполнување на законските услови. Сепак, активистите сметаат дека внесувањето на локациите во највисокиот документ за просторно планирање создава основа тие да останат дел од долгорочните развојни проекции.

Јавната расправа за Просторниот план продолжува и во другите плански региони. Следната е најавена за 29 септември во Велес, каде граѓаните и стручната јавност повторно ќе можат да достават забелешки за Нацрт-планот.

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?