„Безбеден град“ засега ги промашува странците, казните ќе ги чекаат на граница

„безбеден град“

Странските возачи кои прават сообраќајни прекршоци во Македонија засега не се санкционираат автоматски преку системот „Безбеден град“, иако камерите веќе со месеци ги евидентираат прекршоците на домашните возачи. МВР најавува дека тоа ќе се промени најпрво на граничниот премин Табановце, а потоа и на сите останати граници.

Според Министерството, возачите со странски регистарски таблички кои системот ќе ги евидентира дека сториле прекршок или кривично дело, при излез од земјата ќе бидат известени за прекршокот. Ќе им биде издаден записник и платен налог, а доколку не платат, ќе бидат изведени пред надлежен суд по брза постапка.

Новиот начин на санкционирање треба да почне „деновиве“ на Табановце, но МВР не прецизира точен датум. Потоа истиот систем треба да биде воведен и на другите гранични премини.

Дотогаш, странските возачи кои ја надминуваат дозволената брзина или прават други прекршоци можат да бидат санкционирани само ако ги запре сообраќајната полиција. МВР тврди дека полициските „пресретнувачи“ се распоредени на клучните транзитни правци, пред сè на коридорите 8 и 10.

Проблемот е особено изразен во летниот период, кога низ Македонија транзитираат илјадници возила со странски регистрации. Во пракса, камерите досега автоматски ги казнуваа домашните возачи, додека странците можеа да ја напуштат земјата без прекршокот да биде наплатен.

Од почетокот на примената на „Безбеден град“ на 2 февруари, во првите пет месеци биле регистрирани повеќе од 120.000 прекршоци, од кои околу 95 проценти биле за пребрзо возење. Според министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во истиот период бројот на загинати во сообраќајни несреќи се намалил од 55 на 33 лица.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали Владата треба да се извини за грешката со знамето во настанот за 35 г. независност?