Цана: Има зголемен број пациенти, но не заради скопската вода

На Клиниката за инфективни болести нема регистрирани пациенти кај кои е утврдено дека гастроинтестиналните проблеми се предизвикани од пиење на водата во Скопје, изјави денеска директорот на Клиниката, Фадил Цана. Неговата изјава следува по информации што се ширеа на социјалните мрежи дека скопската вода наводно предизвикува здравствени проблеми.

Цана објасни дека доколку кај пациент се утврди ваква поврзаност, тоа мора да биде евидентирано во рамки на дијагностичката постапка, а такви случаи досега нема.

„Немаме такви податоци дека причина за некое гастроинтестинално нарушување е водата“, изјави Цана.

На Инфективната клиника во овој период има зголемен број пациенти со гастроинтестинални тегоби, но директорот вели дека тоа е вообичаено за период со високи температури и дека бројките не отстапуваат од оние во претходните години.

„Бројот е зголемен, но не е над нормалата во споредба со претходните години. Тоа е очекуван раст“, рече Цана.

Тој одговараше на новинарски прашања по прес-конференцијата во Министерството за здравство посветена на состојбата со западнонилската треска во Македонија.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали Владата треба да се извини за грешката со знамето во настанот за 35 г. независност?