Одлуката за ограничување на маржите на повеќе од 1.000 прехранбени и непрехранбени производи и ограничувањето на маржите на 5 отсто на основните прехранбени производи е задоцнета, сметаат експертите. Но, реакциите околу тоа дали ќе има ефект на намалување на цените на храната се поделени.
Од Сојузот на синдикати на Македонија очекуваат дека овој пат ќе има намалување на цените, но колкаво ќе биде тоа ќе се види откако ќе излезе мартовската синдикална кошница. Економските аналитичари, сметаат дека ограничување на маржите во пазарна економија е погрешно и оти треба да се носат мерки кои ќе го поттикнат домашното производство на храна. Со сличен став се и трговците кои изразија незадоволство од донесените мерки, кои според нив негативно ќе се одразат врз нивното работење.
Поради тоа, не ја исклучуваат можноста од повторно зголемување на цените откако ќе се тргне мерката. Граѓаните, пак се надеваат дека ќе има ли поголемо поевтинување на храната од 2 до 3 денари.
Маркетите се соочиле со казни од најмногу 170.000 евра за непочитување на мерките поврзани со потрошувачките „кошнички“ на Владата, воведени во есента и зимата на 2024 година.
Преку Законот за трговија и Законот за заштита на потрошувачите, во периодот од октомври до декември, биле издадени налози за казни во вредност од 7,32 милиони денари (околу 3 милиони денари по законот за заштита на потрошувачите). Овие мерки, кои вклучуваа замрзнување на маржата за 10% на 70 производи во есенската кошничка и намалување на цените на 700 производи во новогодишната кошничка, наидоа на критики од опозицијата и синдикатите, кои сметаа дека маркетите ги зголемиле цените предвреме.
Во извештајот на Државниот пазарен инспекторат се наведува дека биле издадени 266 казни по Законот за трговија и 48 по Законот за заштита на потрошувачите. Казните во вкупен износ од 170.000 евра се значително повисоки од казните во првата половина на 2024 година, кога изнесувале само 65.000 евра.
И покрај инспекциските надзори и мониторингот на цените на производите од новогодишната кошничка, не биле утврдени сериозни неправилности во однос на пресметувањето на маржата. Пазарниот инспекторат продолжува да ги информира трговците за новите ограничувања на маржата, со цел да се избегнат идни неправилности.
Министерот за економија Бесар Дурмиши истакнал дека мерките за намалување на потрошувачката кошничка имаат позитивен ефект, при што се бележи пад на цените во октомври и ноември, како резултат на владините интервенции.
Со донесувањето на Законот за нефер трговски практики, кој треба да регулира продажбата на околу 2.500 земјоделски и прехранбени производи, се очекува поевтинување, но неговото практично спроведување сè уште не е започнато.