Дезинформациите не ја загрозуваат само точноста на информациите, тие се сериозна закана за демократијата

Секојдневно се соочуваме со сериозни закани од дезинформациите и пропагандата, а со укинувањето на фактчекерите, платформите како Фејсбук и Инстаграм ќе имаат помалку механизми за проверка на точноста на информациите што се споделуваат. Ова ќе доведе до поголема распространетост на лажни вести и манипулации, што може да има сериозни последици за јавната свест и демократијата.

Иако слободата на говорот е важна, тоа не треба да значи отсуство на одговорност и проверка на точноста на информациите.

Мика Бустер, претседател на Унијата на новинари во Германија истакнува дека борбата против лажните вести е од клучно значење за заштита на вистината во современото општество.

„Секојдневно се соочуваме со дезинформации и пропаганда, кои сериозно ја загрозуваат јавната свест. Како новинари, наша одговорност е да се спротивставуваме со факти и разумно информирање, така што публиката ќе може да препознае што се вистински факти, а што е фикција“, изјави Бустер.

Тој исто така се осврнува на финансиските предизвици со кои се соочува независното новинарство во Германија и Европа. Со намалувањето на буџетите за радиодифузија и намалените ресурси за новинарите, ситуацијата за медиумите станува се покомплицирана.

„Новинарите често се изложени на физички напади, закани и онлајн насилство. Според извештајот на УНЕСКО, неказнивоста за нападите на новинарите е шокантно висока – на 85%. Тоа е намалување за само 4 поени за шест години“, вели Бустер.

Како одговор на овие предизвици, Бустер го нагласува важноста на правната помош за новинарите кои се соочуваат со опасности на терен.

„Обезбедуваме правна помош и поддршка за нашите 27.000 членови. Кога новинарите ќе се најдат во опасност, било да е тоа за време на протести или на социјалните мрежи, ние сме тука да им помогнеме“, додава тој.

Во контекст на новите регулативи, Бустер ги поздравува Актот за европска медиумска слобода и Актот за вештачка интелигенција, но исто така нагласува дека потребни се побрзи и одржливи чекори за регулирање на дигиталните платформи.

„Политичарите во Брисел и главните европски градови треба да дејствуваат брзо и ефективно за да обезбедат регулирање на овие платформи“, изјави Бустер.

„Наша должност е да поставуваме прашања и да бараме одговорност од моќниците. Не треба да дозволиме да бидеме манипулирани и да го губиме фокусот на вистинските проблеми“, заклучува Бустер.

За крај, Бустер ги истакнува напорите за зголемување на свеста за лажните вести и дезинформациите, особено во пресрет на парламентарните избори во Германија. Кампањата што ќе започне наскоро има за цел да ги едуцира новинарите и публиката за разликувањето на вистинските вести од пропагандата и дезинформациите.

Зачлени се на нашиот е-билтен