Две и пол години чекаат клучеви за своите домови: Купиле станови, плаќаат кредити, а зградата сè уште нема технички прием

домови

Наместо да ги уредуваат своите нови домови, десетици семејства веќе две и пол години живеат во неизвесност. Купиле станови во новоизградена зграда на улицата „Преспанска“ во скопско Маџир Маало, ги сервисираат банкарските кредити, а сè уште не можат законски да се вселат затоа што објектот нема технички прием и официјално примопредавање.

Според сведоштвата на дел од идните станари за „Слободен печат“, инвеститорот „Декон-ком“ не го испочитувал рокот за завршување на објектот предвиден во преддоговорите, поради што повеќе сопственици веќе покренале тужби за надомест на штета. Дополнително, тие тврдат дека по поднесувањето на тужбите инвеститорот престанал да комуницира со нив и одбива средби.

„Слободен печат“ потсетува дека за истиот проблем известуваше уште минатата година, кога купувачите алармираа дека роковите постојано се пролонгираат.

„Кога и да зборуваме со инвеститорот додава рок од уште три месеци. Требаше да биде јуни, па септември, а на објектот нема никакви активности. Ние како купувачи немаме каде да се пожалиме“, изјавиле тогаш дел од сопствениците.

Плаќаат кредити, а не можат да живеат во своите станови

Според станарите, најголемиот проблем е што без завршен технички прием тие не можат безбедно и законски да ги преземат становите, иако голем дел од нив веќе ги исплатиле или редовно ги отплаќаат преку станбени кредити. Во меѓувреме, многумина продолжуваат да плаќаат и кирија.

Тие стравуваат дека долгото одолговлекување оди во прилог единствено на инвеститорот, бидејќи цените на становите во меѓувреме значително пораснале.

„Ние купувавме по околу 1.600 евра за квадратен метар, а денес цените на истата локација достигнуваат и над 2.200 евра. Ако некој се откаже од договорот, инвеститорот може повторно да го продаде станот по многу повисока цена“, тврдат дел од сопствениците.

Инвеститорот: Становите се готови, се чека завршната процедура

Од компанијата „Декон-ком“, пак, ги отфрлаат обвинувањата дека намерно го одолговлекуваат процесот.

Во изјава за „Слободен печат“ посочуваат дека становите се практично завршени и дека се работи само на финализирање на заедничките инсталации и отстранување на помали недостатоци.

„Самите станови се целосно завршени и спремни за примопредавање. Се работи на заедничките инсталации и отстранување на ситни недостатоци. Во објектот веќе има станови кои се користат по взаемна согласност со купувачите“, наведуваат од компанијата.

Инвеститорот тврди дека по завршувањето на сите технички процедури ќе следува официјален технички прием и примопредавање на становите.

Спорот добива и правна димензија

Во меѓувреме, конфликтот меѓу купувачите и инвеститорот дополнително се продлабочил.

Освен тужбите за доцнењето, дел од сопствениците најавиле и пријава до Јавното обвинителство, тврдејќи дека струјомерите биле префрлени на нивно име без нивна согласност, со што, според нив, се направени дополнителни неправилности во постапката.

Станарите укажуваат и на низа технички недостатоци во објектот – незавршена вентилација во гаражите, недостиг на огради на дел од скалиштата и незавршени процедури за технички прием на дел од инсталациите и лифтовите.

Симбол на поширок институционален проблем

Случајот со зградата во Маџир Маало отвора и пошироко прашање – колку се заштитени купувачите на станови кога инвеститорот не ги исполнува договорните рокови.

Иако станува збор за приватно-правен однос, граѓаните укажуваат дека практично остануваат без ефикасен механизам за брзо решавање на проблемот, додека судските постапки траат со години. Во меѓувреме, тие ги отплаќаат кредитите, плаќаат кирија и чекаат ден кога конечно ќе можат да ги добијат клучевите од становите што одамна ги платиле

Најчитано