Филипче: Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ја прават Македонија слепо црево на Европа

Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ја прават Македонија слепо црево на Европа преку корупција, демократско назадување и оддалечување од стратешките сојузници, обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во гостувањето во емисијата „Само интервју“ на Канал 5. Делегацијата на премиерот што престојува во САД тој ја нарече „четворицата јавачи на апокалипсата за Македонија“.

„Тие четворица луѓе кои се во делегацијата се јавачите на апокалипсата за Македонија. Да не се чудат ако таму добијат црвен картон. Тие носат само лошо – поради нив нема развој, поради нив цвета корупцијата и поради нив Македонија е слепо црево на Европа“, рече Филипче.

Според него, стратешките партнери на Македонија добро знаат што се случува во земјата, а власта не може со посети и декларативни изјави да ја прикрие состојбата со демократијата, медиумите и корупцијата.

„Зарем Мицкоски мисли дека нашите стратешки партнери, Американците, не знаат дека тој ги контролира медиумите? Зарем не знаат дека во Македонија има медиуми контролирани од Србија и Унгарија? Зарем не знаат дека тука се поткопува демократијата?“, праша Филипче.

Тој ја обвини Владата дека ја оддалечува Македонија од нејзините стратешки сојузници, ја блокира европската перспектива и отвора простор за засилено руско, кинеско, српско и унгарско влијание.

Филипче тврдеше дека сигналите од Вашингтон веќе се видливи и дека првпат од воспоставувањето на дипломатските односи се намалува дел од американската помош за Македонија.

„Со децении поддршката од САД континуирано се зголемуваше. Сега, кога на власт е Христијан Мицкоски, за првпат Соединетите Американски Држави намалуваат дел од помошта. Зарем тоа не е доволен сигнал за тоа што се случува со Македонија?“, рече претседателот на СДСМ.

Според Филипче, наместо развој, реформи и европска интеграција, власта произведува изолација, корупција и демократско назадување. Тој оцени дека Мицкоски не може во Вашингтон да ја сокрие состојбата во земјата.

„Стратешките партнери гледаат дека демократијата се поткопува, медиумите се ставаат под контрола, корупцијата цвета, а државата се турка во изолација. Затоа оваа делегација не носи добра вест за Македонија – таа е симбол на апокалипсата што оваа власт ѝ ја приредува на државата“, порача Филипче.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?