Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Говорот на омраза на етничка основа во медиумите се влошува секогаш кога се ближат изборите

Имајќи го предвид фактот дека политичките партии во Северна Македонија за да добијат политички поени традиционално користат националистичка реторика, во секој предизборен период интензивно се зголемува говорот на омраза, главно на етничка основа. И годинава ништо не се смени од ваквата пракса, a омразата од социјалните мрежи премина и во медиумите. Во неофицијална форма, кампањата во земјава започна со формирањето на техничката влада, иако конкретно, кампањата за претседателските избори треба да започне на 4 април и да заврши на 22 април, а пак кампањата за парламентарните избори треба да започне на 18 април и ќе трае до 6 мај, пишува Порталб.мк.

Еден од највознемирувачките облици на партиска пропаганда во предизборниот период кај нас е ширењето говор на омраза на етничка, па дури и на верска основа. Целата оваа ситуација станува уште повознемирувачка кога ваквите содржини ќе добијат медиумски простор. Бидејќи во Северна Македонија не постои закон кој ја уредува работата на онлајн медиумите, во повеќето онлајн информативни платформи одекнуваат дезинформациите, пропагандата и непрофесионалното новинарско известување. Феноменот кога медиумите стануваат труби на националистичката пропаганда не е нешто ново за јавноста во нашата земја.

Сефер Тахири, новинар и универзитетски професор кој ги следи политичките и општествените случувања од прогласувањето на независноста на државата, вели дека говорот на омраза на етничка основа отсекогаш бил присутен во нашите медиуми.

„Говорот на омраза отсекогаш бил присутен во медиумите, особено на етничка и верска основа. Присутен бил на политичките собири на десничарската етнонационалистичка партија ВМРО ДПМНЕ, по 90-тите години, додека не изостанал ни од СДСМ од 1993 до 1998 година. Се интензивира за време на конфликтот во 2001 година, а потоа и по постигнувањето на Охридскиот договор. Во периодот од 2002 до 2006 година дојде до смирување на меѓуетничките односи и оттука и до намалување на нивото на користење на говор на омраза. Тој се интензивира по 2010 година кога Груевски и неговата партија го стимулираа овој говор преку своите антиалбански пропагандистички мегафони. Во 2017 година повторно се случува една политичка и меѓуетничкPortaа релаксација, а случаите на употреба на овој говор се поретки“, вели експертот по комуникации Сефер Тахири.

Неколку примери на тенденциозно известување врз етничка основа од еден политичар

Имајќи ја предвид гледаноста и кредибилитетот на медиумите, нивната одговорност во информирањето е исклучително висока. Но сепак, одредени примери во нашата земја ни покажуваат дека не секој новинар ја работи својата професија согласно правилата и професионалната етика.

Конкретен пример за ова е Алфа Телевизија, национален медиум на македонски јазик кој постојано објавува медиумски материјали насочени кон поттикнување на меѓуетничка омраза. Овој тренд на наведената телевизија се чини дека станува уште поактивен за време на предизборните кампањи.

На 28 јануари на чело на техничката влада дојде Талат Џафери од редовите на ДУИ, кој стана првиот Албанец во РСМ на премиерската функција. Џафери има долга политичка кариера во РСМ, иако ова е единствениот важен елемент за кој медиумите треба да известуваат доколку тој е адекватна личност за вршење на функцијата технички премиер, интересот на некои медиуми ја надминува професионалната етика и ја искористува ситуацијата за ширење говор на омраза во јавноста. Конкретен пример за тоа е овој медиумски материјал за Талат Џафери објавен на Телевизија Алфа.

Пример 1 како Алфа Телевизија потикнува меѓуетничка омраза пред избори

Иако на тенденциозните наслови не им е местото во професионалното новинарство и за време на изборните процеси професионалните стандарди се стеснуваат уште повеќе, тоа сепак не претставува проблем за една национална телевизија да шири говор на омраза на етничка основа преку тенденциозни наслови. Пример на наслов со тенденција за поттикнување омраза кон албанските политичари на политичката сцена во земјава е насловот „Господ нека и е на помош на Македонија: Зијадин Села последниот Тројански Коњ на Али Ахмети“.

Пример 2 како Алфа Телевизија потикнува меѓуетничка омраза пред избори

Освен во известувањата за политички прашања, ширењето на говорот на омраза не изостанува ниту во известувањата во врска со културата. Иако културата треба да биде спојувачки мост меѓу различностите, кога вестите за оваа област се емитуваат надвор од било какви професионални стандарди, тоа може да предизвика непотребни конфликти. Како се шири говорот на омраза во известувањата за културата е илустрирано со примерот подолу.

Известување на Алфа Телевизија – говор на омраза и во вестите за култура

Она што следува по овие известувања е лавина од коментари каде граѓаните на нашата земја испуштаат многу гнев и омраза кон своите сограѓани. Поттикнати од ваквите содржини, коментарите на јавноста на социјалните мрежи каде се објавени овие материјали се движат од најбанални навреди и пцовки, па се до желби за смрт и исчезнување на цел народ.

Според професорот Сефер Тахири, ваквите пропаганди се опасни за нашето општество, бидејќи во многу случаи можат да бидат и индикатори на физичко насилство.

„Етно-националистичката пропаганда е опасна, бидејќи поттикнува етничка омраза, но води и кон физичко насилство од етнички или верски мотиви. Медиумите мора да внимаваат на употребата на говорот кој содржи предрасуди и стереотипи, но и говорот на омразата, бидејќи медиумите може да поттикнат етнички и верски тензии со катастрофални последици за општеството“, вели Сефер Тахири.

Според податоците од истражувањето на ИРИ, Телевизијата Алфа е една од 5-те најгледани телевизии кај нас. Значи, бројот на оние кои се под влијание на содржината што ја емитува овој медиум е многу голем. Во случаите кога медиумите немаат механизми за саморегулирање и не знаат да ги разликуваат границите на етиката и професионализмот, во нашето општество неопходно е пред се да се развие медиумската писменост.

„Прво мора да функционираат регулаторните и саморегулаторните механизми, да се развие концептот на медиумската писменост, да се засили улогата на јавниот радио-телевизиски сервис, да има обуки за новинарите и уредниците“, додаде Сефер Тахири.

Слободата на медиумите е неотуѓиво право“ според Етичкиот кодекс на новинарите е едно од основните начела на новинарството, а секој новинар треба да биде целосно свесен дека „Основната должност на новинарите е да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана, согласно член 16 од нашиот Устав“.

Во Етичкиот кодекс на новинарите, посебен член ги дефинира обврските на новинарот за тоа како треба да известува за време на изборните кампањи. Членот 10 од Кодексот вели: „Известувањето за политичките процеси, особено за изборите, мора да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти.“

Дополнително, Етичкиот кодекс на новинарите го дефинира и професионалното известување кога станува збор за дискриминаторски елементи. Сето ова се прави имајќи ја предвид важноста на медиумите во формирањето на јавното мислење. Членот 10 од Кодексот вели:

Новинарот нема свесно да создава или обработува информации кои ги загрозуваат човековите права и слободи, нема да користи говор на омраза и нема да поттикнува насилство или дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, политичка, сексуална ориентација.)

„Присуството на говорот на омраза во медиумите е глобален феномен со многу долга историја. Дефиницијата за „говорот на омраза“ беше предвидена со Конвенцијата за кибернетскиот криминал, Советот на Европа, во 1997 година. Терминот „говор на омраза“ ги опфаќа сите форми на изразување кои „шират, поттикнуваат, промовираат или оправдуваат расна омраза, ксенофобија, антисемитизам или други форми на омраза засновани на нетолеранција, вклучително и нетолеранцијата изразена со агресивен национализам и етноцентризам, дискриминација и непријателство кон малцинствата, мигрантите и луѓето со имигрантско потекло“ се вели во дефиницијата на Европскиот совет.

Автор: Шефкије Аласани

Преземено од агенцијата МЕТА

Зачлени се на нашиот е-билтен