Стартува трката за индекс: Од денес пријавување на УКИМ, слободни 8.851 место

Од денеска почнува првиот уписен рок на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Матурaнтите кои сакаат да станат бруцоши на најголемиот универзитет во земјава ќе можат да се пријавуваат денеска и утре, 18 и 19 август. За академската 2026/2027 година на 23 факултети се понудени вкупно 8.851 место.

Од вкупниот број, 4.395 места се во државна квота, 3.621 се за редовни студенти со кофинансирање, а 835 се предвидени за вонредни студенти. Студентите во државна квота плаќаат 200 евра годишно во денарска противвредност, додека кофинансирањето и вонредните студии изнесуваат 400 евра.

Најмногу места има на Медицинскиот факултет, 950, потоа на ФИНКИ со 800 и на Филолошкиот факултет со 805. Економскиот факултет нуди 655 места, Филозофскиот 635, Природно-математичкиот 626, а ФЕИТ и Машинскиот факултет по 600 места. На Правниот факултет се предвидени 555 места.

Годинава квотите на универзитетите се намалени за околу 2.000 места. Министерката за образование и наука Весна Јаневска претходно објасни дека намалувањата се направени по анализа на пазарот на трудот, особено кај бизнис и јавна администрација, економските и правните студии и дел од медицинските насоки. Кај информатиката, машинството и градежништвото квотите остануваат речиси непроменети поради високата вработливост на дипломираните кадри.

Кандидатите пред поднесувањето на документите треба задолжително да се регистрираат преку системот upisi.ukim.mk и да ја пополнат електронската пријава во iKnow. Документите потоа се доставуваат со физичко присуство на избраниот факултет. Ова го потврдува и официјалниот конкурс на УКИМ.

Прелиминарните ранг-листи за кандидатите кои се рангираат само според успехот од средното образование ќе бидат објавени на 24 август, а конечните на 27 август. Запишувањето на примените кандидати е закажано за 3 и 4 септември.

За факултетите каде ќе останат слободни места ќе има уште два рока. Вториот е на 10 и 11 септември, а третиот на 23 септември.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?