Минатата недела Либерално – демократската партија беше домаќин на регионалната конференција на либералите „Quo Vadis Europe“, чија главна тема беа следните чекори во европската интеграција и проширувањето на ЕУ, со посебен акцент на земјите од Западен Балкан и испрати силна порака за итноста на проширувањето на Европската Унија кон земјите од Западен Балкан, како витален чекор за стабилноста и безбедноста на континентот. Од дискусиите произлезе јасна поддршка за европската иднина на регионот, но и потреба од заеднички напори – и од земјите од Балканот и од ЕУ – за да се исполнат условите за интеграција до 2030 година.
Во разговор за Рацин.мк, претседателката на ЛДП, Моника Зајкова вели дека очекува ЕУ во целост да ги спроведе политичките пораки дека регионот е приоритет, преку конкретни чекори, со побрза интеграција во одредени области и со зголемена финансиска и техничка поддршка.
– Ова ќе помогне да се намали разочарувањето кај граѓаните од регионот и ќе се зајакне довербата во европскиот проект. Исто така, дека е потребно зајакнување на европските вредности и единството, односно дека зачувувањето на демократијата, човековите права и владеењето на правото се основа на европската идеја, особено во време на политички, економски и социјални кризи. Секако, беше истакната и потребата од реформите кои мора да се спроведат во земјите од Западен Балкан, особено во областа на владеењето на правото, демократските институции и борбата против корупцијата. Дополнително, беше истакната потребата од засилена регионална соработка и помирување, како и создавање економски можности што ќе ги задржат младите дома. Конференцијата исто така нагласи дека либералните вредности – слобода, човекови права и толеранција – мора да бидат основа на процесот на интеграција. Ова се вредности кои и ЛДП, како домаќин, силно ги застапува и ќе продолжи да ги промовира како клучен дел од европската иднина на Северна Македонија и регионот. Овие пораки се надеваме дека ќе влијаат врз европската политика преку поттикнување на повеќе солидарност и фокусирање на долгорочни стратегии за проширување и справување со кризите.
Во рамките на конфренцијата едногласно бевте избрани за претседател на Либералната мрежа на Југоисточна Европа (LIBSEEN) со која ќе раководите во следните четири години. Што претставува оваа либерална мрежа и какво значење има за вас и за партијата на чие чело сте овој избор?
– Либералната мрежа на Југоисточна Европа (LIBSEEN) е платформа која ги обединува либералните партии од регионот, со цел да ги промовира либералните вредности, да поттикнува соработка и да работи на заедничките предизвици на земјите од Југоисточна Европа. Оваа мрежа е клучен актер во застапувањето на идеите за демократија, владеење на правото, човекови права и европска интеграција. За мене, како претседател на ЛДП, изборот за претседател на LIBSEEN е огромна чест, но и голема одговорност. Овој избор го гледам како признание за нашата работа како партија, но и како можност за дополнително зајакнување на нашиот глас на регионално и европско ниво. Во наредните четири години, мојата цел е да ја засилам улогата на LIBSEEN како двигател на позитивните промени во регионот. Ќе работиме на конкретни иницијативи за забрзување на европската интеграција на земјите од Западен Балкан, со посебен акцент на реформите, економскиот развој и младинските политики.
Како претседател на LIBSEEN ќе ја имам и можноста да партиципирам во Бирото на АЛДЕ.
Овој избор исто така претставува можност за ЛДП да ја истакне својата посветеност на либералните вредности и да покаже дека сме партија која активно учествува во креирањето политики не само дома, туку и во целиот регион. Верувам дека преку оваа позиција ќе можеме да го засилиме партнерството со нашите колеги од Европа и да дадеме значаен придонес кон стабилноста, соработката и напредокот на регионот.
Високи претставници на LIBSEEN кои Ви честитаа на изборот, посебно истакнаа дека е време на младите да им се предаде раководната палка, посочувајќи дека е тоа многу важно во време на пораст на екстремистички и популистичи партии. Зошто?
– Пораката што ја испратија високите претставници на LIBSEEN, нагласувајќи ја важноста младите да преземат раководни улоги, е веројатно стратешка потреба во сегашниот политички контекст. Младите носат нова енергија, креативност и иновативни идеи, кои се неопходни за справување со современите предизвици како што се климатските промени, дигиталната трансформација, емиграцијата и зајакнувањето на демократските вредности.
Во време кога популизмот и екстремизмот добиваат сè поголемо влијание во Европа, младите лидери можат да бидат контрапункт на тие деструктивни идеологии. Тие се носители на либерални и прогресивни вредности кои ја поддржуваат еднаквоста, владеењето на правото и слободата на изразување. Како претставник на помладата генерација во либералното движење, мојот избор за претседател на LIBSEEN е потврда дека мрежата ги препознава младите како двигатели на промените. Важно е не само да се зборува за младите, туку тие и активно да бидат вклучени во процесот на одлучување и креирање политики.
Младите лидери можат подобро да се поврзат со нивните врсници и да промовираат дијалог, толеранција и инклузивност. Токму тоа е клучната мисија на LIBSEEN и една од главните задачи на која ќе се посветам во мојот мандат.
Колку либералите од Европа можат да помогнат во евроинтеграциите на Македонија?
– Либералите во Европа отсекогаш биле силни поддржувачи на проширувањето на Европската Унија и интеграцијата на земјите од Западен Балкан, вклучително и Македонија. Како партија која е дел од европското либерално семејство, преку нашите партнерства со Алијансата на либерали и демократи за Европа (АЛДЕ), и Либералната интернационала, ЛДП успева да го засили македонскиот глас на европската сцена. Еве на пример, на 64-тиот Конгрес на Либералната интернационала, што неодамна се одржа во Чиле, каде учествувавме како партија, благодарение на нашиот ангажман и лобирање успеавме да усвоиме резолуција која бара поддршка за членството на регионот во ЕУ, со нагласок на почитување на Копенхашките критериуми и спречување на билатерални блокади. Нормално, ова значи и цврст стоење зад позициите на ЛДП кои што значат членство во ЕУ со почитување на посебниот македонски национален идентитет. Резолуцијата исто така ги осудува обидите за глорификација на воени злосторници, со што се зацврстува посветеноста на мирот и соработката. Инаку, во моментов безбедноста во регионот станува многу поважна отколку порано, најмногу поради војната во Украина и тој момент треба да се искористи. Ние либералите сме оптимисти особено што во рамките на ЕУ проширувањето го водат либерални лидери. Каја Калас е новиот висок претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, додека потпретседателката на Либералната интернационала Марта Кос, која е гласен поддржувач на проширувањето на ЕУ и силен сојузник во промовирањето на либералните вредности, е нов комесар за проширување. Тоа дава надеж затоа што либералите отсекогаш беа за проширување.
Либералите од Европа се нашите најголеми сојузници и нивната поддршка е клучна за нашата европска иднина. Нивното искуство, принципиелност и поддршка за европските вредности за кои и ЛДП се залага во земјата, можат да ни помогнат побрзо да ја оствариме целта за членство во ЕУ.
Многу реакции имаше во јавноста околу одлуката на ЛДП да делува независно во Парламентот, особено по изнесување на вашиот став за одложено дејство на измените на Уставот со кои треба во него да се внесе бугарското малцинство. Ве обвинуваат за приближување кон владеачката партија?
– Одлуката ЛДП да настапува независно во Собранието е одраз на нашата посветеност на либерално-демократските вредности и на принципот за работа во интерес на граѓаните. Оваа позиција ни овозможува поголема слобода во предлагањето и поддршката на политики што се усогласени со нашата идеологија, без компромиси наметнати од коалициски договори.
Нашата стратегија е да се фокусираме на конкретни решенија за предизвиците со кои се соочуваат граѓаните, како што се реформите во судството, поддршката за иновации и мали бизниси, и подобрувањето на животниот стандард. Настапувајќи независно, имаме можност да градиме мостови со различни политички субјекти, било од левиот или десниот спектар, со цел да обезбедиме стабилност и напредок за државата. ЛДП е отворена за соработка со сите политички партии во Северна Македонија, без разлика дали се од левиот или десниот спектар, сè додека таа соработка се заснова на конкретни политики и иницијативи кои се во интерес на граѓаните и државата. Сметаме дека, особено во овие предизвикувачки времиња, е важно партиите да се надминат над политичките поделби и да се обединат околу заеднички цели.
Соработката за нас не е прашање на идеолошки компромис, туку на прагматичен пристап за постигнување конкретни резултати. ЛДП ќе продолжи да ја поддржува секоја иницијатива која е во интерес на граѓаните, без оглед на тоа од која партија доаѓа, и ќе остане глас за стабилна, инклузивна и просперитетна Северна Македонија. Што се однесува до предлогот за одложено дејство на уставните измени, ваквиот став го изградивме по обемни консултации и разговори со моите колеги во Европа, бидејќи ваква пракса и претходно постоела. Она што ние го предлагавме е широка интерпретација на заклучоците на Советот, во кои не стои децидна обврска уставните измени да стапат во сила веднаш. Тоа би значело, во фаза на носењето на уставниот закон, да се стави преодна одредба за негово стапување во сила. Овој предлог е резултат на широки консултации со нашите европски партнери и ги повикувам другите партии да го поддржат ваквото решение. Апелирам и за формирање на посебен Совет од сите политички партии кој ќе ги дефинира државните позиции на меѓународен план, без разлика на различните ставови во однос на секојдневните прашања. Тука треба сите да се заложиме и ова прашање да го искористиме за напредок на државата. На државата ѝ е суштински потребно да го започне процесот на преговори по поглавја, да ја стигнеме Албанија, да одиме напред и да ги отвораме тие структурни фондови кои носат повеќе пари и проекти за граѓаните. За ова мора да има консензус и не смееме да размислуваме себично – иднината на државата е најважна.
Уште еднаш ќе повторам, ЛДП делува независно во парламентот и даваме и ќе дадеме поддршка на сите закони што сметаме дека соодветствуваат со нашите програмски заложби и се за доброто на граѓаните. Сакам да истакнам и тоа дека и во претходниот мандат работевме независно – предлагавме наши закони, од кои некои не добија поддршка од нашите коалициони партнери, или бевме против некои кои ги предлагаше мнозинството.
На што конкретно мислите?
– Па еве, на пример ЛДП беше првата партија којашто лани предложи измени на Законот за локална самоуправа и бараше можност, мотивирани од лошите менаџирања на одредени градоначалници, вклучително и градоначалничката на Скопје, да се врати одредбата која што постоела до 2002-рата година, со која граѓаните може да го отповикаат градоначалникот кој ја изневерил нивната доверба. Со ваквата можност граѓаните стануваат главен фактор како во давањето, така и во одзмеањето на јавната функција, со што се минимизира влијанието на партиите, од една, а се зголемува влијанието на електоратот врз избраните претставници, од друга страна. Кога знаат дека можат да бидат отповикани, избраните функционери ќе бидат фокусирани да работат повеќе во интерес на граѓаните.Нашиот предлог лани не наиде на поддршка ниту од позицијата, ниту пак од опоз цијата и тоа е една од главните причини за хаосот во Скопје бидејќи не постои одговорност пред оние кои ја дале својата поддршка на локалните раководства. По цела една година добро е што за оваа наша Иницијатива почнува да се разговара отворено и со политичка волја да се најде ефективно законско решение.
Како пратеник чувствувам сатисфакција за тоа што сум предложила решение да немаме застареност на одговорноста. На 28 април 2023 поднесовме Предлог-измената на кривичниот закон за зголемување на застареноста на делата за корупција. Предлогот беше изигнориран и не беше ниту ставен на дневен ред за гласање, туку сите сложно и преќутно ја намалија границата на застареност. А сега се покажа дека сме имале право, затоа што во меѓувреме „застарееа“ многу кривични дела. Исто така, како пратеник не гласав за одредени законски решенија, како она за Бехтел и Енка. Не поради тоа што тоа е лош проект, се покажува дека тоа е одлична инвестиција и добар проект, но заради начинот на кој што влегуваа законите во Собранието и постоењето на одредено сомнение дека можеби нешто може да биде предмет на коруптивни зделки.
Повторно го доставивте предлог законот за намалување на банкарските провизии кој повторно не помина. Верувате ли дека некогаш ќе успеете? И што друго е во фокусот на делување на ЛДП?
– Предлог-закон за платежни услуги и платни системи го предлагаме со цел да се намалат финансиските притисоци врз домаќинствата и малите бизниси. Во исто време кога граѓаните сè уште трпат огромни последици од економската криза, банките од година во година остваруваат огромни профити. Затоа предлагаме, наместо со интерна банкарска политика, со законско решение да бидат регулирани неоснованите банкарски трошоци и провизии. Како што рековте оваа наша иницијатива, како и некои други иницијативи, иако беа блокирани, остануваат доказ за нашата упорност и посветеност на реформите. Овој закон не помина, но ние нема да се откажеме од намерата со граѓаните, пензионерите, претприемачите, младите, сите заедно ќе работиме да овој закон се донесе во 2025 година.
Што се однесува до тоа што е во фокусот на нашата партија, сакам да кажам дека освен евоинтеграциите, владеење на правото и борбат против корупцијата, ЛДП е партија која секогаш се фокусира на реалните и горливи проблеми на граѓаните, со конкретни предлози и решенија кои имаат за цел да го подобрат секојдневниот живот и да ја движат земјата напред.
Особено внимание посветуваме на младите, кои се двигателите на иднината. Преку поддршка на стартапи, олеснување на пристапот до квалитетно образование и вложување во дигиталната трансформација, се стремиме да создадеме можности кои ќе ги задржат младите дома, наместо тие да ја бараат својата иднина надвор од земјата. Дополнително, во контекст на новите глобални трендови и зголемените психолошки предизвици со кои се соочуваат младите, инициравме измени на Законот за ментално здравје, со кои ќе се овозможат бесплатни сесии за психолошка поддршка. Менталното здравје е од суштинско значење за едно здраво и функционално општество.
Паралелно, како одговор на растечките закани од насилството врз жените, ЛДП предложи измени на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство. Во време кога ваквите случаи се зголемуваат, сметаме дека е неопходно институциите да обезбедат ефикасен систем за заштита на жртвите и превенција од понатамошни злоупотреби. Дополнително, ЛДП има водечка улога во борбата против загадувањето и климатските промени. Ја формиравме Интерпартиската парламентарна група за заштита на природата и борба против климатските промени, која служи како платформа за надпартиска соработка во решавање на овие сериозни проблеми. Нашата работа вклучува иницијативи за зелена енергија, подобро управување со отпад и поддршка за рециклирањето, бидејќи здравата животна средина е предуслов за квалитетен живот. ЛДП останува посветена на реформите кои ќе донесат реални промени во општеството, како и на решенија што ќе обезбедат подобар стандард на граѓаните. Ние веруваме дека само со конкретни политики, заеднички напори и надминување на партиските разлики можеме да изградиме модерно, европско општество кое нуди можности за сите.