Глад во Олешки им се заканува на илјадници цивили заробени во окупираниот град и околните населени места во украинската област Херсон, каде што, според украински извори, од 26 мај нема организирана достава на храна и лекови. Патиштата се минирани, обидите за снабдување и евакуација пропаѓаат, а зимата се приближува без електрична енергија, гас и функционална здравствена заштита.
„Киев индипендент“ повикува на итна меѓународна реакција за отворање хуманитарен пристап до цивилите.
„Светот мора да ја принуди Русија да го запре масовното изгладнување во окупираниот Олешки“, се наведува во текстот на украинскиот медиум.
Олешки се наоѓа на левиот брег на реката Днепар и е под руска окупација од почетокот на целосната инвазија врз Украина. Градот претрпе големи уништувања по уривањето на браната Каховка во јуни 2023 година, кога водата поплави населени места на двата брега на реката.
Пред војната во Олешки живееле околу 24.000 луѓе, а украинските власти проценуваат дека денес во градот останале приближно 2.000 жители. Во пошироката општина, каде што пред руската инвазија имало околу 40.000 жители, можеби сè уште се наоѓаат до 6.000 луѓе, меѓу кои околу 200 деца.
Според Харковската група за човекови права, редовното снабдување почнало да запира уште кон крајот на 2025 година, а последната продавница во градот била затворена во јануари. Последната организирана достава на храна и лекови, заедно со евакуација на дел од населението, била спроведена на 26 мај 2026 година.
Украинскиот Национален центар за отпор тврди дека руските сили ги минирале патиштата и приодите кон градот и дека на контролните пунктови се враќаат возилата што се обидуваат да достават храна. Поради окупацијата и информациската блокада, овие тврдења не можат целосно да се проверат од независни новинари на терен.
Жителите преживуваат со преостанатата зимница, со она што успеваат да го одгледаат во дворовите и со ловење диви животни и птици. Според сведоштва собрани од локалните украински власти, дел од населението било принудено да јаде фазани, гулаби и импровизирани замени за храна.
Излегувањето од домовите носи дополнителен ризик поради мините, гранатирањето и нападите со беспилотни летала. Постарите лица, болните и луѓето со ограничена подвижност имаат најмали можности сами да најдат храна или да го напуштат градот.
Во Олешки работи само една клиника, но без електрична енергија, основна дијагностичка опрема, антибиотици и лекови против болки. Транспортот на пациентите до друга болница е речиси невозможен поради минираните патишта и постојаната опасност од напади.
Според извештај на Набљудувачката мисија на Обединетите нации за човекови права во Украина, цитиран од Националниот музеј на Холодомор-геноцидот, во текот на 2026 година во Олешки и соседниот град Хола Пристан биле убиени најмалку 29 цивили, а 54 биле повредени. Најголем дел од жртвите биле поврзани со напади со беспилотни летала.
Украинскиот омбудсман Дмитро Лубинец соопшти дека досега се проверени податоците за 358 лица на кои итно им е потребна безбедна евакуација. Тој тврди дека украинската страна ги подготвила процедурите и условите за прекин на огнот за време на хуманитарната операција, но дека Русија сè уште не потврдила дека е подготвена да ја спроведе.
Дел од жителите се обидуваат пеш да излезат од градот, движејќи се низ минирани полиња и изложувајќи се на опасност од експлозии и напади со дронови. Руските окупациски власти претходно ја признале критичната состојба, но не организирале масовна евакуација, наведуваат украинските извори.
Националниот музеј на Холодомор-геноцидот го повика Меѓународниот комитет на Црвениот крст да обезбеди хуманитарен пристап и безбедно извлекување на цивилите. „Киев индипендент“ во својот уводник бара меѓународната заедница да изврши притисок врз Москва за достава на храна, вода и лекови и за отворање маршрути за евакуација.

