Македонија треба да гради иднина во која етничките тензии, политичките манипулации и поделбите нема да бидат замена за конкретни резултати, порача премиерот Христијан Мицкоски по повод 25 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
Во објава на социјалните мрежи, Мицкоски наведува дека Рамковниот договор различно се доживува и толкува во општеството, но дека минатото не треба да се приспособува на дневната политика. Според него, обврска на државата е од историските настани да извлекува поуки и да гради систем во кој различностите нема да создаваат нови поделби.
Премиерот оценува дека повеќе од две децении по договорот, приоритетите на граѓаните се променети. Функционални институции, еднаквост пред законите, подобро образование и здравство, повисок животен стандард, економски развој и можност младите да ја градат иднината дома, според него, треба да бидат темите околу кои ќе се обединува општеството.
„Време е политиката сè помалку да се занимава со тоа што нè разделува“, порача Мицкоски, додавајќи дека вредноста на човекот треба да се мери според знаењето, трудот, чесноста и придонесот кон заедницата, а не според неговото потекло.
Според него, потребна е држава во која институциите ќе му служат на граѓанинот, а напредувањето ќе зависи од способноста и резултатите. Истовремено, како една од главните задачи ја посочува изградбата на заедничко чувство на припадност и одговорност кон Македонија.
Мицкоски порачува дека минатото не може да се промени, но може да се избере каква држава ќе им биде оставена на следните генерации. Според него, иднината треба да биде ослободена од етнички тензии и поделби, а фокусот да се префрли на работа, развој, ред, меѓусебна почит и посилни институции.
Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година, по конфликтот истата година, а неговите решенија донесоа промени во Уставот и законите поврзани со правичната застапеност, употребата на јазиците, локалната самоуправа и правата на заедниците.
