Министерството за внатрешни работи повикува на информативен разговор лица кои на социјалните мрежи објавувале или споделувале тврдења дека водата во Скопје не е безбедна за пиење поради наводно присуство на бактеријата ешерихија коли. Секторот за компјутерски криминал веќе ги утврдува профилите од кои биле објавувани ваквите информации.
„Се утврдуваат профилите на лицата и истите се повикуваат на информативен разговор. По завршување на истражните дејствија соодветно ќе ја информираме јавноста“, соопштија од МВР за МИА.
Објавите за наводно присуство на ешерихија коли во скопскиот водовод вчера брзо се проширија на социјалните мрежи. Информациите потоа беа демантирани од ЈП „Водовод и канализација“, Министерството за здравство и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„Водовод и канализација“ објави резултати од дополнителни анализи според кои во земените примероци нема присуство на ешерихија коли и соопшти дека водата е исправна и безбедна за пиење и употреба.
Ѓорѓиевски, пак, тврди дека станува збор за намерно ширење дезинформации и создавање паника. Тој ги поврза објавите со, како што рече, „одредени центри на опозицијата“, без притоа да посочи конкретни лица.
МВР засега не соопштува колку лица се повикани на разговор, ниту дали против некого е поведена постапка. Од Министерството најавуваат повеќе информации по завршувањето на истражните дејствија.
