На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип денеска почна првиот уписен рок за академската 2026/2027 година. На кандидатите им се достапни 47 акредитирани студиски програми на 12 факултети и три академии.
За новата академска година се предвидени вкупно 3.341 слободно место, од кои 1.629 за редовни студенти, а останатите за вонредни студенти и за студирање со кофинансирање. До почетокот на уписите биле поднесени околу 1.000 електронски пријави.
Најголем интерес и годинава има за Факултетот за медицински науки, информира проректорот за настава Сашо Коцевски. Интерес има и за Економскиот и Правниот факултет, Факултетот за туризам и бизнис логистика, како и за информатичките, природно-техничките и земјоделските студиски програми.
Првиот уписен рок трае до 21 август. Кандидатите најпрво се пријавуваат електронски, а потоа потребните документи ги доставуваат и во физичка форма на уписните места во Штип, Скопје, Струмица, Гевгелија и Кавадарци.
Прелиминарните резултати ќе бидат објавени на 26 август, а конечните ранг-листи на 31 август. Запишувањето на примените кандидати ќе се врши од 1 до 3 септември.
За оние што нема да се пријават во првиот рок, вториот е закажан за 3 и 4 септември, а третиот за 16 и 17 септември.
