Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје отвора 8.851 место за нови студенти во академската 2026/2027 година. Првиот рок за пријавување е на 18 и 19 август, а кандидатите ќе можат да избираат студиски програми на 23 факултети.
Од вкупниот број места, 4.395 се предвидени за редовни студенти во државна квота, 3.621 за студенти со кофинансирање и 835 за вонредни студенти.
Најмногу бруцоши ќе може да запише Медицинскиот факултет – 950. На ФИНКИ се предвидени 800 места, на Филолошкиот факултет 805, на Економскиот 655, на Филозофскиот 635, а на Природно-математичкиот факултет 626 места. ФЕИТ и Машинскиот факултет располагаат со по 600 места, додека Правниот факултет ќе може да прими 555 нови студенти.
Студентите примени во државна квота ќе плаќаат надомест од 200 евра во денарска противвредност, додека школарината за студентите со кофинансирање и за вонредните студенти изнесува 400 евра.
По завршувањето на првиот рок, конечната ранг-листа треба да биде објавена на 27 август, а запишувањето на примените кандидати ќе се врши на 3 и 4 септември. Вториот уписен рок е предвиден за 10 и 11 септември, а трет рок ќе има на 23 септември на факултетите каде што ќе останат слободни места.
Пред поднесувањето на документите, кандидатите треба електронски да се регистрираат преку системот за уписи на УКИМ и да ја пополнат пријавата во iKnow. Потоа документацијата се поднесува во службата за студентски прашања на факултетот на кој кандидатот сака да се запише.
Новата академска година на УКИМ почнува на 1 октомври.
