Соња ТАНЕСКА
За жал не престануваат скандалите во македонското здравство, а граѓаните секојдневно се изложени на недоволна грижа и третман. Редици во ходниците, мој термин се полошо функционира, нема соодветни лекови. Во текот на неколку месеци четири бебиња починаа на Детската клиника, што дополнително го отвори прашањето за одговорноста и условите во здравствената установа.
Како и во претходните три, здравствените инспектори не најдоа лекарска грешка и во случајот со починатото 7-месечното бебе во декември минатата година, а за министерот за здравство Арбен Таравари, среќа е што нема одговорност кај неговите колеги од Детската клиника. Државниот здравствен инспектортат пак најде пропусти кои подолг временски период се провлекуваат, а тоа се потпишани доктори на извештаите кои не се присутни при преглед на пациентите. Родителите на детето се револтирани бидејќи според нив лекарите требало да ги задржат во болница, а не да ги пуштат дома и најавуваат тужби.
„Ми беше многу тешко кога во понеделникот го однесовме детето со мала температура и осип по телото, а лекарите не нè задржаа во болница. Зошто тогаш не го хоспитализираа и не повикаа специјалисти од други клиники за да утврдат што е проблемот? Ги прашував што се случува, но ми одговараа дека температурата ќе помине,“ изјави Влатко Трпковски, татко на починатото бебе.
Рацин.мк испрати прашања до Министерството за здравство како е возможно да нема никакви пропусти во третманот на седумесечното бебе, а здравствениот инспекторат да утврди низа пропусти на Детската клиника каде и по неколку укажувања сè уште не е решен проблемот со задолжителното присуство на специјалисти во дежурната амбуланта, и покрај тоа што за овој недостаток веќе се води прекршочна постапка.
Дополнително во извештајот на ДЗИ се велили дека медицинската документација продолжува да се креира од доктори кои не се присутни на работа – практика за која инспекторатот претходно издаде решение. Констатирани се и неправилности во приемот на итни пациенти, поради што клиниката и одговорното лице се соочуваат со парични казни.
-Заклучокот на стручната комисија која е составена од врвни и еминенти експерти меѓу кои и професори со над 30 годишно искуство во различни специјалности вклучувајќи детски невролог, специјалисти педијатри и инфектолог констатира дека нема пропуст нема во стручната работа на докторите на Детската клиника и дека пациентот е соодветно лекуван согласно поставената работна дијагноза и согласно упатствата на медицина базирана на докази. Забелешките кои ги констатира стручната комисија се од аспект на евиденција односно направен е технички пропуст кога е работена од профилот на друга дежурна докторка и за ова од страна на ДСЗИ веќе има поднесено соодветек поднесок. Комисијата го потврдува фактот дека детето било прегледано од специјалист, велат од МЗ за Рацин.мк.
Тие додаваат дека со цел вистинитост и објективност во постапката потребно е да се почека и наодот од обдукција.
Седуммесечно бебе почина на Детската клиника во Скопје средината на декември, а родителите тврдат дека органите на детето почнале да откажуваат додека чекало хоспитализација. Претходно, 14-месечно бебе ја загуби битката со бронхопневмонија, иако родителите повеќепати барале помош во различни здравствени установи. Комисијата на Министерството за здравство тогаш утврдила дека лекарите на Детската клиника и болницата во Козле направиле грешки во проценката на здравствената состојба. Во изминатиот период на Детската клиника починаа и повеќе други деца, меѓу кои новороденче од Струмица старо само 8 дена и 4-месечно бебе од Струга.