Македонските превозници не треба да потпаѓаат под влијание на, како што рече, „пропагандата која главно доаѓа од Србија“, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Според него, Македонија не треба проблемот со престојот на професионалните возачи во Шенген зоната да го решава заедно со другите земји од Западен Балкан, туку преку сопствени билатерални договори.
„Една е позицијата на Македонија, а друга на останатите држави од Западен Балкан. Ние го решаваме индивидуално, имаме решенија и ако другите држави немаат решенија, тоа е нивен проблем“, рече Николоски во интервју за Телма.
Тој додаде дека Владата веќе има договори со Швајцарија, Хрватска и Романија за долгорочни работни визи за професионалните возачи, додека разговори се водат и со Австрија, Германија и Унгарија. Според Николоски, фокусот е ставен на земјите во кои македонските транспортни компании најмногу извезуваат или низ кои транзитираат.
Изјавата доаѓа по состанокот на транспортните компании од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора во Скопје, на кој беше најавено дека доколку до 1 септември Европската Унија не понуди барем привремено решение, превозниците ќе започнат со радикални протести и блокади. Поддршка за заедничките барања имаат и превозници од Албанија и Косово.
Проблемот произлегува од правилото според кое професионалните возачи од земји надвор од Шенген зоната можат да престојуваат најмногу 90 дена во период од 180 дена. Превозниците бараат или целосно изземање од ова ограничување, како кај одредени други професии, или времето поминато во Шенген да се пресметува во часови и минути наместо секој влез и излез да се смета како цел ден.
Николоски вели дека конечното системско решение сепак треба да го понуди Европската комисија, со која досега биле одржани повеќе состаноци, но додека тоа се случи Владата ќе продолжи со билатерални договори со земјите од Шенген зоната.
