Ако власта избере замрзнување на важните процеси, ќе се исправи ризикот Македонија да остане заглавена во истиот круг на неизвесност, оддалечувајќи се од европскиот пат и приближувајќи се кон моделот на долготрајна стагнација што веќе може да се види во делови од регионот. Србија, на пример.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Кога ВМРО-ДПМНЕ ја водеше изборната кампања, едно од најсилните оружја во политичката реторика беше ветувањето дека ќе ја исправи, како што ја нарекуваше, „историската неправда“ направена со Преспанскиот договор. Во јавноста се создаваше впечаток дека доаѓањето на власт автоматски ќе отвори простор за враќање на старото уставно име и за ревизија на договорот со Грција.
Но, веднаш по преземањето на власта стана јасно дека таквите ветувања немаат допирна точка со реалноста. Името остана исто. Република Северна Македонија остана официјалното уставно име на државата, признато и употребувано во меѓународните односи, во НАТО и во сите официјални документи.
Разликата меѓу предизборната реторика и постизборната реалност беше толку голема што отвори сериозни прашања дали ветувањата биле дадени со свесност дека не можат да бидат исполнети.
Ветувањето за поништување на Преспанскиот договор се судри со меѓународното право
ВМРО-ДПМНЕ со години тврдеше дека Преспанскиот договор може да биде поништен кога ќе дојде на власт. Меѓутоа, кога ја презеде одговорноста за управување со државата, се соочи со фактот дека станува збор за меѓународен договор ратификуван од двете држави и вграден во меѓународниот правен поредок.
Наместо најавуваното поништување, следуваше тивко прифаќање на фактичката состојба. Владата не презеде ниту еден конкретен чекор за раскинување на договорот, свесна дека таков потег би предизвикал сериозни последици врз меѓународната позиција на државата, нејзиното членство во НАТО и односите со стратешките партнери.
Така уште едно клучно ветување заврши како политички слоган без реална можност за спроведување.
Обидот да се избегнува уставното име донесе дипломатски лекции
Во првите месеци од владеењето, дел од функционерите на ВМРО-ДПМНЕ се обидоа да демонстрираат дистанца од Преспанскиот договор преку избегнување на употребата на уставното име Северна Македонија.
Но, реакциите не доцнеа. Од соседните држави, од институциите на Европската Унија и од меѓународните партнери стигнаа јасни пораки дека Преспанскиот договор мора да се почитува во целост.
Практично, Владата доби дипломатска лекција дека меѓународно верификуваните договори не можат да се толкуваат селективно. Почитувањето на договорот подразбира и почитување на сите негови одредби, вклучително и употребата на уставното име.
Ветувањето за деблокирање на евроинтеграциите остана неисполнето
Еден од најсилните аргументи на ВМРО-ДПМНЕ беше дека ќе го „откочи“ европскиот пат на државата веднаш по доаѓањето на власт. Во јавноста се создаваше впечаток дека постојат нови дипломатски канали и нови стратегии кои ќе овозможат брз напредок.
Наместо тоа, Македонија остана заглавена на истото место.
Одбивањето да се спроведат уставните измени, кои претставуваат преземена обврска во преговарачката рамка со Европската Унија, дополнително го усложни процесот. Наместо приближување кон отворање на поглавјата, земјата остана во политички и дипломатски застој.
Така ветувањето за брза деблокада се претвори во уште една неисполнета политичка обврска.
Илузијата за специјални врски со администрацијата на Трамп
По победата на Доналд Трамп на американските избори, власта создаде наратив дека располага со значајни контакти и влијание во новата американска администрација.
Во јавноста беа пласирани очекувања дека токму тие врски ќе помогнат во решавањето на клучните надворешнополитички предизвици на државата.
Но, реалноста беше поинаква. Не се појави ниту една конкретна иницијатива, ниту пак некаква промена во американските позиции кон Македонија. Напротив, стана јасно дека Македонија, како посебен ентитет не е меѓу приоритетите на Вашингтон и дека во американската политика нашата земја е само дел од регионот кон која политиките на САД остануваат непроменети без оглед на партиските промени во Белата куќа.
„Сојузниците“ во ЕУ останаа само реторичка конструкција
Следната стратегија беше градење на наратив дека Владата има нови сојузници во Европската Унија кои ја разбираат нејзината позиција и ќе помогнат во надминување на спорот со Бугарија.
Но, освен изјави за поддршка и дипломатска куртоазија, не се појави ниту еден конкретен резултат. Нема нов предлог, нема нова преговарачка рамка, нема сигнал дека Европската Унија ќе отстапи од веќе договорените обврски.
Резултатот е очигледен: процесот не е деблокиран, туку дополнително е усложнет.
Во таа смисла сега е јасно дека напразно било задоволството од средбите со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц, на кои меѓу другото се разговарало и за уставните измени. Мицкоски во изјава за медиумите на Самитот Европската Унија- Западен Балкан во Тиват, Црна Гора, рече дека земјите членки имаат разбирање за нашите ставови.

Сега засега нема ништо од тоа „разбирање“, а Франција, всушност, прва реагираше на палењето на автомобилите на бугарските дипломати. Од Француската амбасада изразија целосна солидарност со персоналот на Амбасадата на Бугарија и порачаа дека безбедноста на дипломатските мисии мора да биде гарантирана во секое време.
Од „брза деблокада“ до „ако треба и децении“
Особено впечатлива е трансформацијата на реториката на премиерот Христијан Мицкоски.
Од ветувања за брзо решение и деблокада, јавноста стигна до пораката дека „ако треба и децении нека поминат, нема да отстапиме без гаранции“.
Таквата позиција претставува суштинско отстапување од предизборните ветувања. Наместо стратегија за напредок, се промовира стратегија на чекање, без јасен рок и без јасна перспектива за успех.
Од политика на застој кон политика на конфронтација
Последната изјава на Мицкоски, во која граѓаните се повикуваат да се подготват за „маратон“ за исправување на „предавството“ од минатото, покажува дополнителна радикализација на позицијата.
Наместо барање излез од ќор-сокакот, вниманието повторно се насочува кон историски пресметки и политички квалификации.
Прашањето е дали таквиот пристап носи решение или само ја продлабочува изолацијата на државата.
Лекцијата од Преспа: Тешките спорови се решаваат со политичка храброст
Осум години по потпишувањето на Преспанскиот договор повторно се отвора прашањето што навистина го направи можно неговото постигнување.
Зоран Заев и Алексис Ципрас не го решија спорот затоа што беше лесен. Го решија затоа што беше тежок. Тие презедоа политички ризици кои нивните претходници со години ги избегнуваа.
Токму затоа Преспанскиот договор денес останува пример дека и најкомплицираните регионални спорови можат да се надминат кога постои политичка волја и визија што гледа подалеку од следните избори.
Национална стратегија или партиска позиција?
Клучниот проблем денес е што позицијата на Владата сè повеќе се претставува како единствена можна национална стратегија.
Но, за тоа прашање не постои општ политички и општествен консензус. Голем дел од јавноста, академската заедница и политичките чинители сметаат дека продолжувањето на европските интеграции е повисок национален интерес од одржувањето на статус кво состојбата.
Оттука се поставува прашањето дали Владата има право својата партиска стратегија да ја претставува како единствен пат за државата.
Кој ја презема одговорноста за „маратонот“?
На крајот останува најважното прашање.
Ако од Брисел пораката е јасна – дека по усвојувањето на уставните измени веднаш може да се организира втората меѓувладина конференција и да започне процесот на отворање на поглавјата – тогаш кој ја презема одговорноста за пролонгирањето на процесот?
Кој му дава право на премиерот да ги воведе граѓаните во политички „маратон“ со неизвесен крај?
Доколку не е подготвен да преземе политички ризик за решавање на проблемот, логично се поставува и прашањето дали е подготвен да ја преземе политичката одговорност за последиците од таквата политика.
Македонија пред избор: европска интеграција или балканска стагнација
Денес дилемата е многу појасна отколку пред една година.
Европскиот пат е тежок. Тој отсекогаш бил тежок, а на државата, односно на актуелната политичка гарнитура останува да избере политика на решавање проблеми или политика на нивно замрзнување.
Ако го ја избере втората опција, односно замрзнување на важните процеси, ќе се исправи ризикот Македонија да остане заглавена во истиот круг на неизвесност, оддалечувајќи се од европскиот пат и приближувајќи се кон моделот на долготрајна стагнација што веќе може да се види во делови од регионот.
Србија, на пример.
