По бурните реакции за погрешно прикажаниот државен симбол на прославата во Охрид, синоќа во Битола на сцената на „Силно светнал ден“ се појави официјалното македонско знаме – со сонце со осум зраци. Корекцијата доаѓа два дена по првиот настан од владиниот караван, но без јавно извинување од Владата за пропустот.
Спорот почна по концертот во Охрид на 9 август, каде на сценографијата и видеобимовите беше прикажан симбол што наликува на државното знаме, но со повеќе од пропишаните осум сончеви зраци. Фотографиите и снимките предизвикаа бројни реакции во јавноста и политички обвинувања за несоодветен однос кон државните симболи.
Од ВМРО-ДПМНЕ тогаш ги отфрлија критиките, тврдејќи дека не станувало збор за погрешно знаме, туку за „уметничка инсталација“ во која повеќекрако сонце визуелно се претопува во македонското знаме со осум краци.
Опозицијата, пак, побара одговорност и објаснување кој ја изработил сценографијата и колку чинела прославата. СДСМ потсети и дека Законот за употреба на грбот, знамето и химната предвидува прекршочна одговорност за неправилно истакнување на државното знаме на јавен настан.
Синоќа, на вториот настан од караванот во Битола, дилемата повеќе ја немаше – на сцената беше поставено македонското знаме во неговиот официјален изглед, со осум сончеви зраци. Караванот „Силно светнал ден“, организиран по повод 35 години од независноста, од Охрид продолжи во Битола, а следната станица е Велес.
