Министерството за надворешни работи и надворешна трговија објави дежурни телефонски броеви за македонските државјани кои се наоѓаат во подрачјата зафатени со пожарите во Грција и имаат потреба од итна помош.
Граѓаните можат да се обратат на дежурниот број на Министерството +389 75 268 736, како и на броевите на Конзулатот на Македонија во Солун +30 694 526 8068 и +389 71 323 001. МНР објави и електронска адреса за контакт.
Апелот следува по пожарите кои зафатија делови од Грција, меѓу кои и Халкидики, каде што има голем број македонски туристи. Дел од нив веќе телефонски се обратиле до Конзулатот во Солун и побарале информации и помош.
Особено сериозна беше состојбата во Сивири, на Касандра, каде огнот се приближи до куќи и туристички објекти. Поради опасноста биле организирани евакуации по копнен и по морски пат, а повеќе од 300 лица биле извлечени со чамци.
Во гаснењето биле вклучени повеќе од 140 пожарникари, девет авиони и седум хеликоптери, а силниот ветер дополнително го отежнувал ставањето на пожарот под контрола. Еден пожарникар бил повреден.
Од МНР засега немаат официјална информација колку македонски државјани биле евакуирани од погодените места. Министерството соопшти дека ја следи состојбата преку дипломатско-конзуларното претставништво во Солун и е во комуникација со грчките институции.
Македонските граѓани кои се наоѓаат во загрозените подрачја се повикуваат внимателно да ги следат информациите и да ги почитуваат инструкциите на локалните власти, особено наредбите за евакуација.
