СДСМ бара власта веднаш да ги објави официјалните анализи за квалитетот на водата во Гостивар и јавно да соопшти кој ги потпишал резултатите и која институција гарантира дека водата е безбедна за пиење.
Членката на Извршниот одбор на СДСМ, Наташа Поповиќ, на прес-конференција изјави дека граѓаните и по пет недели немаат увид во официјалните документи за исправноста на водата.
„Ако сè е во ред, тогаш прашањето е многу едноставно: зошто пет недели нема официјално објавени резултати од анализите на водата во Гостивар? Зошто документите се кријат од јавноста? Кој ги потпишал анализите? Која институција официјално гарантира дека водата е безбедна за пиење?“, праша Поповиќ.
Од СДСМ тврдат дека граѓаните на Гостивар 22 дена биле изложени на неисправна вода и дека повеќе од 5.000 лица побарале медицинска помош. Партијата повторно побара надлежните институции да ги објават сите резултати од анализите.
Поповиќ се осврна и на изјавата на министерот за здравство Азир Алиу дека анализите се прават секојдневно.
„Ако анализите се прават секој ден, каде се резултатите и зошто не се објавени?“, рече таа.
СДСМ ја критикуваше и партиската прослава на ВМРО-ДПМНЕ во Гостивар, оценувајќи дека на граѓаните во моментов им се потребни одговори за водата, а не „партиски прослави и здравици“.
