Советничка влезе во дупка во центарот на Битола

ФОТО КОЛАЖ: СДК.мк

Дупка на една од најфреквентните улици во центарот на Битола, која со денови стоела обезбедена само со пластична сигнализација, утрово почна да се санира откако советничка од СДСМ синоќа влезе во неа за јавно да укаже на опасноста.

Станува збор за оштетување на улицата „Пеце Матичевски“, во близина на Центарот за култура, Народниот театар и на само неколку чекори од Широк Сокак.

Советничките на СДСМ, Јадранка Павловска и Софија Ристевска-Петрушева, објавиле видео од локацијата. Павловска посочила дека во дупката претходно пропаднало и возило, додека Ристевска-Петрушева влегла во ископот и прашала дали ваквата состојба е безбедноста што ја заслужуваат битолчани.

„Оваа дупка е во близина на Народниот театар и во близина на едно од најстарите училишта во нашата држава. Зарем ова е безбедноста што ја заслужуваат битолчани?“, изјавила Ристевска-Петрушева.

Утрово екипи на јавните претпријатија почнале со интервенција на локацијата.

Од Општина Битола велат дека оштетувањето кај комплексот „Пелагонка 2“ било евидентирано и претходно, по што ЈП „Нискоградба“ поставило сигнализација и започнало со испитување за да се утврди дали проблемот е поврзан со водоводната или канализациската мрежа.

По утврдувањето на причината, најавена е интервенција во координација меѓу надлежните јавни претпријатија. Од Општината додаваат дека обилните дождови во изминатиот период предизвикале оштетувања на повеќе улици низ Битола и дека екипите работат на нивно санирање.

Битола во последниот период повеќепати се соочуваше со проблеми на улиците по силните врнежи. Во јули порој оштети делови од улицата „Дебарска“, а вода, земја и камења завршија на околните улици и предизвикаа штети на возила и објекти.

Опозициските советници од СДСМ, Поинаку, ЛДП и Левица во последните денови почнаа и самостојно да објавуваат снимки од комунални и инфраструктурни проблеми низ градот, додека Општина Битола најави засилени инспекциски контроли, вклучително и во вечерните часови и за време на викендите.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?