Општина Струга има долг од околу пет милиони евра само врз основа на извршни постапки, додека конечната сума може да биде и поголема бидејќи дополнителни обврски сè уште се предмет на постапки и на нив се пресметуваат камати и други трошоци, изјави градоначалникот Менди Ќира.
„Долгот кој е врз основа на извршни постапки изнесува пет милиони евра, додека останатите долгови се екстра и не се документирани, бидејќи се во тек постапки во кои се пресметуваат и други трошоци“, рече Ќира.
Според него, локалната власт во моментов е фокусирана на сервисирање на потврдениот долг од пет милиони евра, кој го оцени како сериозен товар за развојот на општината.
Финансиските проблеми веќе се одразуваат и врз тековното функционирање. Превозници на ученици од неколку струшки села неодамна најавија бојкот поради неплатени обврски. Само долгот за превоз на учениците во основните училишта изнесува околу 3,43 милиони денари, односно приближно 55.000 евра.
Ќира тврди дека станува збор за долг наталожуван со години и дека по неговото преземање на функцијата веќе биле исплатени околу 1,4 милиони денари. Со превозниците е договорено преостанатиот износ да се исплаќа етапно.
Долгови има и во образованието. Според податоци што Општината ги објави на почетокот на годинава, училиштата на нејзина територија ја завршиле 2025 година со обврски од околу половина милион евра.
Финансиската состојба на Струга беше во фокусот и минатиот месец, кога службеното „ауди А6“, набавено во времето на поранешниот градоначалник Рамиз Мерко за околу 67.000 евра, беше продадено на аукција за 22.000 евра. Возилото претходно било запленето од извршител поради неподмирени обврски на Општината, а парите од продажбата беа наменети за намалување на долгот.
Во тој период дел од медиумите, повикувајќи се на локалната власт, објавуваа проценка дека вкупниот јавен долг на Општина Струга достигнува околу седум милиони евра. Сегашната изјава на Ќира попрецизно издвојува пет милиони евра потврден долг по извршни постапки, додека за останатите обврски сè уште нема конечна сума.
