„Икарус“ повторно победи на тендерот за набавка на 150 електрични автобуси, од кои 100 се предвидени за Скопје, но по повторувањето на постапката цената на еден автобус порасна за околу 8.000 евра. Заедничката понуда на унгарскиот производител и ЕВН изнесува околу 51 милион евра без ДДВ.
На електронската аукција била понудена цена од приближно 322.000 евра без ДДВ за еден автобус, додека една станица за полнење ќе чини околу 33.000 евра. На првиот тендер, кој подоцна беше поништен, цената на еден автобус од истиот производител изнесуваше околу 314.000 евра.
Тоа значи дека по пропаѓањето и повторувањето на постапката, истиот понудувач повторно е предложен за победник, но со повисока цена по возило. Кај 150 автобуси, разликата од околу 8.000 евра по автобус би значела приближно 1,2 милиони евра повисока сума само за возилата, доколку се споредуваат објавените единечни цени од двете постапки.
На повторениот јавен повик биле доставени четири понуди. По проверката на документацијата, само турската компанија БМЦ и конзорциумот на „Икарус“ и ЕВН ги исполниле условите за учество на електронската аукција. Комисијата потоа ја избрала понудата со најниска цена.
Првиот тендер беше поништен по службена должност од Државната комисија за жалби по јавни набавки. Поништувањето ја врати набавката на почеток и дополнително го одложи пристигнувањето на возилата, во период кога јавниот превоз во Скопје се соочува со недостиг од автобуси, доцнења и преполни линии.
Постапката сè уште не е целосно завршена. По изборот следува рок од десет дена за поднесување жалби, а договорот може да биде потпишан само доколку одлуката не биде оспорена или поништена.
Според тендерските услови, првите 30 автобуси треба да бидат испорачани најдоцна шест месеци по потпишувањето на договорот. Следните 60 се очекуваат во рок од 12 месеци, а преостанатите 60 во рок од 18 месеци. Од вкупната набавка, 100 автобуси треба да останат во Скопје, додека другите 50 ќе бидат распределени во други општини..
