Во интервју за ТВ Канал 5, известувачот за Македонија во Европскиот парламент Томас Вајц вели дека Владата во Скопје нема затворено 8 од 10 точки од реформската агенда, а тие треба да се затворат, односно да се финализираат до јуни.
„Јуни е многу блиску и јас многу се надевам дека владата ќе успее да ги исполни. Во последните седум недели гледаме некаков напредок. Во меѓувреме говориме за 49 милиони евра, а како што кажав само две од 10 точки се целосно исполнети“, рече Вајц во интервјуто.
Тој посочи дека некои работи се сѐ уште во тек, како што се платите на обвинителите и на судиите, но и за останатите што работат во институциите.
„Сѐ уште има отворени прашања за енергијата…, сѐ уште има осум конкретни точки што треба да бидат финализирани или завршени. Времето е кратко, но јас не се откажувам од надежта дека Владата ќе успее зашто навистина би било штета ако Северна Македонија не ги добие овие речиси 50 милиони евра од Планот за раст и тие пари потоа би биле распоредени во други земји во регионот“, предупредува Томас Вајц.
Во однос на протколот од Договорот за пријателство и соработка со Бугарија и прашањето дел е од преговарачката рамка, Вајц рече дека тоа е правно прашање.
„Јас не фаќам ничија страна, без разлика дали едната или другата интерпретација е вистинска. Но, фактот што има различни интерпретации и нема целосна јасност од страна на Советот на ЕУ ме мотивираше да го предложам овој амандман. Тој е сѐ уште во текстот, да видиме дали ќе ги „преживее“ и конечните преговори“, рече Вајц.
На инсистирањето на водителот дали амандманот ќе преживее, Вајц рече дека „можеби ќе биде модификуван дополнително“.
„Потребна ни е јасност за тоа што ЕУ очекува од Северна Македонија да исполни. Ова треба да биде разјаснето и гледам дека веќе предизвика дискусии во Советот на ЕУ, слушам дека има дискусија меѓу дипломатите, во Европската Комисија. Дали ќе помине или не е прашање на мнозинство, јас го подготвувам извештајот, го преговарама извештајот, но последната одлука е секогаш демократска. Убеден сум дека ќе најдеме заеднички јазик за ова прашање“, смета Вајц.
Во однсо на прашањето за македонскиот јазик, Вајц рече дека сфаќа дека тоа е особено емотивно прашање за двете страни, но дека останува на ставот дека билатералните прашања треба да се решаваат билатерално.